Направи сам: антицелулитен пилинг од кафе

Здраво на сите,

во продавниците може да најдеме многу антицелулитни пилинзи на база на кафе, и јас самата ви рецензирав два навистина добри, меѓутоа доколку како мене сте љубители на проектите направи сам и сакате да бидете мали хемичари во сопствените кујни, тогаш ова е вистинскиот рецепт за вас. Станува збор за еден навистина многу лесен рецепт за антицелулитен пилинг или скраб, кој е многу функционален и одличен како за неестетските проблеми со целулитот, така и за поткожните влакна кои често се формираат по депилацијата. Кожата ја остава мека и перфектно мазна, а за подготовката потребни се 10 минути од вашето време и следниве состојки:

- 5 лажици кафе
- 5 лажици шеќер
- 10 лажици масло
- 13 капки етерично масло
- една чиста и стерилизирана стаклена тегличка


 Во тегличката најнапред додавајте ги наизменично кафето со шеќерот. Јас користев кафеав шеќер затоа што таков имав дома и само таков конзумирам, меѓутоа вие може да ставите и бел шеќер без проблем. Може шеќерот да го замените и со сол доколку повеќе го сакате како пилинг. Мене лично повеќе ми се допаѓа шеќер. Убаво измешајте ги овие состојки во тегличката и додадете го маслото кое може да биде едно од следниве: бадемово, кокосово, сончогледово, оризово, јојоба, маслиново итн. Јас лично ставив масло од лешник само затоа што го имав дома а сакав да го завршам, и затоа што маслото од лешник е добро и како антицелулитно масло.


Изборот на етеричните масла нека биде според вашиот сопствен вкус, меѓутоа еве кои масла се одлични за ваков вид на пилинг: сладок портокал, рузмарин, лаванда, лимон, мента, лемонграс и чепрес. Јас лично користев етерични масла од рузмарин и сладок портокал кои одлично одат заедно како мирис и тоа во следнава пропорција: 9 капки етерично масло од портокал и 4 од рузмарин, со оглед на тоа што рузмаринот има многу јак мирис и во овој сооднос повеќе се чувствува портокалот. Не ви советувам да користите етерично масло од лимон летно време, затоа што е фотонестабилно.

Резултатот кој ќе го добиете е следниов:



Овој пилинг се употребува на следниов начин: на навлажнета кожа се масира со кружни движења и се остава да делува од 5 до 10 мин. Потоа се измива со топла вода и кружни движења, и на крај туширањето се завршува со поладна вода за подобро тонизирање на кожата и за поттикнување на циркулацијата. Мој совет ви е да не претерувате со ексфолиација на кожата и овој третман е доволно да го направите два пати неделно.


По третманот кожата ќе ви биде толку мека и мазна што верувајте ми нема да имате воопшто потреба од крема за тело, меѓутоа вие сепак ставете. Јас го направив веќе неколку пати и навистина сум премногу задоволна од резултатот. Овој третман секогаш го завршувам со добро антицелулитно масло.

Пилингот нема потреба од конзерванс и е доста издржлив, меѓутоа внимавајте да го земате секогаш со чиста и сува лажичка за да не влезе вода во него. Доколку сакате може да ги дуплирате состојките со цел да направите поголема количина одеднаш.

Се надевам дека оваа статија ви се допадна и дека ќе се обидете да го направите овој току едноставен а функционален пилинг за тело.

Благодарам за вниманието и до скоро читање.

Вики

Comments

  1. Kako i sekogas prekrasna statija polna korisni soveti!<3
    Imam praveno anticeluliten piling so kafe no po drug recept mu stavav i cimet.
    Pozdrav!

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Анџи, ти благодарам што го сподели овде твоето искуство и благодарност за убавите зборови. Секако може и цимет да се стави, убавината на проектите направи сам е во тоа што може да си ги персонализираме како што сакаме според сопствен вкус. Огромен поздрав и до тебе.

      Delete

Post a Comment