Многу едноставен балзам за усни од чоколадо


Здраво драги мои,

обожавам да правам балзами за усни и многу често експериментирам со разни состојки како пчелин восок, какао путер, шеа путер итн. Секојпат добивам производ кој има различна текстура, мирис и боја, меѓутоа сите тие имаат едно нешто заедничко: одлична хранлива моќ врз кожата на усните.

Откако веќе објавив рецепти за два навистина фантастични балзами за уста од кои едниот со пчелин восок, а другиот со какао путер, многумина од вас не успеваа да најдат некоја од состојките, или пак рецептите им изгледаа малку комплицирано, во смисла многу состојки за купување. Затоа во денешнава статија ќе направиме балзам за усни во кој нема да ставиме ни пчелин восок, ниту пак какао путер, а сепак ќе биде екстра хранлив и со одлична структура користејќи само три состојки кои многу лесно може да ги најдеме и тоа: кокосово масло, рицинусово масло и погодете што...хммммммм чоколадо!!!

За овој рецепт потребни ви се:

една кафена лажичка кокосово масло
една кафена лажичка рицинусово масло
еден ред чоколадо (3 до 4 коцки)
малку цимет во прав, на врвот од лажичката (не е обавезно, ставете го доколку имате дома)

Во еден сад ставете ги сите состојки и стопете ги на пареа. Убаво помешајте и доколку сакате оригинален мирис и вкус додадете малку цимет во прав (на врвот од лажичката). Префрлете ја смесата во едно празно чисто кутивче и ете, вашиот балзам за усни е готов.

Кокосовото масло е многу хранливо и ја омекнува кожата на усните. Рицинусовото масло дава огромен сјај на производот и на усните, а чоколадото во случајов ги заменува пчелиниот восок, шеа путерот или какао путерот и освен што ја храни кожата пред сѐ го користиме за зацврснување на производот. Може да користите бело, темно или млечно чоколадо по ваш избор (во зависност од она што го имате дома).


Од аспект на функционалност, овој балзам одлично ја навлажнува, негува и храни кожата.

Секако, доколку имате состојки како пчелин восок, разни путери и масла, во тој случај ве потсетувам на балзамите кои веќе ги имам предложено во овие две статии:

http://biodevojka.blogspot.mk/2015/09/blog-post_27.html

http://biodevojka.blogspot.mk/2015/02/blog-post_24.html

Comments

  1. Здраво Вики,
    го направив балзамов, па еве да напишам и јас мала рецензија :)
    Направив комбинација од пола лаж шеа путер, пола лаж кокосово масло, пола лаж рицинусово и пола лаж масло од пченични никулци и 3 капки Е вит. Ставив еден ред бело чоколадо за готвење и ми се истури малку повеќе цимет :) Балзамот е убав, хранлив, но нареден пат ќе го направам со пчелин восок, мислам дека така би бил уште похранлив и помрсен. Вака многу брзо ми се впива. Е сега дали се впива поради тоа што нема восок или поради тоа што ми е многу убаво чоколадото па буквално го јадам од уста, тоа сеуште не знам :)

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга, од сите балзами кои ги имам направено, оној кој е дефинитвно најмасен е со мед. Направи го рецептот со мед на мојот блог (објавена е во статиите од февруари месец 2015. Како масло користи рицинусово кое има огромно хранливо дејство (подобро рицинусово отколку другите масла доколку сакаш хранливост). Медот во комбинација со маслото и восокот се иделна комбинација за длабока хидратација. Пчелиниот восок помага и да се задржи мирисот на медот во балзамот и секако да го зацврсне производот. Овој балзам го предложив како алтернатива на сите девојки кои неможат да најдат пчелин восок а сепак сакаат природен производ. И овој исто така има хранливо дејство, навистина убаво ги храни усните како и оној третиот со какао путер. Зависи каков ефект сакаш. Јас ги имам сите три дома и комбинирам (еден имам во ташна еден дома итн.) и сите хранат само тој со мед најдолго се задржува на устата и го ставам обично навечер како ноќен третман. Поздрав.

      Delete
    2. п.с. браво за обидот навистина сум среќна што си се обидела да направиш природен балзам, а уште повеќе што сопственото искуство го сподели со мене и останатите читатели. Благодарам многу и голем бакнеж.

      Delete

Post a Comment