За убава и здрава кожа, оддржувајте правилна хигиена на четките за шминка


Секако, веќе ни стана навика редовно да го миеме лицето, да ја отстрануваме шминката навечер и да оддржуваме перфектна хигиена за убава и здрава кожа. Но што правиме кога станува збор за четките кои секојдневно ги користиме за шминкање? Колкаво внимание посветуваме за оддржување на нивната хигиена, колку често тоа го правиме и дали оддржувањето на хигиената на приборот за шминкање делува врз убавината на кожата? Да, и тоа многу.

Важно е да напоменам дека ова што во продолжение ќе го прочитате го пишувам од аспект на обична девојка која како многумина од вас обожава да се шминка. Многу е позабавно да се извалкаат четките со шминка (додека се експериментира и се испробуваат разни стилови и бои), а колку е здодевно кога истите треба да ги чистиме (верувајте ми и мене ми се темни кога треба ова да го правам), меѓутоа откако ќе помислам како миксот од секојдневната нечистотија, прав, остатоци од шминка и бактерии претставуваат опасност за кожата, и те како засукувам ракави и се фаќам за работа.


За да бидат чисти, четките треба темелно да се измијат еднаш неделно и за тоа нема потреба да трошите цело богатсво на скапи средства специјално креирани за оваа намена, затоа што и најобичниот шампон или гел за лице и тело ќе заврши работа. Затоа заборавете ги скапите средства кои чинат цело богатство, најдете блег шампон или гел и да започнеме со чистењето.

Еве како јас лично ги мијам четките со цел да ја задржам не само формата и квалитетот, туку да направам истите повеќе да ми траат и да го избегнам нивното предвремено уништување. Не велам дека мојот метод е најправилен на цел свет, ама за мене функционира, а ќе ви ги кажам и грешките кои ги направив поради кои уништив доста четки.

Најнапред четката ја мокрам со вода (внимавајте да не го намокрите делот кој ја спојува четката со дршката затоа што може лепакот да попушти и истата да се одлепи, мене ми се случи двапати). намокрете го само делот каде се наоѓаат влакната.


Потоа на дланката ставам мала количина на гел (јас најчесто четките ги мијам со истиот производ кој го користам за миење на лицето) и со прстите многу нежно поминувам низ влакната. Е сега, немојте никако одоздола да притискате со раката (да ја смачкувате четката), туку нежно со прстите чистете ја четката помеѓу влакната одозгора (убаво секое влекно) за да избегнете промена во формата на вашата четка (верувајте ми ќе стане бушава па оди после опрај ја!!!).


Потоа нежно измивате со топла вода (под чешма) и ете вашата четка е чиста.

Е сега, тука има и една важна работа. Колку повеќе користите поприродни производи како пудра, сенка, руж и.т.н. без силикони, толку побрзо ќе успеете да ја измиете четката. И тоа е веднаш воочливо.
Дали ви се случило четката од течната пудра да ја миете цел ден или пак сунѓерчето за нанесување на пудра да го гланцате и гланцате, а сепак е валкано и пудрата никако не излегува? Епа тоа драги мои се силиконите и штом толку тешко излегуваат од четките и сунгерчињата, замислете каков ефект имаат врз кожата.

Што се однесува до сушењето никако не употребувајте фен, ниту пак треба да ја ставате врз парно мислејќи дека побрзо ќе се исуши. Оставете ја да се исуши природно легната хоризнотално, меѓутоа внимавајте влакната да не бидат сплескани на рамна површина за да не ја деформирате четката. Најдобро е да ја потпрете четката на некој повисок предмет, меѓутоа да оставите главата на четката (онаму каде се влакната) да висат во воздух а не потпрени на рамна површина. За да се исушат помалите четки доволни се два часа, додека за поголемите (како мојава на сликата) потребна е цела ноќ.



Знам што ќе помислите, леле изгледа премногу комплицирано, премногу работа, меѓутоа верувајте ми, повеќе ви се исплаќа да се потрудите, затоа што кожата на вашето лице ќе ви биде навистина благодарна.

Друго нешто кое го сфатив (откако фрлив две четки) е никако ама НИКАКО не користете балзам за коса за да ги омекнете. Мене еднаш четките ми беа малце тврди и ај си велам малку балзам за коса и се ќе биде во ред. Откако се исушија, четките не го примаа убаво правот од сенките, пудрата или руменилото и ќе треба да ги фрлите.



Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист, а секако доколку вие имате ваши начини на чистење на четките или пак сакате да додадете нешто, целиот празен простор под текстот е комплетно ваш.

Поздрав и до скоро читање.
Вики

Comments