Природни сапуни направени со љубов


Здраво драги мои,

доколку се сеќавате, пред две години имав напишано една статија каде говорев за домашните и природните сапуни, како да ги бирате, нивниот состав и дејство. Ви напоменав дека сите сапуни не се исти и дека одредени комбинации на маслата кај природните сапуни можат многу нежно да ја измијат кожата на телото и лицето, без притоа да ја исушат.

Во денешнава статија би сакала да проговорам токму за еден таков вид на природни сапуни, каде сите состојки се прекрасно изедначени и одлично се надополнуваат, и на самиот сапун му даваат неверојатно нежни својства во миењето на кожата. Станува збор за природните сапуни на Bare Origin.

Идејата за овие сапуни потекнува од желбата да се направи сапун кој најнапред ќе биде 100% природен и рачно изработен, но и сапун кој ќе ја почитува околината, односно во кој нема воопшто да се користи палмино масло.

Маслата кои се користени во самите сапуни се произведени лично од тимот на Bare Origin, а со оглед на тоа што оваа марка е позната по масла може да бидете сигурни дека станува збор за високо квалитетни масла. Неколку од нивните масла, особено она од шипка, ми се омилени.


Иако има повеќе видови на сапун, јас одбрав да ви претставам два и тоа оној со мирис на лаванда (кој просто го обожавам) и оној со дива шипка (кој исто така боженствено мириса).

Она што на прв поглед ме воодушеви е составот на самиот сапун и комбинацијата на масла во него кои ја одредуваат не само структурата на сапунот, туку и намената. Ќе ви ги претставам посебно двата сапуни.

1. Нежен сапун со мирис на лаванда


Овој сапун ја содржи следнава декларација:

масло од кајсија, масло од кокос, маслиново масло, масло од репка и етерично масло од лаванда.


Маслиновото масло како што веќе ви имам кажано е единствено масло кое може само да стои во еден сапун (без други масла). Овој вид на масло не прави многу пена и дава навистина убава структура на сапунот (во зависност и од комбинацијата со другите масла). Од аспект на нега одлично ја негува кожата.

Кокосовото масло ја помага пенливоста на сапунот и го прави самиот сапун покомактен. Обично не се преминува доза од 20% во целокупниот рецепт затоа што до овој процент во комбинација со други масла одлично ја мие кожата без да ја суши. Во овој сапун, како што ќе може да видите подолу од сликите, а и од моето лично искуство процентот на кокосово масло е идеален со оглед на тоа што кожата ја остава мека и хидрирана. Вопшто не затега и не ја суши.

Маслото од кајсија е многу хранливо и лесно масло кое е идеално и за многу чувствителна кожа.

Масло од репка е исто така многу хранливо масло кое одговара и за чувствителна кожа.

Етеричното масло од лаванда не само што му дава прекрасен мирис на производов кој јас просто го обожавам, туку благодарение на антибактериското, антисептичкото и смирувачкото дејство, ова масло е идеално за здравјето и убавината на кожата. Одлично е за скоро секаква состојба на кожата, од чувствителна, до кожа склона кон митесери.

Еве погледнете колку малку пена прави овој сапун. навистина е многу деликатен и нежен за кожата. Мене ми остави навистина прекрасен впечаток. Ефектот кој го дава по миењето е кожа која ја чувствувате мека на допир.



 2. Сапун од дива шипка


Декларацијата на овој сапун е:

Масло од дива шипка, кокосово масло, маслиново масло, масло од репка и етерично масло од здравец.

И овде важи она што претходно го споменав за маслата, само што овде наместо масло од семки на кајсија има масло од шипка (кое како што ви кажав ми е омилено од оваа линија) и етерично масло од здравец. Маслото од шипка содржи:

 - бифлавоноиди кои имаат антиоксиданто дејство врз кожата
- танини кои имаат астрингентно дејство врз кожата
- каротеноиди, фитостероли и полифеноли кои го зацврснуваат заштитниот филм на кожата

Обично маслото од шипка се додава на ладно во сапуните, така да ги задржува скоро сите хранливи својства.


Можам да кажам дека и двата сапуни се екстремно нежни и може да ги користите како за миење на телото така и за лицето.

Како што можевте да забележите од самите слики, се гледа дека овие сапуни се рачно изработени и со многу љубов. Ете, токму во тоа е убавината на еден природен сапун.

Сапуните како што знаете немаат потреба од конзерванси со оглед на тоа што имаат базна пх вредност, меѓутоа со оглед на тоа што се производ на измивање, кожата во здрави услови многу бргу ја враќа својата благо киселкаста пх вредност иако сте се измиле со сапун.

Доколку сте љубители на сапуни за миење на кожата на лицето или телото, топло ви советувам да ги пробате овие. Верувајте ми ќе бидете премногу задоволни од резултатот и воодушевени од ефектот врз вашата кожа.

Дали често користите сапуни за миење на лицето или телото и какви најчесто бирате?

Поздрав
Вики

Comments

  1. Jas se mijam isklucivo so sapuni. Naskoro planiram da si napravam i sapuni za kosa i za lice, samo sto treba da kupam masla koi se pogodni za mojata kosa i koza na liceto.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Драга Нермина, убаво формулираните сапуни за лице не ја сушат кожата иако имаат базна пх вредност. Браво за твојата иницијатива сама да си направиш сапуни. Само напред!!!! Поздрав.

      Delete
  2. Kade mozat da se najdat ovie sapuni, pozdrav

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Јулија, овие сапуни може да се најдат во Јавна Соба во Скопје. Цената беше околу 190 мкд. Поздрав иубав ден.

      Delete
    2. Во секое време драга. Поздрав.

      Delete

Post a Comment