Домашен производ 3 во 1: кремаст руж, кармин и сенка за очи


Драги мои читателки,

колкумина од вас имаат сенки за очи кои не ги користат или кои не се интензивни како што сте очекувале? Јас дома имам неколку и баш пред некој ден кога правев преуредување на шминките се мислев како да ги “преобразам“ и да им дадам нов живот и употреба.

Во зависност од боите кои ги имав на располагање, се решив да направам кремасти производи кои на некој начин ќе бидат универзални: може да се користат како руж, кармин и евентуално (во зависност од бојата секако) сенка за очи.

Навистина е многу лесно да се подготви, а ќе ја претвори вашата здодевна сенка во нешто многу позабавно. Сѐ што ви е потребно за да го резлизирате овој производ е:

сенка за очи во прав или компактна
една кафена лажичка масло од јојоба
една полна кафена лажичка рендан восок
едно празно кутивче од пудра, сенка или руж


Јас искористив едно кутивче од камена пудра, кое го измив и оставив да се исуши.

Во една чашка ставете ја најнапред сенката и маслото и убаво промешајте. Количината на сенка која ја користев јас е околу 2, 5 грама (така пишува на опаковката од самата сенка). Користев компактна сенка која со помош на едно стапче ја изгребав од кутивчето.

Како масло користев јојоба со оглед на тоа што е едно од најтрајните масла и потешко оксидира. Може да користите и некое друго масло како сончогледово или арганово, ама според мене јојобата е најадекватна.

Додадете го и восокот и стопете ги сите состојки на пареа додека восокот комплетно не се стопи. Веднаш префрлете ја смесата во празното кутивче и оставете да се излади.



Откако ќе се олади ставете ја околу 30 мин. во фрижидер за убаво да се зацврсне и вашиот домашен кремаст производ е готов.



Бојата на финалниот производ е многу поинтензивна отколку кога сенката е во прав. Кремастата структура го прави идеален како кармин со оглед на тоа што негува и дава висок сјај.


Исто така одличен е и како руж, само внимавајте да не претерате со количината и убаво да го размачкате на лицето. (се надевам добро се гледа на сликата, не успеав да го доловам убаво со апаратот).



Се надевам дека ви се допадна овој интересен и корисен предлог за рециклирање на здодевните сенки кои и онака веќе не ги користите.

Секако станува збор за бои како роза, црвена, кафена, месо боја и.т.н. Доколку имате сенки во зелена или сина боја на пример, може да ги користите само како кремасти сенки.

Поздрав и до скоро читање.

Comments