Мирен сон, кожа без акни и прекрасна коса со етерично масло од лаванда


Едно од најпознатите етерични масла кое на некој начин нема контроиндикации и може да се употребува на илјада начини и во многу разни ситуации, е секако етеричното масло од лаванда. Благодарение на антибактериското, антисептичкото, релаксирачкото, антидепресивното и смирувачкото дејство, ова масло е идеално за зравјето, убавината на кожата и косата и како средство за оддржување на хигиената во домот. Ова масло одлично делува и на психичката состојба на организмот, и претставува најдобро средство за прва помош при некои ситуации кои ќе ги разгледаме во продолжение на овој текст. Според мене ова етерично масло би требало да биде присутно во сечиј дом, и секако е must have за сите оние кои се доближуваат до ароматерапијата.

Постојат разни видови на етерични масла од лаванда како на пример Lavanda Vera, Lavanda Officinalis, Lavanda Hybrida кои се најпознати и најраспространети во продажба, и сите потекнуваат од истата фамилија на билката. Има прекрасен и неодолив мирис, која смирува и ги гали сетилата. Јас лично го обожавам.

Без да одолговлекувам многу, во продолжение би сакала да ви кажам на кои се нчини може да го користите ова етерично масло како средство за подобро здравје, убавина и добросостојба на организмот.


1. Етерично масло од лаванда во служба на нашето здравје

Доколку се сеќавате, во статијата за ароматерапија http://biodevojka.blogspot.mk/2015/02/blog-post_16.html, објаснив како правилно да се користат етеричните масла и зошто истите не може во никој случај да се користат чисти директно на кожата. Епа етеричното масло од лаванда е исклучок, и во одредени случаеви може да се користи директно на кожата, а во некои случаеви помешано со базно масло или алое вера гел.

- во случај на убод од инсект, возможно е да се користи ова масло директно врз убодот на кожата и тоа чисто. На едно памукче или стапче за чистење на уши, се капнува една до две капки етерично масло од лаванда и нежно се нанесува врз убодот.

- во случај на многу силна главоболка, капнете една до две капки етерично масло од лаванда врз прстите, размачкајте го и со нив направете кратка масажа во пределот кај слепоочниците (каде што започнува косата). На овој начин етеричното масло од лаванда ја ослободува тензијата, делува на болкта, но и смирува. Доколку сакате додатно да се релаксирате, слободно помирисајте ги прстите.

- во случај на несоница, капнете една капка етерично масло од лаванда врз вашата перница (некаде на крајот од перницата) пред да одите на спиење. Мирисот на лавандата ќе ве опушти, релаксира и ќе ви помогне побрзо да заспиете.


- во случај на разни изгореници (сонце, оган), исекотини или изгребаници, може да се користи етеричното масло од лаванда во комбинација со алое вера гелот. 10 капки етерично масло од лаванда се раствораат во 10 мл. гел од алое вера и со таа смеса се поминува местото каде имате изгореница на пример од рерна, оган или сонце.

- доколку имате проблеми со циркулација, во тој случај одлична е масажа на телото со етерично масло од лаванда. 30 капки етерично масло од лаванда се додаваат во 100 мл. базно масло како на пример сончогледово, бадемово, оризово итн. Со оваа смеса масирајте ги нозете и глуждовите за да ја подобрите циркулацијата на телото.

- доколку вашите дечиња се вознемирени, во гелот за бањање (земете мала количина на раката) додадете една капка етерично масло од лаванда, или пак растворете го директно во водата во кадичката каде го бањате заедно со гелот за бањање. Ова масло одлично ќе делува врз смирувањето на дечињата, особено ако го направите пред спиење. Доколку сакате готов производ кој е наменет за деца и во својот состав веќе содржи етерично масло од лаванда и вода од лаванда, тогаш земете го дерматолошкиот гел на Gamarde за кој веќе говорев во http://biodevojka.blogspot.mk/2015/06/blog-post_17.html.


- доколку сакате смирувачка купка за вас самите во која ќе уживате после напорен ден или заедно со вашите партнери, во тој случај наполнете ја кадата со вода (не премногу жешка) и во неа додадете етерично масло од лаванда на следниов начин: во еден сад ставете две големи лажици крупна морска сол во која ќе капнете од 30 до 40 капки етерично масло од лаванда. Убаво промешајте и додадете ја солта во кадата со вода. Потопете го телото во неа и уживајте опуштени во наредните 10 до 15 минути. За уживањето да биде поголемо, запалете по некоја свеќа и пуштете си релаксирачка музика.

- во случај на настинка или кашлица, направете инхалација со врела вода и неколку капки од лаванда. Во едно тенџере со врела вода капнете од 5 до 10 капки етерично масло од лаванда. Не само што ќе имате бенефиции за подобрување на настинката, туку и вашата кожа на лицето ќе извлече корисни дејства од самата инхалација.

2. Етерично масло од лаванда за прекрасна кожа и коса

- во случај на проблеми со целулит или стрии растворете 30 капки етерично масло од лаванда во 100 мл. масло од бадем, лешник или друго базно масло, и со него мачкајте ја зафатената зона секојдневно. Секако при нанесувањето направете и блага масажа за кожата подобро да го прими маслото и истото да има подобар ефект.

