Домашни шумливи таблетки за парење на лицето


Здраво драги мои,

Третманите за лице кои ги правиме еднаш во две недели со парење на лицето се вистинска уживанција за нашата кожа. На тој начин со пареата ги отвораме порите, со пилингот ја ослободуваме нашата кожа од мртвите клетки, а со маската и даваме одредени хранливи состојки во зависност од типот на кожата.

Во досегашните статии ви имам предложено неколку видови на парни бањи (кога го париме лицето врз тенџере со врела вода) и тоа: со етерични масла, со разни билки и парење со мед.

Во оваа статија ќе ви предложам нешто навистина прекрасно, едноставно, а сепак многу функционално за вашата кожа, односно шумливи таблетки за парење на лицето слични на оние на Lush.

Убавото нешто е што овие шумливи таблетки ги правите еднаш и може да ги конзервирате повеќе месеци и секојпат кога ќе ви текне да направите парна бања како третман за лицето сѐ што треба да направите е да извадите една таблетка и да ја ставите во тенџерето со вода за парење.

Како што реков навистина се едноставни за подготовка, а ќе ви дадам две варијанти: за нормална до сува кожа и за комбинирана до масна кожа. Рецептот е многу сличен (ако не и ист) со бомбите за бањање на Lush за во када, со оглед на тоа што како база ќе ги користиме истите состојки.

1. Таблетки за нормална до сува кожа


Потребни состојки за овие таблетки се:

4 супени лажици сода бикарбона
2 супени лажици лимонтус (citric acid)
1 полна супена лажица масло по ваш избор
1 кафена лажичка мелена сува лаванда
10 капки етерично масло од лаванда
10 капки етерично масло од сладок портокал

Во еден сад најнапред ставете ја содата, лимонтусот и мелената лаванда, па додадете го маслото и етеричните масла и убаво мешајте со рацете сѐ додека да добиете смеса која е како влажен песок. Кога ќе ја стиснете меѓу рацете треба да ја задржи формата без да се рони.

Ставете ја смесата во силиконски калапчиња со помала димензија и оставете да се зацврснат.


Овде додадов мелена лаванда поради убавата лила боја која ја дава на производот, меѓутоа и поради мирисот, па така да не мора да ставате многу етерично масло. Доколку немате лаванда може да додадете цветови од камилица (земете две филтер ќесички чај, отворете ги и ставете една лажичка прав од камилица директно во смесата).

2. Шумливи таблетки за комбинирана до масна кожа

4 супени лажици сода бикарбона
2 супени лажици лимонтус (citric acid)
1 полна супена лажица масло по ваш избор
1 кафена лажичка спирулина во прав
10 капки етерично масло од чајно дрво
10 капки етерично масло од лимон
5 капки етерично масло од рузмарин


Во еден сад најнапред ставете ја содата, лимонтусот и спирулината во прав, па додадете го маслото и етеричните масла и убаво мешајте со рацете сѐ додека да добиете смеса која е како влажен песок. Кога ќе ја стиснете меѓу рацете треба да ја задржи формата без да се рони.

Ставете ја смесата во силиконски калапчиња со помала димензија и оставете да се зацврснат.

Тука ставимве спирулина во прав поради убавата зелена боја која ја дава на производот, без да мора да користиме бои за храна, Исто така спирулината има големо корисно дејство во третманите против акни.

Зацврснувањето на таблетките може да го направите на три начина и тоа:

на собна температура покриени со еден пешкир да стојат 24 часа
во фрижидер (калапот треба да биде покриен со проѕирна фолија за храна да не навлезе влага) околу 12 часа
во замрзнувач околу 20 до 30 минути (додека да се заледат)

Откако ќе се зацврснат внимателно извадете ги од калапчето, завиткајте ги посебно во проѕирна фолија за храна и ставете ги во една стаклена тегличка.



Како да ги користиме?

Земете едно тенџере со врела вода и во него ставете ја таблетката. Во контакт со водата таа веднаш ќе почне да се топи и да шушти. Вие веднаш ставете го лицето над тенџерето и покријте ја главата со еден пешкир. Внимавајте само да не бидете премногу близу до пареата за да не се изгорете. Парете го лицето околу 3 до 5 минути и потоа нежно истапкајте го со пешкир и продолжете со вашиот третман.

Се надевам дека ви се допадна овој лесен, а сепак многу корисен туторијал.

Доколку се обидете да го направите, споделете ги овде вашите импресии.

Поздрав
Вики

Comments

  1. Еве јас ќе се пофалам дека ги направив оние за мрсна до комбинирана кожа.Само,немав спирулина(штета!),па заради боја додадов куркума.Ги пробав и се покажаа успешни.Благодарам,уште еднаш!

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Рената, многу ми е мило што си ги направила и што ти се допаднаа. Голема благодарност што го сподели овде твоето мислење, мене лично многу ми значи. Поздрав и сѐ најдобро.

      Delete

Post a Comment