Ноќен серум за неверојатно убава кожа


Здраво драги мои,

пред недела дена си направив еден навистина прекрасен серум кoј има одличен ефект врз кожата. Се нанесува навечер, затоа што преку ден е потопло и кожата повеќе се поти. Навечер кожата природно се обновува и најдобро ги прифаќа сите состојки кои ги нанесуваме врз неа.

Идејата за овој серум ја добив сосема случајно. Навечер секогаш правам кратка масажа на лицето со некое убаво масло. До пред извесно време користев масло од ему, потоа се префрлив на масло од арган со мирис на чоколадо. Со оглед на тоа што дома имам навистина многу видови на масла, се решив да одберам неколку кои меѓусебно се надополнуваат и заедно даваат многубројни бенефиции на кожата.

Маслата кои ги одбрав се:

- 10 мл. арганово масло (две кафени лажички);
- 10 мл. масло од макадамија (две кафени лажички);
- 5 мл. масло од шипка (една кафена лажичка);
- 5 мл. кокосово масло (една кафена лажичка)


- Маслото од арган е едно од најкомплетните масла за нега на кожата. Има големо анти ејџ дејство и видно ги намалува брчките од лицето. Неопходно е за задржување на еластичноста на кожата.

- Маслото од макадамија е вистински концентрат на палмитолеинска киселина која е еден од најмоќните антиоксиданси и помага во спречувањето на штетното влијание на слободните радикали кои се причина за предвременото стареење на кожата, и олеинска киселина која е од основно значење за регенерацијата на кожата.

- Маслото од шипка има огромно позитивно дејство во случај на лузнички и темни флеки на кожата. Исто така има и големо антиоксидантно дејство. Во серумов го ставивме заедно со маслото од арган затоа што овие две масла одлично се надополнуваат и видно го подобруваат аспектот и структурата на кожата.

- Кокосовото масло има големо антибактериско влијание и креира еден вид на заштита на кожата од разни бактериски реакции.

Во едно празно шишенце од 30 мл. (по можност одберете темно),  ставете ги сите масла и доколку имате, додадете витамин Е. Маслото од макадамија е едно од поотпорните масла на ужегнување, меѓутоа витаминот Е додатно ќе ја зголеми отпорноста на маслата. Јас ставив 2 гр. вит. Е. Доколку немате, може и без него.


На сликата може да забележите и две етерични масла (од иланг иланг и лимон). Најнапред сакав да ги додадам на производот, меѓутоа со оглед на тоа што маслото од арган е со мирис на роза, а кокосовото масло е со мирис на монои, комбинацијата излезе перфектна. Маслото мириса на монои со микс на роза и шипка (која исто така има убав интензивен мирис).

Доколку вие користите масла без мирис може слободно да додадете 5 капки некое етерично масло по ваш избор.

Навечер на убаво исчистено лице (на благо навлажнета кожа) нанесете неколку капки од ова масло и со блага масажа мачкајте го на лицето. Со редовна употреба ќе забележите голема промена кај вашата кожа.


Се надевам дека оваа статија ви беше од корист.

Поздрав и до следно читање.
Вики

Comments

  1. kade go ima masloto od shipka? i kolku cini?

    ReplyDelete
    Replies
    1. Драга Весна, маслото од шипка може да го најдеш во Јавна Соба во Скопје. Има различна милилитража, ако не се лажам беше некаде околу 500 до 600 мкд. Поздрав.

      Delete

Post a Comment