Слуз од полжав - природно решение за кожа со акни, лузнички, стрии и флеки


Природата претставува непресушен извор и секогаш ни нуди совршени состојки за подобрување на било каков проблем или состојба на нашата кожа. Едно од нив е слузот од полжав кој директно од природата се употребува во козметички цели како решение во случај на проблем со акни, лузнички, стрии или темни феки на кожата. Слузот од полжав претставува вистински концентрат на голем број на регенеративни и хранливи состојки, кои истовремено имаат и заштитно дејство врз кожата.

Во оваа статија ќе проговориме токму за оваа неверојатна состојка: од тоа што преставува, што содржи што ја прави толку единствена и каков ефект дава врз нашата кожа. Исто така ќе ви претставам и еден одличен производ на база на слуз од полжав, односно кремот за лице на Dr. Organic, кој имав можност да го тестирам врз себе и од кој сум многу задоволна.

Слузот од полжав има навистина уникатен состав и содржи:


- Алантоин: состојка која има неверојатна моќ да го забрза заздравувањето на лузничките и малите рани, отколку кога истите би заздравиле по природен пат. Исто така го спречува штетното дејство на слободните радикали кои предизвикуваат предвременото стареење на кожата;

- Мукополисахариди: една од главните карактеристики на овие елементи е таа што кога истите ќе дојдат во допир со вода го зголемуваат својот волумен и креираат една желатинска гел состојка која има неверојатно високо хидратантно дејство. Со други зборови, кожата е секогаш одлично хидрирана и заштитена;

- Колаген: кој е природно присутен и во човековата кожа. Ја прави самата кожа мека, поеластична и го враќа тонусот на кожата.

- Гликолна киселина: го спречува предвременото стареење на кожата и ги отстранува мртвите клетки од неа. Исто така, го стимулира производството на колаген во кожата и ја прави поеластична. Оваа состојка е одлична во превенцијата на акните и темните флеки на кожата;

- Еластин: одлично ја оддржува еластичноста на кожата и ја спречува /ублажува појавата на стрии, лузнички и брчки;

- Витамини: А (го спречува стареењето на кожата), Е (природен антиоксиданс), Ц (го зголемува тонусот на ткивото);

Делотворните својства на слузот од полжав биле откриени кај собирачите на полжави во Чиле, кои и покрај тоа што со текот на годините старееле, кожата на рацете останувала многу помлада отколку нивната вистинска возраст. Нивните раце биле екстремно нежни, хидрирани и меки, а лузничките и раните побрзо заздравувале.

 Како што можевте да забележите од досега напишаното, станува збор за една состојка која е навистина уникатна и единствена по состав. Пред да преминам на ефектите и позитивните влијанија на оваа состојка врз нашата кожа, а и за што сѐ може да ја користите, како што ви најавив на почетокот на оваа статија ќе ви го претставам анти ејџ кремот со слуз од полжав на Dr. Organic.


Зошто го одбрав токму овој крем? Затоа што има единствена комбинација на неверојатни состојки за нега на кожата. Навистина досега немам видено волку комплетен производ каде слузот од полжав е искомбиниран со уникатен микс од биоактивни состојки за нега на кожата. Декларацијата и сите состојки се навистина во склад со филозофијата и сѐ она што претставува една добро формулирана природна и органска козметика:

