Дали чистите масла и путери се комедогени за кожата?


Во една од претходните статии напоменав дека не треба да се плашиме од чистите масла затоа што не сите масла или путери се исти.  Дали постојат состојки кои се “главни виновници“ за создавањето на црнки на лицето, како да ги препознаваме и што треба да избегнуваме? На оваа тема истражував веќе подолго време, читав разни испитувања од стручни лица на ова поле, а со одредени состојки експериментирав врз сопствената кожа со цел да го воочам ефектот и дејството особено на маслата кои се сметаат за комедогени.
Ајде најнапред да разјасниме (на наједноставен можен начин без стручни зборови и термини) што всушност се подразбира со зборот комедогено.

Комедонот може да биде бел (отворен) или црн (затворен) и претставува запушување на порите на површината на кожата. Значи комедоните се формираат затоа што порите се полнат со “материјал“ кој може да биде производ на самата кожа или пак понекогаш под влијание на состојки кои се аплицираат врз самата кожа. Значи една состојка може да се нарече комедогена, само доколку премногу ја масти кожата и предизвикува појава на акни.


Според она што досега го научив истражувајќи на оваа тема и она што го искусив на сопствената кожа, може да кажам дека комедогено е различно за секој од нас и многу зависи од видот на кожата на секој поединец. Затоа јас сум од оние типови кои велат дека ниедна состојка не е комедогена и секоја состојка е потенцијално комедогена. Сѐ зависи од кожата на која ја нанесуваме и каква реакција ќе предизвика врз самата кожа. Ако јас имам сува кожа, крем со маслиново масло на втората позиција ќе биде повеќе од добредојдено, доколку кај масна кожа би можело да биде многу комедогено.

Во продолжение на оваа статија ќе говориме само за чистите масла и путери со оглед на тоа што се главни состојки во органската козметика (нема да се задржиме на синтетичките состојки или нафтените деривати)

Што се однесува до комедогеноста на чистите масла, путери и восоци, имам прочитано еден куп статии па дури и листи со оцена за комедогеност од 0 до 5. Стручњаците кои долги години истражуваат на оваа тема не може да се согласат околу потенцијалната комедогеност на секоја состојка поединечно и секако мислењата се подвоени.


Според мене кога станува збор за комедогеност на овие состојки важи правилото дека секоја кожа реагира различно на состојките. Еве на пример, во едно американско истражување прочитав дека кокосовото масло има оцена 4 за комедогеност и сите се плашат да го мачкаат затоа што ќе им предизвика појава на акни. Јас лично го нанесував лани во текот на зимскиот период секојдневно, по двапати дневно наместо крем за лице, и мене комплетно ми го исчисти лицето и одлично ја заштити кожата за време на огромните студови. Истиот ефект го имаше и кај сестра ми. Кај некои девојки на кои им го препорачав имаше ист ефект како кај мене, додека кај други обратен ефект. На некои од нив воопшто не им одговараше и кожата брзо им се мастеше. Исто и со маслото од роза москета. Се смета за високо комедогено со оглед на тоа што е доста хранливо, меѓутоа еве веќе цел месец го користам и кај мене лесно се впива и одлично ја храни кожата. Имам забележано дека маслиновото масло е потешко за мојата кожа и светеше откако ќе го нанесев, ама тоа не значи дека сироткото масло веднаш го доби епитетот комедогено, туку дека мојата кожа не го прифаќа. Можеби кај некој друг со многу сува кожа ќе биде спас.


Во продолжение сакам да ви дадам една табела на сите масла и путери во која ќе ги поделиме состојките на лесни, медиум и тешки со цел да имате една претстава за нивната густина.


Многу лесни масла (густина до 0.900)
          1.      Јојоба 0,865
          2.      caprylic / capric triglycerides 0,900
Лесни масла (густина од 0,901 до 0, 915)
         1.      Арганово 0,908-0,913
         2.      Бадемово 0,913
         3.      Маслиново 0,913
         4.      Кокос 0,915
         5.      Макадамија 0,915
         6.      Лешник 0,915
         7.      Палма 0,915
Медиум (густина од 0, 916 до 0. 925)
         1.      Семки од кајсија 0,920
         2.      Авокадо 0,918
         3.      Ориз 0,918
         4.      Сусам 0, 919
         5.   Пченка 0.920
         6.      Пшенични никулци 0,921
         7.      Сончоглед 0,921
         8.      Роза москета 0, 925
         9.      Соја 0,925
         10.   Грозје 0,925
Тешки масла (густина од 0,926 па нагоре)
          1.      Ленено семе 0,929
          2.      Витамин Е (Токоферол) 0,960
          3.      Рицинус 0,962
Густина на путери
          1.      Какао путер 0,900
          2.      Манго путер 0,900
          3.      Шеа путер 0,910
          4.      Путер од кокос 0,915


Кога станува збор за кремите, во тој случај огромно влијание има и комбинацијата на масла со останатите состојки и позицијата на маслата во самата крема (како и процентот секако).

Па добро тогаш, како да препознаеме која состојка или производ може да бидат потенцијално комедогени за нашиот тип на кожа? Едноставно, откако ќе го намачкате производот или состојката доколку по два часа кожата почне да ви свети, во тој случај кремот или маслото не одговараат за вашиот тип на кожа.


 Затоа пред да купите некоја крема или состојка, најнапред земете едно тестерче и испробајте го на вашето лице (кај маслата ок и да го утнете може секогаш да го користите за нега на косата или кожата на телото, како и во разни маски).
Доколку веќе кремата која сте ја купиле е премалку или премногу масна за вашиот тип на кожа, прочитајте ја статијата како да ја “поправите“ кремата за лице http://biodevojka.blogspot.mk/2015/05/blog-post_31.html

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист.
Поздрав и до скоро читање.

Comments