Му поминал рокот...да го фрлам или не???


Колку пати сме купиле нешто, сме го заборавиле во фрижидер и откако му поминал рокот сме го фрлиле во ѓубре?  Па добро, ќе си речете со поминат рок е морам да го фрлам така?  Не баш секогаш.

Зачудувачки е бројот на намирниците кои годишно ги фрламе без да знаеме дека одредени намирници сепак може да се конзумираат и по истекот на рокот, под услов истите да се добро складирани и зачувани во соодветни услови како што е назначено на опаковката. Една од цимерките кои ги имав во Рим, работеше во националниот инспекторат за храна, односно се занимаваше токму со оваа проблематика за рок на траење на храната. Благодарение на неа дознав навистина многу корисни работи во врска со оваа проблематика и истите сакам да ги споделам со сите вас.

Ајде најнапред да сфатиме што всушност значи рок на траење.

Рокот на траење на храната кој е назначен на конфекцијата на намирниците, всушност ја означува датата до која производот е хигиенски сигурен за конзумирање.  До оваа дата производителот гарантира за производот, а после тоа не сноси никаква одговорност за истиот.

Намирници како свежото месо, конфекционирани салами и свежа риба мора да се конзумираат стриктно до датумот назначен на самиот производ, меѓутоа постојат и такви намирници кои слободно може да се конзумираат и по истекувањето на рокот на траење, меѓутоа имајте на  ум дека кај истите има промена во хранливата вредност.

Како да знаете кои намирници може да се конзумираат по истекот на рокот без последици за нашето здравје? Во продолжение ќе ви дадам една листа на најчесто конзумираните намирници и додатното време по истекувањето на самиот рок. Имајте на ум дека доколку забележите чуден мирис, вкус или боја кај истите воопшто не ризикувајте, туку веднаш фрлете ги во ѓубре. Секако овие совети се однесуваат на производи кои воопшто не се отворени и кои се чувани во соодветни услови како што е означено на амбалажата на истите.


1. Јогурт

Јогуртот може да се конзумира најмногу до 7 дена по истекот на рокот. Многу е важно да се напомене дека губи добар дел од хранливите состојки. Секако, доколку го отворите јогуртот и забележите чуден мирис или пак мувла, истиот треба веднаш да се фрли. Секако по истекот на рокот, корисните бактерии во јогуртот го губат своето својство.

2. Тестенини, ориз, бисквити и крекери


По истекот на рокот на траење на овие производи, може да се конзумираат најмногу до 3 месеци

3.  Масла за јадење

Маслата за јадење, како маслиновото, сончогледовото и др. по истекот на рокот (доколку станува збор за неотворено масло и чувано на суво и ладно место како што налага и самата етикета) може да се конзумираат уште  8 месеци. По истекот на овие месеци настанува алтерација на квалитетот и хранливите својства на маслото. Мој совет ви е откако ќе го отворите маслото направете тест на мирисот и бојата на самото масло и доколку ви изгледа сомнително или има чуден мирис воопшто не го конзумирајте.

4.  Замрзната храна (вклучувајќи и риба)

Замрзнатата храна може да се конзумира до 2 месеци по истекот на рокот, доколку истата термички се обработи. Во случај замрзнатата храна да нема потреба за термичка обработка, истата најдобро е да се фрли и воопшто да не се конзумира.

5.  Јајца


Кога станува збор за јајцата, најдобро е сепак да се почитува рокот на траење

Никако не смеете да ги конзумирате  следниве намирници по истекот на рокот, со оглед на тоа што развиваат бактерии кои може да доведат до труење на целиот организам:

- Свежо месо

- Свежа риба

- Овошни сокови

- Конфекционирани салами
         
Постојат и производи кои воопшто немаат рок на траење и тука спаѓаат:

- Мед

- Сол

- Шеќер

- Оцет

- Алкохолни пијалоци

Овие намирници се навистина доста издржливи, напоменувам, доколку се чуваат во соодветни услови, на суво и темно место.


За крај, неколку важни совети:

1. Секогаш убаво конролирајте го рокот на траење на намирниците со цел да избегнете расипување и фрлање на истите

2. Многу важно е да се почитува начинот на чување на намирниците кој е испишан на самата опаковка од намирниците. На пример, на ладно и суво место, во фрижидер, во замрзнувач и т.н.

Како и секогаш голема благодарност за вниманието и до следната статија.

Вики

Comments

Post a Comment