Егзема: причини и природни состојки кои помагаат



Здраво драги мои,

денес ќе говориме за една навистина непријатна состојба на кожата пропратена со црвенило и чешање, односно егзема. Ќе ви дадам неколку природни средства кои помагаат, совети и секако на крај од статијата и еден природен рецепт кој сами може да го направите дома.

Што е егзема? Без многу филозофирање, со прости зборови претставува еден вид на воспаление на кожата кое се карактеризира со црвенило, чешање и иритации. Може да се појави како последица на многу нешта, агресивни детергенти за миење, агресивни гелови за туширање, синтетички материјали, алергија на одредени состојки и.т.н.

Иако е доста непријатна како појава и голем број на луѓе страдаат од неа, за среќа постојат средства кои природата ни ги дава на располагање за да ја подобриме состојбата на истата.

1. Кокосово масло


Основна состојка на ова масло е лауринската киселина која има огромно антивирусно и антибактериско дејство (оваа состојка природно е присутна и во мајчиното млеко). Токму оваа состојка помага во подобрување на многу состојби на кожата како иритации, херпес, акни, псориаза и егзема, со оглед на тоа што креира еден вид на бариера или заштита против дејството на бактериите. 

Се нанесува на благо навлажнета кожа (на пример по бањање или туширање) и се втрива нешно до комплетно апсорбирање.

 
2. Шеа путер


Шеа путерот е исто така една прекрасна состојка која одлично ја подобрува состојбата на егзема на кожата. Има ленитивно, ревитализирачко, антиоксидантно дејство и ја оддржува еластичноста на кожата. Она што го прави посебно е големото присуство на несапунифицирани состојки кои се од огромна важност за оддржување на природната еластичност на кожата со оглед на тоа што го подобруваат производството на колагенот и еластинот.

Се нанесува на благо навлажнета кожа (на пример по бањање или туширање) и се втрива нешно до комплетно апсорбирање.

3. Маслиново масло

Маслиновото маслое богато со витамин Е и според нaјнови истражувања има слични својства како маслота од арган и авокадо. Пожелно е да користите ладно цедено маслиново масло (она од супермаркет) не само надворешно (на благо навлажнета кожа на оние места каде има егзема), туку и внатрешно во исхраната за да се потенцира ефектот не само врз кожата туку и на организмот.

4. Алое вера гел


Алое вера гелот има големо ленитивно дејство и ја смирува кожата од иритации и црвенила. Исто така го намалува непријатното чешање на самата кожа. Сѐ што треба да направите е да го нанесете на оние делови каде имате егзема сам или уште подобро во комбинација со некое масло (на пример маслиново). Размерот е 1:1 односно исти делови од двете состојки. Оваа смеса има навистина одлично смирувачко и пред се хранливо влијание врз самата кожа и помага при побрзо заздравување.

5. Растителен глицерин

Растителниот глицерин (кој може да се најде во аптеки) е исто така одлична состојка кога станува збор за егзема со оглед на тоа што ја задржува хидратацијата во кожата. Користете го на тој начин што во едно празно спреј шишенце ќе ставите глицерин и дестилирана вода во размер 1:1 (на пример една супена лажица глицерин и 1 супена лажица дестилирана вода). Со овој спреј испрскувајте ги местата каде имате егзема. Со оглед на тоа што глицеринот ја влече водата кон себе, овој спреј ќе ви трае до 2 месеци.

6. Овес


Овесот е едно од најдобрите смирувачки средства кога станува збор за екстремно сува кожа или пак во случајов за егзема. Брашното од овес се препорачува и како природен измивач за лице. Во конкретниов случај може да користите и овесни снегулки (ќе ги најдете во продавниците за здрава храна) на следниов начин: ставете една до две шаки овес во една газичка и убаво завиткајте како торбичка (може да ставите и ластик за да го зацрвстите). Ставете го во една чаша со топла вода околу 10 мин. и потоа нанесете го како облог на оние места каде имате егзема.

7. Камилица

Камилицата исто така претставува една одлична состојка за смирување на кожата во случај на егзема. Се подготвува како рецептот со овесот кој го напишав погоре. Доколку користите ќесички (оние за чај) направeте си чај испијте го и ќесичката што ќе остане ставете ја како облог на местото каде имате егзема.

8. Масло од невен


Маслото од невен има големо смирувачко дејство врз кожата и е одлично и за оваа проблематика. Се нанесува на благо навлажнета кожа по туширањето или бањањето.

9. Зелена глина


Може да звучи малку чудно, меѓутоа и зелената глина доста помага во оваа проблематика. Во последно време правев експерименти со зелена глина за сува кожа со црвенила (јас лично и на луѓе кои ги познавам) и можам да ви кажам одлично помага доколку се користи на следниов начин: најнапред на делот каде имате егзема убаво ќе нанесете некое масло (невен, маслиново, кокос) а потоа врз него ќе нанесте маска од глина направена со глина и чај од камилица (маската нека ви биде веќе спремна и нанесете ја веднаш по маслото). Кога глината ќе почне да затега измијте ја со млака вода.

10. Сода бикарбона

Доколку имате егзема по телото, еден многу функционален метод е да направите бања со сода бикарбона. Наполнете ја кадата со вода (секако не претопла) и ставете еднa чаша сода бикарбона. Потопете ја кожата на телото околу 10 до 15 мин. Друга алтернатива е да ставите една супена лажица сода бикарбона во една чаша вода, убаво да промешате и да натопите една крпа или пешкир. Истискајте го вишокот на вода и ставете го пешкирот врз местото каде имате егзема.

Би сакала да ви дадам неколку корисни совети:

1. Пијте многу вода: водата не само што помага нашиот организам правилно да функционира, туку и ја хидрира кожата што е особено важно при оваа проблематика.

2. Туширајте се или бањајте се со млака вода: многу топлата или жешка вода предизвикува зголемено чешање.

3. Обидете се да избегнувате стрес: може да звучи малку чудно, меѓутоа знајте дека стресот е еден од главните фактори кој предизвикува егзема. Знам дека со ова брзо темпо на живот понекогаш е и неизбежен, меѓутоа обидете се секогаш да одвоите малку време за себе.

4. Секогаш бирајте козметика со нежни и убаво избалансирани формули: премногу агресивните формули кои имаат големо измивачко дејство може да ја влошат состојбата. По можност бирајте гелови за туширање кои не содржат сулфати, или пак оние на маслена база, и обавезно по секое туширање нанесете крем за телo и лице. Многу е важно да бирате убави природни креми без силикони и нафтени деривати, на база на маслиново масло, шеа путер или други растителни масла, кои длабинcки ќе ја нахранат кожата, ќе ја задржат хидратацијата и зголемат еластичноста.

5. Избегнувајте да се чешате: знам дека звучи скоро невозможно со оглед на тоа што ви доаѓа автоматски да го направите, меѓутоа верувајте ова само ќе ја влоши состојбата. Наместо да се чешате пробајте да нанесете влажен пешкир и благо притиснете го местото кое ве чеша, или пак нанесете алое вера гел.

6. Доколку егземата е по цело тело, избегнувајте тесна облека и претпочитајте само памучни материјали кои го овозможуваат правилното дишење на кожата. Избегнувајте синтетички материјали кои може да ја влошат состојбата.

За на крај ви оставам еден прекрасен рецепт за домашен крем за егзема со само две состојки. Многу е лесен за подготовка и навистина доста ефикасен, а вие доколку сакате да го направите погледнете го видеото.

Comments