Прекрасен и изедначен тен со тонираниот крем на Gamarde


Здраво на сите,

во денешнава статија би сакала да рецензирам еден производ кој го тестирав во последно време и во кој буквално се заљубив, со оглед на тоа што има повеќекратна функција на кожата. Станува збор за тонираниот крем на Gamarde за светла кожа кој истовремено храни, негува, го изедначува тенот, ги прикрива неправилностите и дава прекрасна здрава боја на кожата.
Ова е идеален производ за сите оние кои зимно време сакаат да ја заштитат кожата од надворешните влијанија, но и за модерната жена или девојка која сака да заштеди на време и да најде еден производ кој не само што ќе ги прикрие неправилностите на кожата туку истовремено и ќе ја негува. Ајде најнапред да ја разгледаме декларацијата на овој крем.

INGREDIENTS: Gamarde aqua (Gamarde Water), Aloe barbadensis leaf extract*, Glycerin, Cera alba* (Beeswax), Helianthus annuus (Sunflower) seed oil*, Centaurea cyanus (Cornflower) flower water*, caprylic/capric triglyceride, cocoglycerides, parfum (Fragrance), cetearyl alcohol, coco-glucoside, talc, glyceryl stearate citrate, maris sal, Argania spinosa (Argan) kernel oil*, coconut alcohol, glyceryl caprylate, Butyrospermum parkii (Shea) butter*, Simmondsia chinensis (Jojoba) seed oil*, Cinnamomum camphora (Camphor) bark oil, Cymbopogon martini (Palmarosa) oil*, tocopherol, Melaleuca viridiflora (Niaouli) leaf oil*, kaolin, xanthan gum, citric acid, silica, CI 77492, CI 77491, CI 77499, CI 77891, citral, farnesol, geraniol, limonene, linalool.


Кога свесно се формулира еден убав производ од кој се очекува да има повеќе перформанси, состојките не се ставаат случајно, туку внимателно се бираат не само видот на маслата, туку пред сѐ нивната густина, дејство и меѓусебно влијание. Значи потребна е многу добра стратегија за успешен производ. Доколку во еден крем има само масла тој ќе има помасен ефект на кожата, а доколку маслата ги избалансираме со путери и восок добиваме производ кој кожата побрзо го впива, не остава масна трага, а сепак храни и негува. Од декларацијата може да заклучиме дека станува збор за одлично избалансиран крем (од аспект на густина, хранливост, хидратација и апсорбирање) кој воопшто не ја отежнува или масти кожата на лицето. Во формулата постигната е идеална комбинација и баланс помеѓу состојките како термалната вода Gamarde и глицеринот, со многу лесните масла како маслото од јојоба и caprylic/capric triglyceride, средно густото сончогледово масло и лесната структура на аргановото масло. Шеа путерот и пчелиниот восок во кремот имаат за цел да ги избалансираат маслата и да го направат производот да биде полесен за размачкување на самата кожа. Кога ќе се нанесе на кожата кремот дава и мат ефект (ќе го видите тоа и на сликите) благодарение на каолинот (белата глина) која ја прочистува кожата. Во самата формула присутна е и состојката силика која е фантастична особено во декоративните производи, затоа што дава неверојатен свиленкаст финиш на кожата, ги прикрива проширените пори на лицето, воопшто не е комедогена и одлично одговара дури и за масна и проблематична кожа.


Откако ја разгледавме декларацијата ајде да преминеме на ефектот врз кожата.
Нешто што обожавам кај овој крем (освен лесната структура која веднаш се впива) е ефектот кој го дава врз кожата. Одлично ги прикрива неправилностите и црвенилата на кожата, без да ја отежни или запуши кожата и што е најважно дава здрава боја на кожата и изедначен тен. Доколку некој се доближи до вас нема воопшто да примети дека имате ставено тониран крем, меѓутоа ќе ви се восхитува на изедначениот тен и здравата боја на кожата.

Еве каква е структурата на производот


Оваа нијанса која ја имам јас е light за светла кожа (има една и за потемен тен на кожата). Знам дека можеби вака на слика ви изгледа темна (и мене ми изгледаше темна кога за првпат ја ставив на рака), меѓутоа кога ќе ја нанесете на кожата перфектно се соединува со тенот на вашата кожа и сфаќате дека воопшто не е темна како што сте мислеле. Покривноста не е голема како традиционалните пудри, меѓутоа одлично го изедначува тенот и дава здрава боја на лицето, и затоа според мене идеална е за секојдневна употреба за преку ден, кога на природен начин сакаме да ги прикриеме недостатоците и црвенилата на кожата, без тоа да биде премногу забележливо или нападно.

Еве го ефектот на овој производ врз кожата



Морам да напоменам дека многу ми се допаѓа и природниот мирис на билки.

Ете драги мои, ова е моето мислење за тонираниот крем на Gamarde и доколку сте во потрага по еден производ кој кој ќе ви даде комплетна нега, заштита и нежно ќе ги прикрие недостатоците на вашата кожа, во тој случај топло ви советувам да го пробате овој тониран крем.

Поздрав и до скоро читање.
Вики


Comments

  1. Драга Вики уште една од низата на одлични рецензии. Може ли да ми кажеш каде може да се најде оваа крема? Однапред ти благодарам поздрав Ирена :)

    ReplyDelete
    Replies
    1. Драга Ирена, овој крем може да го најдеш во аптеките на пример Еурофарм. Навистина е многу убав. Има и тестерчиња може да побараш за да пробаш. Поздрав.

      Delete
  2. Здраво Вики, дали кремава одговара за сува кожа? Дали при користење без крем како подлога може да се појавст лишаи на лицето? Обично купувам козметика според твоите рецензии, досега се било одлично, па би сакала твое мислење и за оваа крема ☺
    Ти благодарам однапред и голем поздрав

    ReplyDelete
    Replies
    1. Драга Татјана, кремов е навистина прекрасен. Мене премногу ми се допадна и одлично ми ја изедначуваше кожата. Според мене одговара и за сува кожа. Кремов е органски и со одлични состојки и декларација. Меѓутоа со оглед на тоа што секоја кожа е различна, ти препорачувам да пробаш тестерче. Поздрав.

      Delete

Post a Comment