Огромната моќ на нежната роза


Розата е еден од најубавите цветови и не за џабе е опеана во делата на најпознатите поети од целиот свет. Има прекрасен опоен мирис кој навистина пленува. Овој цвет освен тоа што е мелем за скоро сите сетила има и огромно позитивно влијание врз човековото здравје и убавина. Порано старите лекари ја користеле ружината вода кај оние пациенти кои имале проблеми со нервите, етеричното масло од роза го користеле како инхалација кај пациентите со проблем на белите дробови, а правот од роза им го давале како лек на оние кои страдале од срцеви проблеми и проблеми со бубрезите. Може да се каже дека моќта на овој цвет е голема со оглед на тоа што успева да го врати балансот и хармонијата на имунитарниот и нервниот систем кај човекот.

Од едно интересно истражување дознав дека бактериите умираат во рок од 5 минути откако дошле во контакт со свежи ружини латици. Ова е голем знак колкава е моќта на розата кај било која состојба на кожата.


Во оваа статија ќе се задржиме на големото позитивно дејство на розата, како свежа, така и сува (нејзиниот прав) кој е доста ценет и баран особено во козметиката.

Свежата роза може да ја употребите за повеќе работи како на пример да направите вода од рози, пилинг од рози и лековита сол за стапала од рози. Бирајте секогаш непрскани и хемиски нетретирани рози.

1. Ружина вода


Овој тип на вода е одличен за нега на кожата со оглед на тоа што има еден цел спектар на влијанија врз кожата. Има антибактериско дејство и погодна е за комбинирана до масна кожа, меѓутоа истовремено има и ленитивно, смирувачко и омекнувачко дејство што ја прави погодна и за нормална, сува и чувствителна кожа. Исто така одлична е и за освежување на лицето (особено летно време) и може да ја испрскате секојпат кога ќе посакате.

Во продажба постојат секако готови производи (како на пример оној на Bare Origin кој според мене е дефинитивно најдобар) меѓутоа, доколку имате градина полна рози може да го направите и сами. Комплетната постапка ќе ја најдете во статијата Направете сами ружина вода.

2. Скраб од рози


Од свежите латици на роза може да направите и скраб за тело или лице од роза. Сѐ што треба да направите е да ставите во блендер малку шеќер и латици од роза и да изблендирате. Потоа додадете малку масло по ваш избор колку да добиете убава смеса. Вака подготвениот скраб би ви препорачала да го искористите во моментот на подготовката или да го чувате максимум една недела во фрижидер. Јас додадов и крупна сол од мртво море за подобар скраб ефект со оглед на тоа што ќе го користам за тело.

3. Лековита сол од рози за бањање и како купка за стапала


Овој рецепт е навистина многу интересен и лесен за подготовка. Потребни состојки ви се латици од роза и крупна сол (доколку имате сол од мртво море уште поубаво, инаку може и обична крупна сол).



Се подготвува на тој начин што во една тегла се става ред сол, ред латици од роза сѐ додека да ја пополните теглата.




Затворете ја теглата и оставете така да отстои барем три недели. Солта има способност да ја впива водата од латиците, така да ќе ги исуши природно и ќе го впие мирисот. Доколку сакате додатно да мириса вашата сол, може да и додадете етерично масло од роза. Не ставајте премногу рози, доволни се латици од две рози.

Секогаш кога ќе посакате да направите бања за кожата или одлична купка за стапала, доволно е да земете дел од солта со сувите латици од роза и да ги ставите во кадата или легенчето со вода. Вашата кожа ќе биде неверојатно мека и убава. За подобар ефект по купката, на сеуште благо навлажнета кожа намачкајте некое масло на пример кокосово или арган за кожата да остане свиленкасто мека и убава.

Козметички прав од рози


Правот од рози може да го најдете во продажба на специјализирани сајтови за основни козметички состојки или во подобро снабдените природни аптеки надвор од републикава. Ммеѓутоа, јас не би била биодевојка, доколку не ви кажам како сами може да го подготвите во домашни услови и да го користите за голем број на домашни средства за нега на кожата и косата.

Најнапред да кажам дека за подготовка на овој прав од рози потребни ќе ви бидат секако свежи рози, односно нивните латици. Мој совет ви е да не ги земате никако розите од цвеќара со оглед на тоа што не им го знаеме потеклото и можно е да се хемиски третирани, туку од вашите градини (доколку ги имате), или пак да ги земете од луѓе кои знаете дека не ги третираат розите со хемикалии. На овој начин сме сигурни дека правот од рози кој ќе го направиме ќе биде природен, во спротивно џабе ни е сѐ ако си мачкаме хемикалии на лицето.
Исто така не ви советувам да земате градски рози со оглед на тоа што колите доста ги загадуваат. Предноста на природните рози е што нема потреба да се мијат, оние хемиските ќе треба убаво да ги измиете, меѓутоа на тој начин ќе отидат и поголем број на убави состојки од самата роза.


Доколку имате сопствени градини, најдобар период за да ги скинете розите е наутро кога се убави свежи и отворени. Постојат разни видови на рози кои се разликуваат по изгледот, бојата и што е најважно мирисот. Интензитетот на мирисот на овој козметички прав од рози ќе зависи токму од видот на роза кој сте го употребиле. Затоа, доколку сте во можност одберете убави мирисни рози.

