Направи сам: миризлива сол за бањање


Здраво драги мои,

на крајот од напорен ден нема ништо подобро од релаксирачка купка со свеќи, добра музика и зошто да не миризлива сол во кадата. Во продажба има многу производи за оваа намена, меѓутоа со оглед на тоа што е навистина многу лесно да се направи може да го направиме и сами дома. Освен тоа што знаеме што сме ставиле во производот, истиот може да го персонализираме според нашиот сопствен вкус, со етерични масла и бои кои ни се допаѓаат.

Во продолжение на оваа статија ќе видиме како сами може многу лесно да направиме персонализирана миризлива сол за бањање, која претставува и фантастичен подарок доколку сакате да изненадите некого. Личноста на која сте го подариле ќе биде сигурна дека сте посветиле време, труд и љубов.

Меѓутоа да не должам многу и да започнеме со рецептот. Потребни состојки за овој проект се:

крупна сол
етерични масла по ваш избор
прехрамбена боја
тегличка или стаклено шишенце

Во Рим беше многу лесно да се најде сол од мртво море во скоро секоја билна аптека и аптека и обично ја плаќав од 5 до 10 евра за килограм во зависност од марката. Овде мислев дека не може да се најде и бев подготвена да купам крупна сол за готвење, меѓутоа за среќа, случајно во ДМ најдов една која е чиста без никакви адитиви, бои или ароми. Перфектна за овој проект.


Најнапред одберете ја тегличката или стакленото шишенце во кое ќе ја конфекционирате вашата миризлива сол за бањање. Подобро е стаклено шише отколку пластично. Измерете колку супени лажици на сол влегуваат во тегличката за да знаете колку капки етерично масло и прехрамбена боја да додадете.

Јас одбрав мала тегличка со тапа во која имаше чај кога ја купив. Чајот го префрлив во друга тегличка, оваа убаво ја измив, оставив комплетно да се исуши и ја искористив за овој проект.


Најнапред ја измерив количината сол и во ова стаклено шишенце влегуваа 7 супени лажици крупна сол (без да ја преполнувам секако). Солта ја префрлив во еден сад.

Како што забележавте од сликата погоре, направив два вида на миризлива сол: една релакс со етерично масло од лаванда, а друга антицелулитна со етерични масла наменети за оваа проблематика и какао во прав.

Еве како ги направив:

Во две посебни тањирчиња со сол, најнапред додадов 5 капки прехрамбена лила боја за солта од лаванда, и една кафена лажичка какао за антицелулитната сол. На тој начин солта доби и прекрасна интересна боја.



За боење на солта имам пробано и со сокови од овошје и зеленчук (за да биде поприродно), меѓутоа со оглед на тоа што истите немаат конзерванси и лесно оксидираат, солта може да промени боја, а и не е баш хигиенски, така да мора да користиме прехрамбена боја. За 7 супени лажици морска сол ви препорачувам најмногу до 5 капки боја за да не претерате со количината.

Најверојатно може да употребите и некој зачин на пример куркума како боја, меѓутоа не знам дали истата ќе ја обои кадата. За какаото тврдам дека не бои, затоа и го ставив.

Откако ја нанесовте прехрамбената боја, убаво промешајте ја солта со една пластична лажичка или дрвено стапче или шпатула.


Оставете ја солта околу час време за комплетно да се исуши (доколку има евентулна влага (со оглед на тоа што бојата е на водена база). Не би требало затоа што количината е мала, меѓутоа сепак за да бидете сигурни оставете да се исуши.

Што се однесува до оној сад со сол со какао, може да продолжите веднаш со работа.

Откако поминал саат време, подготвени сме за етеричните масла.

Во садот со виолетова сол, најнапред додадов мелена лаванда (една кафена лажичка) меѓутоа само затоа што ја имав дома. Доколку немате нема потреба. Мелената сушена лаванда го зголеми мирисот на лаванда и придонесе за убава боја, меѓутоа доколку немате прескокнете го овој чекор и додадете 5 капки етерично масло од лаванда.


Обично на секоја супена лажица сол одговара по една капка етерично масло што во случајов би биле 7, меѓутоа и со 5 веќе силно се чувствува мирисот. Мислам дека 5 се сосема доволни. Некои етерични масла се доста силни, така да подобро е да се биде умерени. Ви советувам најнапред да ставите 5, убаво да ја промешате солта и да видите дали ви се допаѓа јачината на мирисот. Доколку сакате појако додадете уште две.

Во смесата со какао (со оглед на тоа што сакав да ја направам со антицелулитен ефект) додадов 2 капки етерично масло од портокал, 1 од рузмарин, 1 од мента и 1 од лимон. Мирисот беше фантастичен нешто помеѓу портокал, мента и какао. На оваа смеса додадов и две три капки арома за торта од чоколадо, за да го потенцирам мирисот на какао. Не може да замислите како прекрасно мириса.


Откако сте ги додале етеричните масла и убаво сте ја промешале смесата, време е да ја ставите во тегличката или стакленото шишенце и да ја затворите.

Ете, производот е готов, прекрасно изгледа, а освен тоа што фантастично мириса има и специфично влијание врз нашата кожа и организам.

Пред да почнете да ги користите, оставете да отстојат барем една недела.


Солта со лаванда има релаксирачки и опуштачки ефект, одлична е за навечер кога сте напнати и сакате да го опуштите телото пред спиење.

Антицелулитната сол има прочистувачко и детокс влијание, дава енергија и виталност на кожата и организмот.

Доколку немате дома када, или пак љубители сте на туширањето, без проблем. Солта може да ја користите на тој начин што ќе земете мали ќесики (оние за подароци), ќе ставите малку сол во нив (околу една кафена лажичка) и со солта нежно го поминете телото како кога би правеле пилинг. Ова е особено одлично за антицелулитната сол која ќе направи благ пилинг и ќе ослободи дел од етеричните масла врз вашата кожа.


Исто така, доколку ја конфекционирате во овие мали ќесички, солта може да ја ставите во фиоки и употребите како мирис за пешкир или облека.

Исто така овие теглички со миризлива сол може да претставуваат и прекрасен украс во вашата бања.

Како што забележавте, овој производ има повеќе од една употреба и е толку лесен за правење што се надевам дека ќе се обидете да го направите. Доколку е така, споделете ги овде вашите искуства и импресии.

Поздрав
Вики

Comments

  1. Многу корисно,само морам да прашам дали може со обична јадра сол за јадење,бидејќи немаме ДМ во градов,па не би можела да ја купам оваа.
    Поздрав и само вака продолжи со блогов,супер е!Секоја чест.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Рената и благодарам за убавите зборови. Секако може да купиш крупна сол онаа за готвење и да го нправиш овој проект. Јас најнапред мислев да купам таква сол (затоа што не верував дека ќе најдам ваква) ама за среќа ја најдов оваа во ДМ. Доколку кај тебе нема ДМ слободно земи обична крупна сол. Поздрав и имај убав ден.

      Delete

Post a Comment