Парабени во козметичките производи


Здраво драги мои

Овој блог го креирав пред околу 4 месеци со цел да ви ја претставам целата вистина за штетните состојки во козметичките производи, да на некој начин до вас го доближам концептот за природната и органската козметика, филозофијата и предностите која оваа козметика ги има пред се за нашето здравје, а потоа и за нашата убавина. За секоја од темите за која пишував детално се информирав, читав голем број на научни истражувања на одредени теми од страна на професионалци и хемичари кои лично ги почитувам. Пред извесен период напишав една статија за листа на состојки кои апсолутно треба да ги избегнуваме во козметичките производи (еве ви линк http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_35.html).

Во изминатиов период добив многу пораки од читателки кои се интересираа за оваа тема, ме прашуваа за парабените во козметиката, повеќето од нив беа загрижени, а некои пак сметаа дека станува збор за нафтени деривати. Целта на денешната статија е да разјасниме што всушност се парабените и како влијаат врз организмот. Ќе се обидам ова да го објаснам на наједноставен можен начин, затоа што пред се мојата цел е да ги доближам информациите без многу филозофирање.

Парабените не се нафтени деривати како што мислат многумина, туку станува збор за синтетички конзерванси кои за цел имаат да го заштитат козметичкиот производ од расипување, формирање на бактерии и муфла. Едни од најчесто употребуваните парабени се:

- метилпарабен (methylparaben)
- етилпарабен (ethylparaben)
- пропилпарабен (propylparaben)
- бутилпарабен (butylparaben)
- бензилпарабен (benzylparaben)


Направени се голем број на истражувања на оваа тема од страна на реномирани хемичари и светски познати и признати научни институции, и мислењата, за жал, се поделени: некои сметаат дека не е опасно да се користат овие конзерванси во козметичките производи, додека други сметаат дека се опасни и дека имаат поврзаност со појавата на ракот во организмот, особено оној на дојката.

Верувајте ми оваа проблематика ја следам веке 6 години и знаете што, од ден на ден се менуваат мислењата на сите овие кои тврдат дека парабените не се опасни.
Еден од најпознатите италијански хемичари Др. Фабрицио Заго чиј речник biodizionario (http://www.biodizionario.it) го сметам за еден од најточните речници за хемиските состојки во козметичките производи, пред околу 4 години ги имаше класифицирано methylparaben и ethylparaben со зелено светло, а сега ако погледнете имаат црвено светло. Значи нешто се променило во меѓувреме.

Како што реков голем број од научниците сметаат дека подобро е да се користи еден производ добро конзервиран и сигурен, па макар и со парабени, отколку еден производ еко био (односно органски) каде производот се заштитува на поинаков начин. Истите научници тврдат дека процентот на парабените во производите е низок и во согласност со европската директива за козметички производи.

Европската комисија за козметика дозволи употреба на methylparaben и ethylparaben, доколку нивниот процент во еден козметички препарат е 0,4 % посебно или 0,8% во пар, додека научно е докажано дека propylparaben и butylparaben антибактериското дејство во кремите го имаат токму преку намалувањето на ефектот на естрогените. Секако овој ефект се појавува доколку се внесуваат во поголема количина во организмот. Друга важна работа е што парабените навлегуваат длабоко во кожата и не мора да предизвикаат реакција веднаш, туку нивното дејство може да се забележи и на дистанца од 20 до 30 години доколку редовно се мачкаат.


Се е ова во ред, сепак стручњаците знаат повеќе од мене со оглед на тоа што цел живот се занимаваат со хемија и истражуваат, само си поставувам едно прашање: ако тие сметаат дека со зголемената количина се појавуваат штетни ефекти и ако процентот се контролира во секој производ посебно, дали некој од нив се запрашал каков ефект има целокупниот нивни збир? Она што сакам да го кажам е: доколку јас се бањам со купка во која има парабени, плус користам шампон со парабени, потоа мачкам убава крема полна со парабени, ставам деодоранс со парабени, пудра со парабени и.т.н. и тоа го правам секојдневно, според вас ја преминувам ли “сигурната доза“ на дозволени парабени? Ете ова би сакала да ги прашам сите оние кои тврдат дека органската козметика не е доволно конзервирана.

Верувајте ми веќе 9 години користам само органски производи и ниедна крема не ми се расипала ниту пак била лошо конзервирана. Во органската козметика постојат друг вид на оддржувачи на стабилност на самиот производ, како што јас ги нарекувам, а тука спаѓаат на пример етеричните масла во комбинација со органскиот алкохол кои одлично ја оддржуваат стабилноста на производот и најчесто се употребуваат од страна на германските компании за органска козметика, потоа екстракт од семките од цитрон, Benzyl Alcohol и многу други сега да не ги набројувам сите. Некои фирми посветуваат огромно внимание и на конфекциите на самите производи, кои додатно ја оддржуваат хигиената на производот и го штитат од расипување.


Друго нешто што е важно да ви напоменам е дека постојат и традиционални козметички производи каде пишува paraben free или без парабени, меѓутоа верувајте ми наместо парабените во истите производи се користат многу поопасни конзерванси како на пример:
imidazolidinyl urea,
DMDM hydantoin,
5-bromo-5-nitro-1,3-dioxane,
 2-bromo-2-nitropropane-1,3-diol,
 bronopol,
bronidox,
diazolidinyl-urea
кои испуштаат мали количини на формалдехид.

Затоа драги мои, внимателно читајте ја декларацијата и бирајте органска и природна козметика, барем за оние производи кои секојдневно ги користите како на пример деодорансите (прочитајте ја статијата за деодорансите http://biodevojka.blogspot.com/2015/04/blog-post_22.html), кремите за лице и тело кои секојдневно ги користите.

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист и дека на некој начин успеав да ви ја објаснам разликата и да ви го доближам моето лично гледиште за парабените.

Голема благодарност за времето кое го одвоивте да ја проследите оваа статија.

Вики



Comments