Ingredients (INCI): Aloe barbadensis leaf juice, Aqua, Snail secretion filtrate, Cetearyl alcohol, Glycerin, Glyceryl stereate citrate, Cera alba (Beeswax), Isoamyl laurate, Butyrospermum parkii (Shea) butter, Theobroma cacao (Cocoa) butter, Sodium hyaluronate, Argania spinosa (Argan) kernel oil, Prunus armeniaca (Apricot) kernel oil, Macadamia ternifolia seed oil, Persea gratissima (Avocado) oil, Vitis vinifera (Grape) seed oil, Punica granatum (Pomegranate) seed oil, Prunus amygdalus dulcis (Sweet almond) oil, Glyceryl caprylate, Tocopherol, Helianthus annuus (Sunflower) seed oil, Chondrus crispus (Carrageenan) extract, Xanthan gum, Chamomilla recutita (Chamomile) extract, Tilia cordata (Linden) extract, Achillea millefolium (Yarrow) extract, Melilotus officinalis (Sweet clover) extract, Altaea officinalis (Marshmallow) extract, Malva sylvestris (Mallow) leaf extract, Litsea cubeba (May chang) oil, Cymbopogon schoenanthus (Lemongrass) oil, Citrus aurantifolia (Lime) oil, Sodium phytate, Sodium benzoate, Potassium sorbate, Citral, Limonene.


Не знам кој ја направил формулата на овој крем, ама човекот е дефинитивно генијалец. Како што може да забележите од самата декларација на прво место во кремов има сок од алое вера, а на трета позиција во декларацијата се наоѓа слузот од полжав што значи дека е дел од базата на производот и застапен е во добар процент. Овие две состојки одлично се надополнуваат, ја подобруваат состојбата на темните флеки, делуваат врз тонусот и благо ја затегаат кожата. Прават еден вид на природен лифтинг на самата кожа. Исто така имаат и ленитивно и заштитно дејство врз самата кожа.

Она што е навистина фасцинантно е што кремов содржи микс од најдобрите масла за нега на кожата како: арганово масло, масло од семки од кајсија, масло од макадамија, масло од авокадо, масло од семки од грозје, масло од семки од калинка, масло од сладок бадем, масло од сончоглед, вербена, лимонова трева и витамин Е. Од екстракти содржи камилица, липа, ајдучка трева, слатка детелина и бел слез. Овие масла се потпомогнати од шеа и какао путерот и пчелиниот восок кои ја подобруваат не само структурата на кремот туку и делотворноста врз кожата.

 
Обично кај еден производ од основна важност се три елементи и тоа:

- процентот на масла употребени во кремата кои се показател за тоа колку кремата е всушност масна;
- изборот на масла и нивната комбинација, кој е индикатор за тоа како кремата ќе се размачкува на лицето;
- редоследот на маслата кој го дава карактерот на една крема, односно за каква кожа е наменета.

Овде може да кажам дека без разлика на тоа што има толку многу масла, со оглед на нивната одлична искомбинираност со останатите состојки (алое вера сокот и секретот од полжав), кремов воопшто не го масти лицето и лесно се апсорбира. Има способност одлично да ја хидрира, регенерира и храни кожата. Од сликите може да забележите колку бргу се апсорбира во кожата.



Изборот на масла е јасен индикатор дека структурата на кремов е свиленкаста и одлично се размачкува врз лицето, а јас тоа може да ви го потврдам. Откако ќе го нанесете кожата ја чувствувате навистина мека. Доволна е сосема мала количина за да се покрие целото лице со што видно заштедувате (не трошите крем беспотребно). Друга одлична работа е што, благодарение на заштитното својство на дел од состојките, кремов е погоден како за преку ден (во текот на летниот период секогаш со заштитен фактор врз него), така и за навечер со оглед на тоа што има големо регенеративно и хранливо дејство.

Друга важна работа кога веќе зборуваме за изборот на масла е фактот што во овој крем се употребени масла со различна тежина, односно лесни масла, средни масла и тешки масла. Доколку во еден производ се стават само лесни масла, истиот ќе дава маслен ефект со оглед на тоа што лесните масла први избиваат на кожата и ја мастат. Доколку масла со разна густина убаво се формулираат меѓусебно, но и со разни путери и восоци, се добива производ кој не масти, а е сепак многу хранлив за кожата. Токму и затоа уште на почетокот кога говорев за декларацијата споменав дека оваа формула е голем успех за производителот и направена е многу плански.

Еве погледнете ја структурата на овој производ


Има прекрасен свеж цитрусен мирис кој ги буди сетилата и дава свежина на кожата на лицето.

