Пробав за вас: крема за регенерација на кожата New skin Booster од Vivo Oleo


Студот, маглата и климатските промени, лошо влијаат врз кожата, особено онаа сувата која е склона кон црвенила и иритации. Во ладните зимски месеци сувата и чувствителна кожа има потреба од особена нега и заштита, особено ако притоа се перута и е чувствителна на допир.

Во рок од месец дена за вас ја пробав кремата за регенерација на кожата New skin Booster од Vivo Oleo. Без разлика на тоа што имам комбинирана кожа, целта на овој блог е да пробувам и предлагам производи за сите видови на кожа, со цел да ви олеснам при изборот или проблематиката на вашата кожа. Мора да ви напоменам дека се изненадив од ефектот на оваа крема, која без разлика на тоа што е наменета за сува кожа, одлично одговараше и на мојата кожа (можеби затоа што ја имам навикнато на нега со масла и побогати производи). Ајде најнапред да ја разгледаме декларацијата на овој производ и да дознаеме повеќе околу формулата и состојките кои се употребени во него.


Од декларацијата може да забележиме дека кремава е направена врз база на повеќе масла во комбинација со путери, убаво избалансирана, веднаш се впива и не дава масен ефект. Кога во декларацијата ќе забележам толку многу масла обично гледам три важни работи и тоа:

- процентот на масла употребени во кремата кои се показател за тоа колку кремата е всушност масна;
- изборот на масла, кој е индикатор за тоа како кремата ќе се размачкува на лицето;
- редоследот на маслата кој го дава карактерот на една крема, односно за каква кожа е наменета


Како база на оваа крема употребени се следниве состојки (по редослед): пченкарно масло, шеа путер, масло од макадамија, масло од дива роза, кои се одлични во негата на сувата кожа, особено маслото од роза кое е доста ценето и ретко, има големо анти ејџ влијание и навистина е благодат да се види на толку висока позиција во кремата. Шеа путерот одлично ја храни и омекнува кожата и го спречува непријатното чешање, иритации и црвенила, а маслото од макадамија е богато со витамините А, Д и Б, и претставува одлична заштита од ладното.
Овие првични состојки вака искомбинирани се знак (а јас тоа можам да ви го потврдам) дека кремата има густа структура, и е наменета за сува чувствителна кожа, склона кон црвенила и иритации.

Благодарение на активните состојки и екстракти како камилица, коњско опавче, маточина и етерично мсло од чајно дрво, оваа крема освен хранливо и омекнувачко дејство има и силно антиинфламаторно, антибактериско и смирувачко дејство.



Лично ја користев два пати дневно (наутро и навечер), затоа што сакав да го видам резултатот како преку ден, така и навечер. Кога ја користев за преку ден оваа крема, како што кажав, брзо се впи и кожата ја чувствував навистина мека. Може слободно да ја користите и како подлога за пудра. Одлично штити од ладното (имаше навистина многу ладни денови кои одлично ми дојдоа во тестирањето на овој производ), меѓутоа и кога беше потопло не создаваше проблеми.

Навечер оваа крема претставува храна за кожата, затоа што во текот на ноќта кожата уште поактивно ги извлекува хранливите состојки од неа. Ќе се разбудите со кожа која е одморена, нахранета и на допир исклучително мека .

Откако завршив со тест периодот на оваа крема, со оглед на тоа што ми остана околу половина производ,  и ја дадов на мајка ми затоа што таа има сува кожа која кај носот се перута и никако не може да си најде крема која и одговара. После 10 дена користење ми кажа дека кожата одлично ја прифатила кремата и дека лупењето на кожата во пределот на носот е доста намалено, што е знак дека овој производ има навистина одличен ефект.

Доколку имате проблем со сува и атопична кожа и се мислите каков производ да земете, ви ја препорачувам топло оваа крема која како што вели и самото име, ќе претставува ваша нова кожа.


Цената на оваа крема е 1280 денари и истата може да ја најдете во аптеките на Еурофарм низ републиката.

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист.
Ви закажувам нова средба наскоро, а дотогаш ве гушкам.

Вики



Comments