Љубов и посветеност во изработка на природни и домашни сапуни


Здраво драги мои,

од насловот сигурно помисливте дека ќе ви претставам некој нов бренд на сапуни, меѓутоа овојпат сакам да ви претставам една прекрасна млада девојка која ме воодушеви со нејзината едноставност, посветеност кон природното и со неверојатната изработка на домашни сапуни.

Станува збор за Нермина Нумановиќ која е една од моите фанови со која контактиравме доста околу изработка на рецепти, совети, масла и.т.н. Еден ден случајно се запознавме и мислам дека беше другарство на прв поглед: не само што ја делиме истата филозофија кон природното и органското туку буквално целата страст кон изработка на природни производи со што помалку хемија во нив (онолку колку е возможно секако).

Кога бев кај неа и видов што сѐ прави и колкава страст внесува во она што го прави, морав да напишам нешто за неа и да ви ја претставам на сите вас. Верувајте ми ова го правам од срце, затоа што особено нешто што ме плени е нејзината страст и посветеност кон изработката на сапуни, кои не само што изгледаат прекрасно туку се комплетно во склад со мојата филозофија.


Може да ви најавам дека наскоро ќе ви подготвиме и видео туториал кој јас ќе го објавам овде и на youtube каналот, како сами дома да изработите сапуни.

Со оглед на тоа што Нермина има студирано хемија и биохемија (има некоја основа) непрекинато во текот на годините истражувала околу сапуните, нивното дејство, состојките кои ги содржат оние индустриските сапуни, и тоа ја натерало да сама си произведе производ кој не само што ќе биде во склад со нејзината кожа, туку и што е можно поприроден производ.

Мора да кажам дека голем дел од маслата (се мисли на оние билни масла како невен, кантарион, лаванда) Нермина ги подготвува сама дома со што дава уште поголема нота на природно и пред сѐ домашно.

Прв сапун кој воопшто го направила бил еден сапун за коса од кој не била комплетно задоволна, меѓутоа вториот кој е 100% на база на маслиново масло бил комплетен успех. И оттука веќе нема враќање назад. Во следните сапуни доста експериментирала, вметнувала разни комбинации на масла, глина, сѐ додека да го добие она што го замислувала.

Особено интересен е сапунот со јаглен наменет за нечиста кожа.


Од сликите може да забележите дека не само што прави прекрасни квалитетни сапуни, туку посветува и големо внимание на нивниот изглед, боја и мирис, користејќи исклучиво етерични масла како најприродна можна варијанта и природни пигменти (понекогаш и зачини) за да ги обои сапуните и да им даде една лична нота. Нејзината филозофија е дека производите треба да бидат комплетно природни и во склад со природата.

Јас лично сум навистина воодушевена, а се надевам дека и вам ви се допаѓаат.




Како што реков наскоро ќе ви дадеме и видео туториал за подготовка на сапуни, а дотогаш јас и посакувам на Нермина не само да продолжи со оваа прекрасна изработка на сапуни, туку и да направи свој бренд, па да им дозволи и на другите да го пробаат и искусат она што јас имав можност да го видам.

Еден од сапуните кој ќе ви ги прикажеме во видеото, ќе биде оној најосновниот само со маслиново масло (за почетници), меѓутоа доколку вам ви се допадна некој од останатите или пак сакате да ви прикажеме изработка на некој специфичен сапун кој би ве интересирал да го направите слободно пишете коментар. Сигурна сум дека на Нермина ќе и биде многу драго да претстави нешто што ќе биде од интерес за сите читатели.

За на крај ве гушкам сите и се читаме и гледаме наскоро.
Вики

Comments