Направи сам: домашен коректор за прикривање на неправилности

                                

Здраво драги мои,

повеќето девојки пред да ја нанесат пудрата на лицето ставаат коректор со цел да прикријат некои неправилности на самата кожа. Постојат повеќе видови на коректор (во зависност од она што сакаме да го прикриеме) како зелен, портокалов, лила и.т.н., меѓутоа ние денес ќе направиме еден наједноставен коректор кој ќе биде многу сличен на бојата на нашата кожа и кој ќе може да го користиме на некои мали места на лицето пред да ја нанесеме пудрата (течна или во прав).

Навистина е многу едноставно да го подготвите овој коректор со оглед на тоа што ви се потребни малку состојки. Може да го персонализирате според она што го имате на располагање и секако според бојата на вашата кожа.

Потребни ви се:


една кафена лажичка масло од јојоба
половина кафена лажичка масло од авокадо
две кафени лажички рендан пчелин восок
половина кафена лажичка цинк оксид
половина кафена лажичка пудра во прав

(кога станува збор за цинк оксидот и пудрата, треба да биде убава полна половина лажичка, не рамна).


Во една чашка (може и онаа мала за ракија која можеби во случајов е најдобра) најнапред ставете ги маслата и пчелиниот восок и стопете ги на пареа. Откако убаво ќе се стопат додадете го најнапред цинк оксидот и убаво мешајте се додека да се спои во смесата, па потоа додадете ја пудрата во прав и продолжете да мешате сѐ додека не добите изедначена смеса.

Префрлете ја смесата во едно празно чисто кутивче и оставете да се излади. Ете, вашиот коректор е готов и може слободно да го користите.

На сликата погоре видовте дека ставив два типа на пудра и тоа во прав и камена. Тоа го направив со цел да ви покажам дека доколку немате пудра во прав, нема секако да ја купувате специјално за овој проект, може да користите и камена пудра (онаа која најчесто ја користите) и изгребете малку од неа.
 


Цинк оксидот може да го најдете во оние аптеки кои имаат галенска лабораторија, меѓутоа доколку сакате, заменете ја дозата на цинк оксид со пудра (ставете една кафена лажичка пудра).

Откако ќе ги растопите маслата со пчелиниот восок постепено додавајте ја пудрата во прав, меѓутоа важно е убаво да мешате (за да се спојат состојките) и пред сѐ да бидете брзи затоа што восокот лесно може да се излади.

Како масла јас ги одбрав јојоба кое е многу лесно масло и е најблиску до кожата и масло од авокадо кое вое може да го замените со арган, кокос или доколку имате многу сува кожа дури и со маслиново масло.

Еве го ефектот на кожата



Со оглед на тоа што во овој производ нема вода, истиот трае до 6 месеци (иако оваа количина ќе ја потрошите за два). Се нанесува на лицето пред да ја нанесете пудрата.

Се надевам дека овој проект ви се допадна и дека доколку сте љубители на овие домашни производи ќе се обидете да го направите и овој производ.

Поздрав и до следно читање
Вики

Comments