Како деодорансот подобро да функционира? 5 совети за посвежа и почиста кожа


Здраво драги мои,

иако летото скоро и да измина, деодорансот е нешто што го користиме во текот на целата година. Статијава ја пишувам како резултат на вашите пораки и прашања околу деодорансите, особено трајноста и функционалноста на органските деодоранси, односно оние без алуминиум.

Дали еден органски деодоранс е исто така функционален како еден антиперспирант? Како да направам деодорансот подолго да трае и подобро да функционира?

Драги мои, органските деодоранси и тоа како се ефикасни и немаат што да им завидуваат на оние класичните антиперспиранти (мислам дека овие вториве треба да им завидуваат на природните ахахха ;). Целта на органските деодоранси е да ја неутрализираат лошата миризба под пазувите (затоа и ги купуваме нели, ианку ќе шетавме сите без), а притоа да не ја нарушат природната функција на потењето преку кое се исфрлаат сите токсини од телото.

Зошто тогаш кај некого веднаш функционира а кај друг не? Едноставно, затоа што можеби правите една од грешките кои ќе ги прочитате во продолжение, а не сте ни свесни за тоа. Постојат мали трикови како да се направи деодорансот повеќе да трае, и токму моја цел во оваа статија е да ги споделам тие трикови со сите вас.

1. Правилен избор на деодоранс

Постојат четири типологии на деодоранс кој може да го изберете за себе и тоа:

- во крема која се мачка директно врз пазувите;
- рол он кој слично на кремот е во контакт со пазувите;
- спреј без притисок, односно оние деодоранси кои се во стаклени шишенца и се испрскуваат како водичка;
- спреј во боца под притисок;

Е сега, од огромна важност е да изберете она што најмногу ќе функционира за вас. Ви советувам да пробате разни видови и да одлучите сами што е она што за вас најмногу одговара. Ова е индивидуално. Мене на пример претежно најдобро ми одговараат рол он производи, меѓутоа доста често ќе ми се погоди и некој спреј.

2. Како правилно да се нанесе

Деодорансот потребно е секогаш да се нанесе на чиста пазува. Значи најнапред потребно е да се измиете со вода и благо средство (гел за туширање на пример), да го исушите тапкајќи со пешкир тој дел од телото и дури потоа да нанесете деодоранс. Верувајте ми нема ништо полошо отколку да се нанесе деодоранс на веќе испотена пазува со надеж дека истиот ќе успее да го прикрие непријатниот мирис.


Доколку во текот на денот (особено ако сте надвор) почувтвувате дека деодорансот има потреба за освежување, земете една бебешка влажна марамица (секако со добра декларација, затоа што сепак ја нанесувате под пазувите) и исчистете ја пазувата. Оставете да се исуши и дури потоа нанесете го повторно деодорансот. Кога ќе стигнете дома обавезно измијте се со вода, затоа што влажните марамици колку и да се комотни сепак не ја заменуваат водата.

Многу е важно деодорансот да се нанесе секогаш на сува кожа. Значи откако ќе се измиете исушете ја кожата, па дури потоа ставете деодоранс. Звучи премногу комплицирано, знам, меѓутоа овој мал детал прави голема разлика.

3. Кога е најдобро да се нанесе?

Имам читано едно навистина интересно истражување според кое деодорансот најдобро е да го нанесеме уште пред спиење. Навечер откако ќе се истуширате, нанесете малку од вашиот деодоранс (не антиперспирант затоа што греота кожата ја задушувате цел ден па уште и вечер фали), значи повторувам деодоранс без алуминиум.

Во последниов месец дена експериментирав со овој метод и верувајте ми функционира. По туширањето ставав рол он кој го користам и наутро немаше воопшто никаква миризба. Ова секако зависи и од тоа колку се потите навечер, меѓутоа според мене е од голема помош оваа техника. Нуатро, само замијте се, потапкајте со пешкир за да ја исушите пазувата и повторно ставете деодоранс. На овој начин нема да се онесвестите од мирисот под пазувите доколку во текот на ноќта сте се испотиле.

Повторувам уште еднаш дека станува збор за деодоранс кој не е АНТИПЕРСПИРАНТ, односно не содржи алуминиум во ниедна негова форма.

4. Зошто деодорансот кој до вчера функционираше како да ме напушта?

Едноставно, вашата кожа можеби веќе се навикнала на овој вид на деодоранс и време а да го промените. Исто како и со кремите за лице, така и деодорансите убаво е да се менуваат од време на време, доколку забележите дека истиот деодоранс полека го губи дејството. Доколку сеуште функционира како и првиот ден ич не менувајте!!!

5. Редовна депилација на пределот под пазувите

Не се смејте ве молам, меѓутоа од огромна важност е редовната депилација во овој предел. Особено зимно време кога не се гледаат пазувите некои можеби и ги мрзи често да се депилираат, односно бричат, па оставаат да помине и недела дена, па дури и 10 дена.

Влакната имаат способност да задржуваат се, пот, мирис, бактерии, буквално сѐ. Вие кога нема да се издепилирате и ставите деодоранс верувајте 9 случаеви од 10 ќе доживеат уште понепријатна миризба на пот помешана со мирис од деодорансот и со што упте не. Штом ќе почнат влакната веќе да се познаваат (ова е секако индивидуално) ама еве да речеме на секои 4 до 5 дена редовно бричете се.


Многу е важно веднаш по бричењето да не ставате никаков деодоранс, туку да оставите да поминат барем 12 часа. Доколку сакате оваа може да го правите навечер или преку ден кога сте дома и не излегувате, па дури наредното утро да ставите деодоранс. Било кој деодоранс па и оној најнежниот, најорганскиот може да предизвика иритација врз кожа која е штотуку депилирана.

Драги мои, се надевам дека и оваа статија ви се допадна и пред сѐ дека советите ви беа од корист. Кои се вашите методи за деодорансот подолго да трае?

Поздрав
Вики

Comments