Домашен тоник за блескава кожа: 3 варијанти



Здраво драги мои,

во оваа статија ќе ви дадам еден навистина прекрасен рецепт за тоник кој ја освежува кожата има ленитивно, благо астрингентно дејство и одговара за скоро секој тип на кожа.

Во зависност од состојките кои ги имате дома ќе ви дадам три варијанти и тоа:

Варијанта 1 (за сите типови на кожа)

100 мл. ружина вода
1 кафена лажичка домашен екстракт од гоџи бобинки
нешто помалку од 1 кафена лажичка растителен глицерин
 5 капки етерично масло од лаванда
16 капки конзерванс cosgard (доколку имате eco preservative 20 капки, за nobact 15 капки)


Во едно празно спреј шише најнапред ставете го екстрактот од гоџи, па глицеринот и додадете ја ружината вода. Убаво промешајте, додадете го етеричното масло од лаванда, конзервансот и сѐ убаво протресете за да се спои. Вака подготвениот тоник ќе ви трае долго со оглед на тоа што користевме конзерванс.

Се користи наутро и навечер на чисто лице пред нанесување на кремот. Убаво протресете го пред секоја употреба.

Ружината вода има ленитивно и благо астрингентно дејство и на нежен начин ја тонизира кожата.

Екстрактот од гоџи бобинки е богат со витамини Ц и Е кои се од огромно значење во спречувањето на дејството на слободните радикали (антиоксидантно дејство) и спречување на предвремено стареење на кожата.

Растителниот глицерин има омекнувачко дејство врз кожата

Етеричното масло од лаванда има смирувачко, ленитивно и антибактериско дејство и погодно е за скоро сите типови на кожа.

Варијанта 2 (за нормална до сува кожа)


50 мл ружина вода
половина кафена лажичка растителен глицерин
3 капки етерично масло од лаванда

Оваа варијанта е одлична за нормална до сува кожа и доколку ружината вода веќе е конзервирана само глицеринот нема да направи алтерација. Може слободно да го користитe месец дена па и повеќе (иако мислам дека за месец дена ќе го завршите) наутро и навечер на чиста кожа пред да го нанесете вашиот вообичаен крем за лице.

Варијанта 3 (за комбинирана до масна кожа)


50 мл. ружина вода
1 кафена лажичка јаболков оцет
половина кафена лажичка растителен глицерин
3 капки етерично масло од лаванда

Во оваа варијанта додадовме и една кафена лажичка јаболков оцет кј е одличен за комбинирана до масна кожа а и дава и киселкаста пх вредност на самиот производ кој е во склад со намената на производот, но и нашата кожа.

Се користи на убаво чисто лице наутро и навечер пред да го нанесете вашиот вообичаен крем.

Повелете и видео со објаснување на целата постапка околу подготовката на тоникот и варијантите.


Поздрав и до следно читање
Вики

Comments