Дали е неопходно да се користи лосион или тоник за лице и како да го избереме правилно

Здраво на сите,

тоникот или лосионот за лице според голем број на девојки претставува непотребен дел од секојдневната нега на лицето и многумина воопшто и не го користат, затоа што не ги познаваат доволно бенефициите на ова средство. Понекогаш добивам прашања дали навистина е неопходен дел од секојдневната нега и како и во кои ситуации треба да се користи. Затоа и се решив да ја напишам оваа статија за да ви дадам некои појаснувања кои (според мене) се од огромно значење при изборот и користењето на тоникот за лице. Секако, повторувам дека ова е мое лично мислење и зборувам врз база на сопствено искуство со тониците воопшто.

Каква е всушност функцијата на тоникот за лице?

Тоникот или лосионот за лице претставува течност која содржи дестилирани билки и благо киселкасти состојки, и неговата примарна улога е да ја балансира ph вредноста на нашата кожа, односно и помага на кожата да ја задржи природната киселост. Нашата кожа има природна ph вредност која е благо киселкаста и доколку дојде до алтерација на таа вредност како резултат на користење на агресивни средства за миење, разни чистачи за лице или сапуни кои ја сушат кожата, може да се појават разни проблематики на самата кожа како на пример сува кожа, масна кожа, акни или црвенила. Млекото за чистење или гелот за миење ја вадат шминката и нечистотиите од кожата, меѓутоа ги отстрануваат и водата и себумот кои се всушност заштитиниот филм на кожата. Токму тука помага тоникот, кој ги отстранува евентуалните траги од млеко или гел и останати нечистотии, и повторно ја балансира ph вредноста на нашата кожа. На тој начин ја остава кожата чиста, истата може да дише и подготвена е за следниот чекор од нашата секојдневна рутина за нега на кожата, односно кремата.

Тоникот има за цел и да ги намали проширените пори на кожата, кои многумина од нас ги имаат на лицето, да ја освежи кожата и ја направи посјајна. Одлично ја хидрира нашата кожа и ѝ помага да ја задржи природната влага.


Како да го одбереме вистинскиот тоник за лице во зависност од видот на нашата кожа?

Со оглед на тоа што тоникот (за разлика од млекото, гелот, маслата или измивачите за лице) не се одмива од кожата туку останува на неа, треба да биде одлично формулиран (по можност органски), затоа што состојките во него остануваат на кожата и активно делуваат Во продолжение ќе ви дадам мали совети при избор на тоник во зависност од вашиот вид на кожа.

Тоникот за масна кожа треба да содржи билки кои имаат тонирачки и благо затегнувачки ефект врз кожата, меѓутоа без истата да ја сушат. Затоа сите оние кои имаат масна кожа треба да бираат тоник на база на рузмарин, лаванда, чајно дрво или жалфија, меѓутоа да внимаваат во тоникот да нема присуство на алкохол затоа што може додатно да ја исуши кожата и да ја влоши состојбата со зголемено лачење на себумот. Секако освен состојките кои имаат затегнувачки ефект, во тоникот мора да се најдат и состојки кои истовремено ќе ја навлажнуваат и хидрираат самата кожа, и на некој начин ќе го надополнуваат тонизирачкиот ефект на билките како на пример алое вера гел, глицерин, пантенол итн.


Тоникот за сува кожа мора да биде исклучиво благ, на база на камилица, невен или други билки кои имаат смирувачко дејство врз кожата, и освен смирувачко, треба да има и омекнувачко дејство врз кожата. И тука мој совет ви е да бирате тоници без алкохол. Верувајте ми и јас порано користев тоници кои во својот состав имале алкохол,(ги користев и до пред година дена) и во прво време имате убави резултати од истиот, меѓутоа доколку редосво го користите подолг временски период, истиот може да ја исуши кожата со текот на времето (малку по малку). Тоа го сфатив откако почнав да користам тоници без алкохол, за да ја увидам разликата. Затоа сега бирам само тоници без алкохол, а многу често и сама ги правам. Алкохолот во суштина и не е опасен доколку се користи во мал процент во целокупната формула (зависи и од видот на алкохол кој е употребен и умешноста на производителите), меѓутоа не може во никој случај да ја погодиме од декларацијата, дозата која ја употребиле производителите. А секако, доколку ги прашаме (имам исконтактирано повеќе производители) сите велат дека е присутен не повеќе од 10%, меѓутоа во тоа не може да бидеме баш и сигурни.


Како и кога да го нанесуваме?

Тоникот се нанесува наутро и навечер по миењето на лицето со гел или крема за миење, и пред употребата на крема за лице. Навечер, откако ќе ја отстраните шминката, поминете го лицето со тоникот за да ги отстраните евентуалните остатоци од чистачот за лице или шминка на вашата кожа.

Имам пробано уште три алтернативни употреби на тоникот кои кај мене лично се покажаа од огромна корист (особено онаа пред нанесувањето на маслото со оглед на тоа што често користам чисти масла како серум на кожата на лицето) и сакам да ги споделам со сите вас:

- откако ќе го нанесете тоникот на лицето и ќе избришете со памукче, нанесете уште еден слој (доколку е на прскање уште подобро) и на така навлажнета кожа од тоникот нанесете ја вашата крема или масло за нега на кожата. Кожата многу подобро ќе ја впие кремата и нема да треба премногу да мачкате или да имате масно лице (а и помала количина од кремата или маслото ќе ви биде доволна така што патем и заштедувате).

- доколку се шминкате и на лицето нанесувате најнапред крема, па течна пудра, па коректор итн., пред секој од нив испрскајте го лицето со малку тоник (наменет за вашиот тип на кожа). На тој начин не само што кожата ќе биде навлажнета и мека, туку и шминката ќе ви трае подолго.


- доколку користите пудра во прав, по шминкањето и нанесувањето на пудрата во прав испрскајте го лицето со маслку тоник (секако од далеку и мала количина) за да го избегнете прашкастиот ефект на кожата од самата пудра (тоникот ќе направи пудрата помалку да се приметува а сепак ќе ви трае).

Навистина доста е тешко да се најде еден убав тоник за лице во продажба кој нема да ја иритира кожата, а сепак ќе ја извршува својата функција, односно она за што е наменет. Затоа во една од следните статии ќе ви предложам неколку вида на тоник, каква замена може лесно да се најде во продажба, и секако, ќе ви дадам рецепти за домашни тоници кои лесно може да ги направиме сами дома, комплетно природни и без конзерванси (ако ги ставам рецептите во оваа статија ќе читате три дена :)).

Поздрав и до скоро читање.
Вики

Comments