Маска од јагоди за блескава кожа


Здраво драги мои,

сезона е на едно од моите омилени овошја коe е навистина одличнo за нашиот организам, односно јагодите. Меѓутоа ова мало слатко овошје е фантастично и за нашата кожа затоа што дава здрав изглед и ја прави кожата неверојатно мека и свиленкаста.

Маската која ќе ви ја предложам во оваа статија е навистина многу лесна за подготовка и има тројно дејство врз кожата: ја прави кожата блескава и свежа, има анти ејџ ефект и благо ја осветлува кожата. Состојките ги имате сите во вашите кујни, па да започнеме со подготовката.

За оваа маска потребни ви се:

1 јаготка
1 кафена лажичка јогурт
малку мед

Најнапред со помош на еднен мал толчник згмечете ја јагодата, па потоа додадете ги јогуртот и медот и убаво промешајте. Доколку сте љубители на овошните смуди, би ви препорачала да си направите овошен напиток со јогурт и јагоди во блендер и да одвоите една лажичка од смесата. Јас вака правам затоа што е полесно, а и самата смеса е многу покремаста и поизедначена како структура отколку кога би ја гмечела рачно јагодата. На овој начин нема да ви останува вишок смеса (доколку ја правите маската со количините кои ви ги предложив малку сепак ќе ви остане), туку ќе издвоите онолку колку што ви е потребно.


Доколку имате комбинирана или масна кожа, додадете и малку зелена глина (колку да добиете убава смеса).

Добиената маска нанесете ја на чисто лице (избегнувајте го пределот околу очите) и оставете да делува околу 15 до 20 мин. Отстранете ја маската со млака вода (на крај исплакнете со ладна вода), па нанесете тоник и хидратантен крем.

Јагодите се богати со АХА киселини кои прават еден вид на благ пилинг на кожата, го осветлуваат тенот и даваат изглед на блескава кожа. Исто така имаат огромно антиоксидантно дејство со оглед на големото присуство на витамин Ц кој, како што знаеме, има анти ејџ ефект врз кожата.

Јогуртот ја навлажнува и омекнува кожата.

Медот има големо антибактериско дејство, помага во случај на акни и ја омекнува кожата.


 Оваа маска навистина ќе направи вашата кожа да изгледа поздрава и поблескаво, а и самите вие ќе ја забележите разликата.

Доколку се одлучите да ја направите споделето го вашето искуство овде.

Поздрав
Вики

Comments

Post a Comment