Да ги оддалечиме паразитите од градината на природен начин


Пред извесно време објавив една статија за мојата прекрасна мини градина на балконот во Рим, каде ви покажав што се е возможно да се посади во саксија и што е она што најмногу успева во такви услови ( http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/e.html). Тоа беше мојата аматерска мини градина, меѓутоа денешнава статија е посветена на една вистинска професионална градина водена од вистински професионалец - татко ми. Секојпат кога ќе ги видам растенијата (зеленчуци или овошја) колку прекрасно растат и успеваат благодарение на грижата на тате, останувам воодушевена од крајните резултати, но пред се од начинот на кој ги одгледува и заштитува. Татко ми воопшто не користи вештачки ѓубрива или пестициди, туку на сосема природен органски начин се грижи за нив. Пред некој ден кога правевме муабет се договоривме да направиме една статија во која тој ќе ви даде неколку важни совети како на природен начин да ги заштитите растенијата од несаканите штетници и паразити. Сигурна сум дека можеби повеќето од вас и ги знаат овие совети доколку на природен начин се грижат за своите градини, меѓутоа ете можеби ќе им бидат од корист на некои од вас. Така да драги мои, оваа статија е целосна заслуга на татко ми, јас сум само гласник кој ги пренесува неговото искуство, љубов и посветеност.


Како што можевте да прочитате од насловот, советите пред се се однесуваат на борбата против парзитите и останатите штетници кои ги напаѓаат растенијата во градината. Обично во традиционалното земјоделство се користат пестициди и вештачки раствори кои, секако, ефикасно ги отстрануваат паразитите и сите штетници, меѓутоа видно го “трујат“ плодот, а со самото тоа и нас откако ќе го изедеме.

Доколку сакате природна и здрава градина еве што треба да направите:

1. Добри соседи

Дали сте знаеле дека билките во градината меѓусебно си помагаат? Јас најискрено не знаев. Едно од најинтересните информации или совет кој може да ви го дадеме е правилно да ги бирате комбинациите на билките односно “соседите“ во една градина. Зачинските билки како нане, жалфија, рузмарин и тимјан имаат моќ да оддалечат дел од паразитите поради својот специфичен мирис. Затоа добра идеа е да се засадат овие зачински билки околу останатите растенија. Секако не може да ги избркаме сите штетници на овој начин, меѓутоа добар дел ќе стои на растојание. Жалфијата, исто така, ги привлекува пчелите кои ги јадат паразитите, и на тој начин ја чистат вашата градина на најприроден начин.


2. Попрскување на земјата со раствор од коприва.

За подготовка на овој раствор потребни се 100 гр. свежа коприва во 1 литар вода. Се остава така цел ден и потоа се цеди. Со овој раствор се попрскува земјиштето и тоа растворено во вода во пропорција 100 мл. од овој раствор во 1 литар вода. Верувајте овој метод е доста успешен против сите видови на паразити. За подобри резултати потребно е да се направат 3 третмани во дистанца од 3 дена. Како алтернатива може да посадите и коприви околу растенијата кои сакате да ги заштитите. Засадените коприви привлекуваат бубамари кои се бр.1 кога станува збор за природно уништување на паразитите во градината.


3. Лук

Мирисот на лукот оддалечува голем дел од паразитите, секако некои се отпорни, меѓуто повеќето не го поднесуваат. Обично е корисен оној обичниот, бел лук, меѓутоа ние пробавме и со младото лукче и имаше доста добар резултат. Така да, посадете лукче не само поради убавиот вкус кој го дава на манџите и јадењата, туку и поради заштитата на другите растенија во градината.


 4. Попрскување на земјата со раствор од кромид.

За овој раствор земете 50 гр. лушпи од кромид и оставете ги во литар вода околу 6 дена покриени. Со оваа смеса испраскајте го земјиштето, секако претходно растворена со уште вода.


5. Пиво

Пивото одлично ги оддалечува полжавите од билките, затоа што неговиот специфичен мирис и вкус ги привлекува кон себе. Се што треба да направите е да земете пластички чашки и да ги поставите под земја се до отворот на чашката и во неа да ставите околу 2 цм. пиво. Полжавите толку многу се привлечени од овој напиток, што за кратко време ќе најдете еден куп на полжави во вашата “мала пивница“.


Еве ви уште неколку слики од дел од овошките и зеленчуците (не успеав да сликнам се).


 




 



Се надевам дека овие совети ви беа од корист, можеби веќе ги применувате, а можеби и ви се нови, меѓутоа како и да е во животот се е ќар.

Доколку употребувате вакви или слични природни методи, ќе ми биде многу мило ако го споделите своето искуство и мислење и со нас. Вашите коментари и совети се повеќе од добредојдени.


Голем поздрав и до скоро читање.

Вики


Comments

  1. Viki, se nasmeav uste na prvata recenica. Koga ja citav statijata za tvojata gradina, prva misla koja mi pomina niz glava bese: Kade vo Skopje ima volkavi terasi? Ne ni pomisliv deka e vo prasanje drug grad :). Ama sega e veke jasno.
    Jas nemam nikakvo iskustvo, mislam deka ne me biduva ni cveke da odgleduvam, redovno nesto mi se unistuva.
    No ova mozam da mu go prenesam na tatko mi, ako ima zelba nesto da primeni, ke mu bide od korist.
    Pozdrav

    ReplyDelete
    Replies
    1. Ахахахах драга Наташа, е да терасата во другата статија за зеленчуците во саксија е во Рим, огромна беше и тоа со поглед на куполата на црквата Св Петар. Во оваа статија градинава е македонска и за неа заслуга си има татко ми јас не. Инаку обожавам да одлгедувам цвеќиња и разни билки и зеленчуци и се радувам кога ги гледам секојдневно како растат (види ја статијата за нега на цвеќињата во лето, е тие се моја заслуга). А ти не се откажувај, со малку тренинг и посветеност гарант ќе можеш да одгледуваш цвеќиња. Можеби ќе се изненадиш и самата. Фала ти многу за коментарот и огромен поздрав до тебе. Се читкаме.

      Delete

Post a Comment