Откако ќе ги наберете, долниот дел каде што е зеленото како дршче завртете го и нежно отстранете го. Во раката ќе ви останат само латиците.


Ставете ги убаво оддалечени една од друга на еден чист чаршав во соба каде има одличен провев (може да отворите прозор) и оставете така да се сушат, сѐ додека да видите дека латиците се комплетно суви. Никако не ги сушете директно на сонце, затоа што под дејство на сонцето ја губат бојата и стануваат бледо-белкасти.



Еве ги розите по 24 часа сушење (сеуште им е потребно за да бидат готови).


Потребни се три дена убаво да ги исушите розите.

Откако убаво ќе се исушат, нивната боја убаво ќе се интензивира и иако ви се чини дека не мирисаат не очајувајте, штом ќе ги сомелете и ставите во едно кутивче, ќе видите дека нивниот мирис ќе стане поинтензивен.



Земете една машинка за кафе (може и рачно да ги истолчите со помош на еден толчник) и претворете ги сувите рози во прав. Ете, вашиот домашен и комплетно природен прав од рози е готов и може да го употребувате на повеќе начини за кои ќе говорам во продолжение на оваа статија.


Јас ги иситнив во блендер (немам машинка за кафе) и затоа се малку покрупни, меѓутоа мене не ми смета затоа што и онака потребни ми се за скраб. Вие доколку имате машника за кафе ви советувам да ја користите за да добиете убав хомоген прав.


1. Пилинг со прав од роза

Пилингот од роза е фантастичен како за кожата на лицето, така и за кожата на телото. Може да го подготвите многу лесно и со малку состојки:

2 супени лажици прав од рози;
2 супени лажици нишесте;
2 супени лажици шеќер за нормална / сода бикарбона за масна кожа / или сол за тело;

Убаво помешајте ги прашкастите состојки и доколку имате слободно додадете малку етерично масло од рози за поинтензивен мирис. Ова ќе биде вашата база за скраб.

Како што ви пишав во рецептот доколку имате нормална накај сува кожа користете шеќер, за комбинирана до масна ставете сода бикарбона, а доколку скработ го правите за тело ставете сол. Доколку вашата кожа е премногу чувствителна, во тој случај додадете мелени бадеми.

Секогаш кога ќе посакате да направите скраб земете малку од смесата и додадете малку масло или алое вера гел. Внимателно масирајте го лицето околу минута две со благи нежни кружни движења. Обилно измијте со млака вода.

2. Маска од роза


Правот од роза е како создаден за подготовка на маска за лице за било каков тип на кожа. Од сува, до нормална, до комбинирана или масна. Овој прав одговара на буквално сите состојби на кожата. Потребни ќе ви бидат навистина малку состојки и тоа:

Основна маска: прав од роза помешана со малку вода или ружина вода.  Ова е наједноставна и најосновна маска која може да ја направите. Доколку сакате нешто поинтересно и погодно за вашиот тип на кожа, пробајте го следново:

За многу сува и чувствителна кожа

половина кафена лажичка прав од роза;
1 кафена лажичка нишесте;
половина кафена лажичка мед;
малку млеко (онолку колку е потребно да се добие убава смеса);

Убаво помешајте ги сите состојки и смесата нанесете ја на убаво исчистено лице и врат. Оставете да делува околу 15 мин. и убаво измијте со млака вода.

За комбинирана до масна кожа

половина кафена лажичка прав од роза;
1 кафена лажичка зелена глина;
половина кафена лажичка мед
малку вода или уште поубаво ружина вода (колку што е потребно за убава смеса)

Убаво помешајте ги сите состојки (доколку е потребно додадете некоја од состојките додека да добиете убава компактна смеса) и нанесете ја на убаво исчистено лице. Оставете да делува додека глината да почне да затега и убаво измијте со млака вода.

3. Исплакнувач за коса со прав од роза


Земете две кафени кажички од правот од роза и потопете ги со 200 мл. врела вода. Поклопете ја течноста и оставете ја природно да се олади. Потоа процедете со многу ситна газа (или чист памучен материјал) и со водата исплакнете ја косата по миењето (како последно исплакнување). Влакното ќе добие неверојатно голем сјај и самата коса ќе делува поздраво и поубава.

Само да ви кажам дека розата има доста интензивна боја и може малку да ја обои кадата, меѓутоа бојата исчезнува доколку веднаш темелно ја измиете. Воопшто не ја бои кожата или косата.

Се надевам дека овие едноставни а сепак одлични рецепти ви се допаднаа. Доколку е тоа така оставете ваш компентар под самиот текст.

Голем поздрав и до следно читање.
Вики

Comments

  1. Мошне корисни информации, ти благодарам многу. Веќе неколку години ја користам водата од роза (на турскиот бренд Gulsha) во шишенце со дифузер, презадоволна сум, ја користам на лицето како замена за тонер и после депилација. Претходно користев термална вода ама мислам дека розината вода има подобар ефект, сакам да почнам да го користам маслото од роза, дали е добро за комбинирана кожа?

    ReplyDelete
    Replies
    1. Драга Елена, јас имам комбинирана кожа и мене ми одговараше. Мислам дека зависи од самата кожа, индивидуално е. Понекогаш иако луѓето имаат ист тип на кожа на пример комбинирана, сува или нормална, ист производ не дава исти резултати кај сите. Потребно е да пробаш за да видиш како ќе делува кај тебе. Поздравче,

      Delete

Post a Comment