- доколку сакате да направите анти ејџ серум, во тој случај растворете 15 капки етерично масло од лаванда во 50 мл. масло од арган, јојоба, или друго масло во зависност од видот на кожата.

- доколку страдате од акни и масна кожа, етеричното масло од лаванда е спас за оваа проблематика, благодарение на антибактериските својства на ова масло. Начинот на кој може да го користите ова масло веќе го објаснив во статијата за најдобрите етерични масла за акни и бубуљички http://biodevojka.blogspot.mk/2015/08/blog-post_16.html. Од огромна помош во третирањето на оваа проблематика се и маските за лице на база на зелена глина во која се додаваат неколку капки етерично масло од лаванда. Помешајте малку зелена глина со една кафена лажичка мед, малку зелен чај и две до три капки етерично масло од лаванда. Нанесете ја маската на убаво исчистено лице и оставете да делува околу 10 мин. Измијте обилно со млака вода.


- за здрава и сјајна коса, етеричното масло од лаванда може да го употребите во шампонот (доколку користите неутрален шампон), во третманите со масла пред шампонирање (додадете две три капки етерично масло од лаванда во една супена лажица базно масло од бадем, рицинус, ленено семе или било кое друго масло кое најчесто го употребувате за третман на косата). Исто така од голема корист се и исплакнувањата на косата со вода, оцет и етерично масло од лаванда. Во 500 мл деминерализирана вода (или доколку сакате појак раствор во една чаша деминерализирана вода), додадете една супена лажица јаболков оцет (најдобро ако е органски) и 7 до 10 капки етерично масло од лаванда. Со оваа течност измијте ја коста по шампонирањето како последно плакнење. Косата ќе добие неверојатен сјај и мекост. Овој третман е одличен и доколку имате масна коса.

3. Етерично масло од лаванда во служба на домот

- доколку пешкирите станале тврди од честото перење, еве ви еден природен омекнувач на база на лаванда или етерично масло од лаванда. Верувајте не само што ги омекнува пешкирите, туку им дава прекрасен мирис. Овој препарат може да го подготвите на два начина а потребни ви се следнива состојки:

прв начин:

1 шоља свежа лаванда или половина шоља сува
бел дестилиран оцет

Во една тегла се става лавандата и комплетно се покрива со оцетот. Пред да се затвори капакот од теглата доколку е метален прво ставете еден целофан со ластик па потоа металниот капак затоа што металот реагира со оцетот. Доколку ставите пластичен капак не е потребно да се стави целофан. Вака подготвената тегличка треба да стои 3 до 4 недели на суво и темно место со повремено протресување. По истекот на времето на отсојување течноста се процедува и се чува во фрижидер во пластично или стаклено шише.

втор начин:

етерично масло од лаванда
бел дестилиран оцет

Ова е најбрзиот начин кој може да го подготвите пред секое перење. Потребна ви е супена лажица бел оцет во која ќе додадете две до три капки етерично масло од лаванда (во зависност од количината на пешкирите што ќе ги перете може да ја удвостручите дозата ако станува збор за поголема количина значи две лажици оцет со 5-6 капки етерично масло од лаванда). Повеќе за ова пишував во http://biodevojka.blogspot.mk/2015/02/blog-post_17.html



- доколку сакате природен освежувач за простории, може многу лесно да направите еден сами. Во едно празно спреј шише од 100 мл. ставете 25 капки етерично масло од лаванда, а потоа додадете една супена лажица вотка. Убаво промешајте ги овие две состојки. Наполнете го остатокот од шишето со деминерализирана вода (оставете малку простор не до горе). Целта на алкохолот во овој рецепт е подобро да ги врзе етеричното масло и водата. Овој спреј може да го користите за освежување на простории или како спреј за мирис на постелнини, облека и останати ткаенини.  Сетете се убаво да го протресете шишенцето пред секоја употреба. Повеќе за постапката може да прочитате на http://biodevojka.blogspot.mk/2015/03/blog-post_11.html

- наместо вештачките мириси кои се повеќе штетни отколку корисни, зимно време во порцеланските садови за освежување на простории кои обично ги држиме до парното, во водата додадете неколку капки етерично масло од лаванда која не само што ќе направи домот убаво да мириса, туку и позитивно ќе делува врз психата и ќе ве релаксира.

- доколку сакате вашите фиоки со долен веш, или вашите шифоњери со облека убаво да мирисаат, во тој случај купете суви цветови од лаванда и ставете ги во една украсна платнена (или од друг материјал) торбичка и ставете ја во фиоките или шифоњерите. За да го зголемите мирисот, во самата лаванда додајте и неколку капки етерично масло од лаванда.


Ете драги мои, се надевам дека сега сфативте зошто етеричното масло од лаванда треба да се најде во секој дом. Се надевам дека ви се допаднаа овие совети и дека ќе ги примените.

Вие како и секогаш оставајте ваши коментари под самиот текст доколку имате искуство со ова етерично масло, доколку за нешто го користите, или пак доколку имате било какво прашање во врска со оваа тема.

Ве гушкам сите и до следната статија.

Вики

Comments