Совршено хидрирана кожа за време на летниот период


Здраво драги мои,

за време на летните месеци нашата кожа под дејство на сонцето се поти, дехидрира или во некои случаеви и се суши. Токму затоа има потреба од зголемена хидратација како внатрешно така и надворешно. Целта на оваа статија е да ви дадам неколку совети кои ќе може да ги употребувате секојдневно со цел не само да ја зголемите хидратацијата на кожата, туку истата и да ја задржите.

1. Вода: примарен извор на здравје и убавина

Правилната хидратација на кожата започнува од внатре и тоа преку количината на течности кои ги внесуваме. Водата е извор на здравје и убавина, и основна состојка на нашето тело. Голем број на луѓе скоро воопшто не пијат вода или пак пијат само тогаш кога премногу ќе ожеднат. Водата треба да се пие во текот на целата година, особено летно време кога поради зголеменото потење, организмот има потреба да ги надокнади изгубените течности со цел истиот правилно да функционира.

Интересен факт кој што сакам да го споделам со вас е тоа што водата на собна температура е онаа која најдобро го хидрира организмот. Знам дека летно време сите барате вода од фрижидер која е ладна мислејќи дека на тој начин инстантно ќе се освежите, меѓутоа и ќе му приредите мал шок на организмот. Тој под дејство на нагло внесената ладна течност малку ќе се забави со оглед на тоа што треба да се потруди околу терморегулацијата (односно да ја врати претходната температура).

За поголема свежина може да додадете неколку парченца лимон или да истискате малку лимон во водата. Иако се препорачува обична вода, мене лично повеќе ми се допаѓа онаа благо минерална или газирана вода (природно газирана) и најчесто таа ја пијам. Моја омилена вода која постојано ја купувам (секако правам алтерација и со обична негазирана вода) е Визиана. Навистина е толку благо газирана не се ни чувствува, а сепак одлична не само за кожата туку и за системот за варење.

Би ви препорачала да пиете од литар ипол до два литри вода дневно, бидејќи на тој начин не само што ја оддржувате правилната хидратација на кожата, туку ја помагате функцијата на целиот организам и го прочистувате од токсини.

2. Термална вода


Термалната вода е еден од најголемите благодети на природата. Најиделано би било кога сите би имале можност да отидат на бања каде има базени или извори на термална вода и комплетно да се внурнат во овој извор на добросостојба и здравје за кожата. Доколку навистина имате прилика сторете го тоа, вашата кожа ќе ви биде премногу благодарна.

За среќа, овој вид на вода се продава во шишенца на испрскување. Може да ја носите во ташните и да го испрскате лицето секојпат кога ќе почувствувате потреба за тоа. Не постои ограничување колку пати дневно може да ја употребите. Тоа е секако индивидуално и зависи од вас самите, односно од потребите на вашата кожа.

Еден трик кој го открив неодамна е тој што кога ќе ја испрскате кожата на лицето, оставете така една минута и потоа вишокот истапкајте го со пешкир или марамица. Ова е поради фактот што водата кога испарува со себе ја влече и онаа во самата кожа. Затоа не чекајте комплетно да се исуши туку сторете го тоа вие за да дел од неа сепак остане во вашата кожа.

Кај нас постојат повеќе марки на термална вода како Avene, La Roche Posay, Gamarde и можам да ви кажам дека сите се одлични. Секако изворот од кој потекнува термалната вода е различен, така да вие одберете она што најмногу ви одговара како географско подрачје и секако цена.

2. Алое вера гел и сок


Оваа состојка е од огромно значење за правилна хидратација на кожата како внатрешно, така и надворешно. Ви препорачувам да земете алое вера гел или сок чист без никаков додаток за внатрешна употреба, кој потоа секако може да го користите и надворешно на кожата.

Алое вера сокот или гелот се богати со минерали како калциум, железо, потасиум и магнезиум, и содржи 18 аминокиселини и витамини како А, Б, Е, Ц и Д.

Може да го пиете чист или да го блендирате со разно овошје по ваш вкус за да добиете оригинален и освежувачки напиток. Јас обично го бландирам со овошје како бобинки, јагоди или ананас, кои имаат како освежувачко, така и прочистувачко дејство.

Нанесен локално, алое вера гелот има способност да ја хидрира кожата и да го помага задржувањето на течности во истата. Идеален е за летно време затоа што воопшто не ја отежнува самата кожа. Кога ќе се нанесе на лицето може да ви даде впечаток на мало затегање и чувство како кожата да ви е сува (иако тоа не е така), па за да го избегнете ова чувство, може да ја комбинирате со некое масло како на пример јојоба за масна или комбинирана кожа и авокадо или бадемово масло за нормална до сува кожа.

3. Хијалуронска киселина


Хијалуронската киселина е една од најфасцинантните молекули која може кон себе да “врзе“ многу вода. Го забрзува производството на колаген и ја подобрува структурата на конективното ткиво. За повеќе информации и видови, ве поканувам да ја прочитате статијата Сѐ што треба да знаете за хијалуронската киселина.

4. Миење на кожата со соодветни препарати

Без разлика на тоа дали станува збор за кожата на лицето или телото, во летниот период ви препорачувам средства кои се благи и нежно ја измиваат кожата без да придонесат за нејзино сушење. Доколку е возможно бирајте средства кои не содржат сулфати, или пак средства каде сулфатите се избалансирани во одлична формула со цел да се сведе на минимум нивносто измивачко дејство, а со самото тоа и агресивноста на производот. Затоа ве молам внимателно гледајте ги декларациите пред да го купите производот.

5. Високо хидратантни производи за нега на кожата


Откако ќе ја измиете и тонизирате кожата, на ред доаѓаат кремите за заштита на кожата кои во летно време треба да бидат што повеќе хидратантни. Треба да имаат лесна кремаста или гел структура, да не ја отежнуваат кожата и да даваат свежина кога ќе се нанесат на лицето. Одлични се и серумите секако на природна база без силикони и нафтени деривати. Во некоја од следните статии ќе ви дадам предлози за летни креми кои може да ги користите во овој топол период.

Истово станува збор и за нега на кожата на телото. После секое туширање обавезно нанесувајте лесен крем и лосин за нега во зависност од видот на вашата кожа. Избегнувајте тешки креми со оглед на тоа што во летниот период повеќе се потиме и тешките креми може да бидат малку непријатни за самата кожа, во смисла да ја отежнат или да го зголемат потењето. Во една од наредните статии исто така ќе ви дадам предлози за убави летни лосиони и креми за тело.

Драги мои се надевам дека оваа статија ви беше од корист и секако ви се допадна. Вие применувајте ги советите и ќе видите дека вашата кожа ќе блеска и за време на летниот период и пред сѐ ќе го задржи своето здравје и убавина. Би сакала само уште еднаш да ве потсетам правилно да ја заштитувате кожата за време на изложувањето на сончевите зраци со убав крем со заштитни филтри (по можност физички).

Ние се читаме наското, а дотогаш ве гушкам и ви посакувам пријатен ден.
Вики

Comments