Направи сам: тоник од чајно дрво за нормализирање на масната кожа


Мислам дека неделава е цела во знак на проектите направи сам...:)

Денес за вас имам еден навистина прекрасен проект кој ќе ги израдува сите девојки со комбинирана и масна кожа. Станува збор за еден тоник кој има нормализирачки ефект врз кожата, го спречува светењето и ја спречува појавата на акни.

Инспирација за овој тоник e всушност оној на Lush Tea Tree Water.
Еве ја декларацијата на оригиналниот производ:

Tea Tree Water (Melaleuca alternifolia), Grapefruit Water (Citrus grandis), Juniperberry Water (Juniperus communis), *Limonene, Perfume, Methylparaben.

 Lush најверојатно за реализација на овој тоник користи хидролати односно цветни и цитрусни води, меѓутоа со оглед на тоа што во Македонија е невозможно да се најдат, ние ќе користиме етерични масла во деминерализирана вода.

Како што можевте да забележите од декларацијата, Lush користи вода од чајно дрво, вода од грејпфрут и од смрека. Ние малку ќе го промениме рецептот, меѓутоа сепак ќе го направиме погоден за комбинирана до масна кожа.

Во зависност од етеричните масла кои ги имате на располагање ќе ви предложам две варијанти на овој тоник (со етерични масла кои лесно се наоѓаат кај нас, секако).

Варијанта бр. 1

100 мл. деминерализирана вода
5 капки етерично масло од чајно дрво
6 капки етерично масло од рузмарин
2 капки етерично масло од мента

Во едно чисто празно спреј шише ставете ја најнапред водата, а потоа додадете ги етеричните масла. Затворете и убаво протресете.


Варијанта бр. 2

100 мл. деминерализирана вода
5 капки етерично масло од чајно дрво
5 капки етерично масло од лаванда
3 капки етерично масло од рузмарин

Во едно чисто празно спреј шише ставете ја најнапред водата, а потоа додадете ги етеричните масла. Затворете и убаво протресете.

Јас лично ја направив и тестирав првата варијанта (го завршив етеричното масло од лаванда и немав кога го правев тоникот). Ми се допадна многу со оглед на тоа што сите три масла се одлични за масна кожа (јас имам комбинирана).
Чајното дрво ја намалува појавата на акни, рузмаринот исто така е одличен за комбинирана до масна кожа и ја прочистува кожата, а ментата дава освежувачки ефект.

Како мирис, овде предоминира ментата која, иако е во мала количина (ставив само две капки) сепак многу е моќна.


Го користам веќе две недели и еве ги моите импресии:

- кожата помалку свети
- има освежувачки ефект врз лицето
- делува и против акни

Секако ова е домашна верзија која не е како купечката (јас оригиналната ја немам пробано), меѓутоа според мене претставува една сосема пристојна домашна алтернатива.

Домашната верзија на овој тоник трае 3 недели во фрижидер.

Се нанесува на тој начин што се испрскува потрбната количина од тоникот на една памучна дискета за чистење на лице и се поминува лицето (избегнувајте го делот околу очите) наутро и навечер.

Сетете се убаво да го протресете шишенцето пред секоја употреба за да се спојат етеричните масла со водата.

Мене навистина ми се допадна како солуција, а би ми било мило да го дознаам и вашето мислење доколку се решите да го направите.

Важно: доколку сте бремени внимавајте со етеричните масла и пред употреба на истите, консултирајте се со вашите лекари. За повеќе информации разгледајте ја статијата за  ароматерапија.

Не ви советувам да ставате етерични масла како на пример лимон, портокал или други цитрусни ноти, затоа што се фотонестабилни (а одиме накај летниот период). Во оригиналниот производ на Lush има цитрусна вода која е различна од етерично масло. При дестилацијата се двојат на една страна етеричните масла, а на друга хидролатот (односно цитрусната вода). Водата не е фотонестабилна со оглед на тоа што не содржи етерични масла, а сепак содржи слични својства како нив. Во секој случај хидролатите се помалку агресивни од етеричните масла за кожата.

Поздрав
Вики

Comments