Откако убаво го разгледавме составот на овој крем, ајде да проговориме за бенефициите врз кожата и при кои состојби на кожата одговара.

Кремот со слуз од полжав на Dr. Organic е наменет за нормална до сува кожа, како и возрасна кожа која го изгубила тонусот и еластицитетот. Скоро сите знаете дека јас имам комбинирана кожа и можам да кажам дека мојата кожа одлично го прифати (ова е секако индивидуално).Го користам веќе две недели и можам да кажам дека ниеднаш Т зоната не ми се масти по нанесувањето на кремот и дава прекрасно пријатно чувство на свежина и олеснување.

Благодарение на мукополисахаридите дава одлична хидратација на кожата, чувство како кожата да се напила вода, ете токму така делува. Може слободно да го користите и како крем после сончање доколку поголем дел од времето сте го поминале на плажа. Ќе ја врати изгубената хидратација под дејство на сонцето.

Според мене овој крем би бил многу погоден и за мажите како средство по бричењето, кога кожата на лицето е најчувствителна, со оглед на тоа што една од главните карактеристики е токму хидратантното дејство. Исто така кремов е одличен и за оние кои имаат лузнички на лицето со оглед на тоа што го помага нивното заздравување и ја подобрува состојбата на лицето.


Јас сум премногу среќна што моментално го користам овој крем, затоа што според составот помага и во намалувањето на темните флеки од лицето (јас имам неколку на челото), иако за тоа треба секако време. Не е возможно од одма да се видат резултати, меѓутоа убавината на органската козметика е во тоа што не дава веднаш моментално резултати, меѓутоа резултатите кои ги дава се трајни, вистински и задоволувачки.

Важно е да напоменам дека за преку ден секогаш ставам крем со заштитен фактор над овој крем, со оглед на тоа што содржи цитрусни масла. За навечер секако нема потреба со оглед на тоа што не се изложуваме на сонце.

Освен овој крем, колекцијата содржи и серум, гел за масна кожа, маска за лице и крем за нега на кожата околу очите.

Ете драги мои, се надевам дека оваа рецензија ви се допадна.

Поздрав и до скоро читање.
Вики

Comments

  1. Дали би бил погоден за црвени флекички од акни? И која е неговата цена?

    Благодарам.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга, според составот мислам дека е погоден и за таа намена. Цената е 1750 денари, а го има во аптеките на пример Еурофарм или Виола. Поздрав.

      Delete
  2. Здраво. Дали е ефикасен за пеги на луцето-стекнати од сонце,и дали се користи во летен период?
    Благодарам

    ReplyDelete
    Replies
    1. Драга Маги, да секако дека е ефикасен против флеки од сонцето. Јас имам неколку на челото и токму поради тоа имав голема желба да го пробам овој крем. Секако не очекувај дека веднаш ќе исчезнат, затоа што е потребно време и упорно користење. Јас ја користам овој период, и можам да кажам дека флеките се помалку видливи, отколку лани на пример. Е сега, со оглед на тоа што содржи и цитрусни масла (кои се фотонестабилни), доколку ја користиш за преку ден, обавезно стави одозгора крем за заштита од сонцето со висок заштитен фактор. Ако сакаш да ја користиш навечер како ноќен третман (кожата уште поубаво ги прима сите состојки навечер кога спиеме), во тој случај нема потреба од крем со заштитен фактор врз него. Поздрав.

      Delete
  3. За мрсна кожа кој би бил повеќе погоден гелот или серумот?
    Благодарам.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Драга Маријана, серумот е многу посоодветен за масна кожа, барем според декларацијата. Секоја кожа е индивидуална, јас имам комбинирана и мене кремов ми беше одличен (серумот го немам пробано од оваа линија). Доколку пробаш, пиши како си задоволна. Поздрав.

      Delete
  4. Мислење за гелот на krauterhof

    ReplyDelete
    Replies
    1. Без декларација не можам да дадам никакво мислење за производот. Поздрав

      Delete

Post a Comment