Домашен леб со кисело тесто


Здраво драги мои,

одамна ви немам предложено некој рецепт за здрава и вкусна храна, така да се решив да ви дадам еден рецепт за леб со природно кисело тесто кој нараснува во текот на целата ноќ.

Овој леб не само што е многу поздрав од белиот (со оглед на тоа што ќе користиме многу разни типови на интегрално брашно), туку е и многу полесно сварлив за организмот. Има прекрасен вкус, а мирисот откако ќе го испечете е незаменлив. Домот ќе ви мириса на вашето детство кога мајките или бабите дома печеле леб.

Доста е лесен за подготовка и потребни ни се следниве состојки:


250 гр. полуинтегрално брашно (тип 2);
200 гр. интегрално брашно од спелта;
една супена лажица интегрално брашно од овес;
една супена лажица брашно од просо;
една супена лажица интегрално брашно од хељда;
20 гр. кисело тесто;
половина кафена лажичка хималајска сол;
млака вода

Најнапред во еден сад ставете ги сите брашна, солта и киселото тесто и убаво помешајте. Киселото тесто може да го купите во сува состојба (прашкаста) во продавниците за здрава храна, може да го направите сами (во тој случај ќе биде свежо) или може да пробате да купите од некоја пекара, доколку ви продадат малку.


Потоа додадете онолку млака вода колку е потребно да се направи убаво тесто. Почнете најнапред да работите со една голема дрвена лажица, па потоа со помош на рацете извадете го тестото од садот и на една побрашнета даска убаво замесете го. Направете го како топка и повторно вратете го во садот.


Покријте го со една пластична проѕирна фолија и оставете го на собна температура преку ноќ природно да нарасне. На овој начин самиот леб ќе биде многу полесно сварлив за организмот.

Утредента тестото нараснало и изгледа вака


Додавајте малку брашно и повторно убаво замесете го. Префрлете го на една даска и обликувајте го онака како што сакате вие. На горниот дел од лебот со помош на еден нож засечете линии.


Ставете го во загреана рерна прво на 200°C, а потоа намалете на 170 (ова многу зависи од рерна до рерна така да видете вие самите). Лебот треба рамномерно да се пече без да изгоре.

Откако ќе биде готов (во станот ќе се шири таков прекрасен мирис што ќе знаете веднаш дека е готов) извадете го од рерната. Еден мал трик за да се провери дали лебот е печен е да се земе чачкалица и да се боцне во лебот. Доколку кога ќе ја извадите видите залепено брашно или чачкалицата е влажна, во тој случај не е готов. Доколку чачкалицата е сува, лебот е совршено испечен.

Извадениот леб оставете го малку да се олади, па потоа пресечете го на парчиња и готов е за јадење.



Навистина е премногу едноставен и вкусен.

Се надевам дека оваа статија ви беше од корист.

Поздрав и до скоро читање.
Вики

Comments