Направи сам: масло од лимон за поцврсти нокти

Здраво на сите,

многупати како третман за поцврсти нокти имам споменато дека е одлично маслиновото масло со неколку капки етерично масло од лимон, или пак малку сок од лимон. Ова масло дава одличен резултат во кратко време, и неверојатно го зајакнува ноктот и ја обновува структурата на самиот нокт. Во продажба може да се најдат повеќе видови на масла од лимон, меѓутоа повеќето од нив се направени со етерично масло од лимон. Затоа целта на оваа статија е да ви покажам како сами, во домашни услови може да си направиме едно прекрасно 100% природно и ефикасно масло од лимон, користејки маслиново масло и секако кора од лимон. Еве што ни е потребно за реализација на ова масло:

-  кора од 5 до 6 лимони (обавезно да бидат непрскани, инаку џабе ни е се);
- маслиново масло
- чиста и стерилизирана тегличка



Кората од лимон оставете ја убаво да се исуши околу 3 дена, и кога ќе биде сува ставете ја во чистата тегличка. Потоа додадете маслиново масло колку да ги покриете сите кори. Не смее некоја од корите да излегува од маслиновото масло, затоа што постои ризик производот да фати муфла и да се расипе.


Затворете ја теглата со капачето, завиткајте ја во алиминиумска фолија и ставете ја во некое шкавче во кујната (на суво и темно место), што подалеку од директна сончева светлина.


Тегличката треба да стои вака од 30 до 40 дена, меѓутоа многу е важно секојдневно барем еднаш да ја протресувате, со цел лимонот убаво да го пушти своето природно етерично масло. Јас ја чував точно 40 дена, и резултатот по истекот на тоа време беше следниов:


Откако ќе помине времето на отстојување, прецедете ја течноста, односно отстранете ја кората од лимон и оставете ја во шкавчето уште еден ден.


Следниот ден процедете ја уште еднаш со помош на една газа и ставете го вака добиеното масло во едно темно шишенце, или пак доколку немате, тогаш во друга чиста тегличка, меѓутоа убаво завиткајте го со алуминиумска фолија, затоа што лимонот е чувствителен на сонце. Вака добиеното масло има фантастичен природен мирис на лимон и може да го користите за многу работи:

1. Како зацврснувач за нокти:
навечер на чисти нокти се масира малку од ова масло и се остава да делува преку ноќ. Во некоја од следните статии ќе ви покажам како да направите балзам за нокти користејќи го ова масло;
2. Како третман за избелување на флеки на кожата:
ова правете го само зимно време и тоа во комбинација со други масла (никако само ова), или пак може да го додадете на вашата крема за лице. Доколку сте заинтересирани за рецепт оставете коментар под текстот;
3. Како антицелулитно масло:
ова масло е идеално како антицелулитен третман збогатен со други масла, меѓутоа никако не го нанесувајте летно време за преку ден;

Се надевам дека оваа статија ви беше од корист и дека доколку имате свои непрскани лимони, ќе се обидете да го направите ова прекрасно повеќенаменско масло од лимон.

Поздрав
Вики


Comments