Сакам органски лак за нокти...постои???





Здраво драги мои,


многупати го имам слушнато ова прашање и многумина ме прашуваат, дали како органската шминка и козметика може да се најдат и органски и природни лакови кои не се толку штетни за нашите нокти, и пред се за нашето здравје (со оглед на тоа што ги дишеме при нанесувањето). Одговорот е НЕ. Такво нешто не постои.

Во Рим навистина многу барав еден органски производ и многу производители на органска козметика направија обид за еден поприроден лак, меѓутоа ниедна од нив го нема сертифицирано како органски, со оглед на тоа што таква формула барем сега за сега, не е измислена. Едноставно не постои.

Е сега, ќе си речете ок, не постои органски лак, Вики нема што да ни предложи, значи може да користиме што сакаме. Одговорот повторно е НЕ.
Мора да напоменам дека сите лакови за нокти кои може да ги најдете на нашиот пазар не се исти и секако дека има опасни верзии (каде се присутни високо токсични материи), и помалку опасни верзии, каде производителите за среќа исфрлиле поголем дел од опасните состојки.


Ајде најнапред да видиме кои состојки пожелно е да се избегнуваат во еден лак:

1. Formaldehyde состојка која на некој начин прави ноктот да изгледа поцврст и затоа најчесто се користи во третманите за зацврснување на ноктите. Но верувајте ми ова е состојка бр.1 која треба да се избегне во лаковите и третманите за нокти затоа што е многу токсична. Меѓународната агенција која врши истражувања за ракот, оваа состојка ја класифицираше како канцерогена која има можност дури и да влијае и врз ДНК.

2. Toulene е втора состојка која дефинитивно треба да ја избегнуваме во лаковите за нокти затоа што во моментот кога ќе ја нанесеме на ноктите веднаш испарува и е многу штетна за дишните патишта. Европскиот закон за козметика дозволува нејзина употреба не повеќе од 25%, меѓутоа и во овој процент може да предизвика иритација кај оние кои имаат многу чувствителна кожа.

3. Formaldehyde Resin (или Tosylamide Resin) е дериват на формалдедидот кој се користи во лаковите затоа што дава голем сјај на самиот лак, меѓутоа неговото присуство може да предизвика иритации и алергиски реакции кај кожата.

4. Dibutyl Phthalate е состојка која му дава флексибилност на лакот, меѓутоа и таа е доста токсична за организмот и кожата.

5. Camphor е состојка коа исто така му дава флексибилност на лакот при нанесувањето, меѓутоа предизвикува алергиски реакции и иритации, а исто така може да предизвика и главоболка.


Па добро тогаш кои лакови се сигурни и без сите овие штетни состојки? Дефинитивно треба да се бираат лакови без Formaldehydе и Toulene, како две најтоксични состојки, меѓутоа сепак лаковите се поделени во 3 категории според останатите состојки и тоа:

3 free се оние кои не содржат Formaldehydе, Toulene и Dibutyl Phthalate

4 free се оние кои не содржат Formaldehydе, Toulene, Dibutyl Phthalate и Camphor

5 free се оние кои не содржат Formaldehydе, Toulene, Dibutyl Phthalate, Camphor и Formaldehyde Resin (или Tosylamide Resin)

 Значи при купувањето на лаковите за нокти многу е важно да се чита декларацијата (која за жал е минијатурна и најчесто скриена под ливчето залепено на самиот лак). Знам ќе си речете, леле кој ќе чита сега еден куп на лакови, тешко е да ве заболе глава....без гајле, јас го сторив тоа за вас. Прошетав низ сите продавници со лист и пенкало, ги разгледав најпродаваните лакови, ги разгледав внимателно состојките и еве само за вас комплетна листа на лакови според категориите 3 free, 4 free, или 5 free:



1. Лакови за нокти 3 free: OPI, Maybelline Colorama, Maybelline Salon Expert и Maybelline Express Finish

2. Лакови за нокти 4 free:  L'Oreal Colour Riche;

3. Лакови за нокти 5 free: Essence I love trends, Max Factor Gel Shine Laquer, Max Factor Glossfinity, Rimmel London 60 Seconds, Golden Rose Rich Colour, Golden Rose Matte, Golden Rose Paris, како и следниве лакови од линијата S-he: Glitter Top Coat, Cracking Top Coat, All in One Nail Power, French Manicure, Quick Dry и Acqua Shine (овие успеав да ги проверам).

Важно: внимавајте затоа што една иста марка во еден лак можеби не ставила штетни состојки, а во друг да. Затоа ви ја нагласив марката и името на самиот лак.

Како што може да забележите, без разлика на тоа што не постојат органски лакови за нокти, добрата вест е што поголемиот број на компаниите, за среќа, произведуваат лакови 5 free. Некои од овие лакови лично ги проверив на лице место во продавниците во Скопје, а на некои за среќа состојките им беа напишани на самите веб страници.


Како што веќе ви напоменав голем број од третманите за зацврснување на ноктите содржеа формалдехид, затоа јас лично би ви го препорачала гелот за нокти на Alverde, кој има убав ефект (секако не се забележува веднаш, потребно е време, меѓутоа како се вели полека но сигурно). Знам дека сите сакаме брзи резултати и цврсти нокти веднаш, меѓутоа тоа не треба да биде по секоја цена.

Секако има уште многу лакови на кои не успеав да им ги најдам состојките, така да доколку нешто ве интересира, а не сум го вметнала во статијата, слободно оставете коментар и ќе се потрудам да ви одговорам. Исто така ве поканувам да споделите ваши искуства околу лаковите за нокти.

За на крај, неколку корисни совети за сите вас:

- кога нанесувате или вадите лак за нокти, правете го тоа близу до отворен прозор, со цел да не ги вдишувате штетните состојки;

- бирајте секогаш лакови 5 free;

- наместо третманите за нокти кои содржат формалдехид користете убаво масло за нега на ноктите (најдобро маслиново) со етерично масло од лимон кое може да го купите или направите сами, или пак третмани за нокти без формалдехид;

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист и ви благодарам за времето кое го одвоивте да ја прочитате. Поздрав и до следно читање.

Вики


Comments