Неверојатните својства на маслото од макадамија


Помалку познато од останатите масла како арган, јојоба или кокос, маслото од макадамија има неверојатно ревитализирачко дејство не само врз кожата и косата, туку и врз целокупниот организам доколку се конзумира по внатрешен пат. Се добива од плодовите на едно дрво кое расте во Австралија и е откриено пред повеќе од 500 години од страна на аборџините.

Содржи 60% олеинска киселина, 19% палмитолеинска киселина, 2,8% линолеинска киселина, 6% омега 3 и 6 масни киселини и витамини како А, Б1 и Б2 кои се пријатели на правилната циркулација и на лимфниот систем. Ова масло одлично ја регулира и работата на тироидната жлезда, а благодарение на омега 3 и 6 масните киселини, одлично е како превенција на кардиоваскуларните болести.

Благодарение на палмитолеинската киселина која е многу слична на онаа на нашиот себум во кожата, ова масло е идеално и многу компатибилно за нега на кожата. Нашата кожа го апсорбира со неверојатна леснотија и брзина, затоа што на некој начин го препознава и успева да ја задржи нејзината природна еластичност. Особено е наменето за сува, чувствителна и дехидрирана кожа и има големо анти ејџ влијание. 


Во денешнава статија ќе се задржам на употребата на ова масло за убавина на косата (со оглед на тоа што најчесто го користам за таа намена) и ќе ви објаснам како да го користите и какви ефекти дава на самата коса.

Маслото од макадамија е ектремно ефикасно и функционално кога станува збор за убавината, здравјето и негата на косата. Спас е за сува, оштетена и коса без сјај, благодарение на големиот процент на витамин Е во самото масло, кој го помага кератинот во влакното и на тој начин го забрзува обновувањето на косата и длабински ја храни косата. По употребата на ова масло косата ќе добие неверојатен сјај, станува помазна и полесна е за чешлање. Со оглед на тоа што ова масло активно и ефикасно ја ревитализира косата, таа побрзо расте и е поздрава.

Јас најчесто ова масло го користам на следниов начин: благо ја навлажнувам косата и нанесувам доволна количина за да ја покријам целата коса. На веќе намачкана коса со маслото ставам најнапред обична пластична ќеса, а врз неа пешкир. Ја држам така најмалку саат време а најмногу преку ноќ (во зависност од времето кое го имам на располагање) и потоа убаво ја измивам косата со благ органски шампон. На овој начин косата комплетно се ревилализира, исчезнува ефектот на сува и разлетана коса и добива висок сјај.


Маслото кое го гледате на сликата најчесто го земам од Рим, и освен макадамија содржи и масло од ленено семе, витамин Е и етерично масло од лимон (кои го зголемуваат ефектот на макадамијата и сјајот на косата). Наменето е само за коса.

Еве го резултатот на косата по употребата како маслен третман пред шампонирање. Го нанесов на начинот на кој ви говорев погоре и го држев околу 5 часа.



Се надевам дека оваа статија ви се допадна и дека, доколку сеуште не сте го нашле идеалното масло за вашата кожа и коса, ќе му дадете шанса на маслото од макадамија. Резултатите може да ве остават без зборови.

Ве гушкам сите и до скоро читање.

Вики

Comments