Направи сам: домашен сold cream


Многу одамна, пред скоро 2000 години, грчкиот доктор Гален го направил првиот крем користејќи вода и масло. Како што добро ни е познато овие две состојки меѓусебно не се мешаат, а во тоа време сеуште не постоеле емулгатори за правење на креми како што имаме денес, така да Гален го вметнал восокот со цел да ги спои овие две фази. На тој начин добил еден вид на многу масен крем кој денес го нарекуваме сold cream.

Оригиналниот рецепт на Гален се состоел во тоа што тој го топел восокот со три дела маслиново масло (во кое претходно потопувал пупки од роза) и на оваа смеса додавал една петтина вода. Неговите пропорции, кои се користеле многу долго по него и всушност претставуваат класичен рецепт за сold cream, се: 20% восок, 20% вода и 60% масти.

Ова претставува наједноставен метод на подготвување на еден козметички производ кога немаме на располагање многу состојки (како што видовте потребни се само три вида на состојки) каде голем удел има пчелиниот восок со оглед на тоа што претставува важен фактор за составот и структурата на овој вид на крем.

Употребата на сold cream е малку лимитирана, во смисла да одличен е како заштита за многу сува кожа, за кожата на петиците, лактовите, раце и.т.н. или како замена за вазелинот, меѓутоа не се препорачува како крем за лице доколку имате мешовита кожа или склона кон акни.


Овој вид на крем нема потреба од конзерванси со оглед на тоа што нема голем процент на вода (за разлика од “новата генерација“ на креми каде процентот на вода е и до 70%), и трае на собна темтература до 3 месеци. Овој период на траење може да биде и подолг доколку кремот го чувате во фрижидер, меѓутоа во тој случај дозите на истиот треба малку да се променат (односно да се намали процентот на восокот за кое ќе говориме понатаму во текстот) затоа што во спротивно многу ќе се зацврсне и нема да биде пријатен за нанесување.

Колку и да изгледна едноставна подготовката на овој вид на крем, кај многумина кои се обиделе да го направат по неколку дена им се појавиле ситни капки вода, меѓутоа без грижа, во продолжение ќе споделам со вас многу корисни совети како да направите еден добар сold cream.

Масниот дел од овој крем може да содржи разни масла или путери (шеа и какао). Изборот секако зависи од вас, вашиот вкус и намената на самиот производ.
Водениот дел од овој производ може да биде деминерализирана вода, ружина вода, комбинација на вода со алое вера сок, алое вера гел и мед. Доколку на водата сакате да и додадете мед или глицерин на пример, ви советувам да не е повеќе од 5% и секако да го одземете од вкупниот процент на водата. На пример доколку сакате да направите сold cream со мед со воден дел од вкупо 20%, во тој случај 15% треба да биде деминерализирана вода или ружина вода и 5% мед. Мој совет ви е да користите најмногу до 30% вода во производот не повеќе.


Процедурата за подготовка на сold cream е следнава: најнапред на пареа се топи пчелиниот восок со маслата кои сте ги одбрале, во друг сад се загрева водата и кога двете фази ќе имаат горе долу слична температура се додава водата во маслото, никако обратно (полека дел по дел со постепено блендирање со рачен миксер). 

Лично кога правам сold cream со масла кои обично не се загреваат, како на пример масло од невен, го правам на тој начин што овој вид на масла ги додавам кога производот малку ќе се олади меѓутоа да не се стврдне премногу.

Друга важна работа е да напоменам дека треба да имате трпение овој крем да го оставите да се олади сам природно (никако не го ставајте во фрижидер со цел побргу да го оладите), со оглед на тоа што веќе утредента ќе ви се создадат мали капки вода и може фазите и да се одвојат. Еднаш пробав да го забрзам овој процес со ладна купка, односно откако производот малку се олади при блендирањето го ставив садот во тенџере со ладна вода и постојано мешав додека составот да стане кремаст. Мислев дека упропастив сѐ и бев подготвена за неуспех, меѓутоа за чудо на овој начин кремот побргу се олади и не се создадоа капки, ниту пак фазите се одвоија.


Во продолжение ќе ви дадам три интересни рецепти за три различни вида на сold cream кој се навистина одлични и ќе ви бидат од голема корист.

COLD CREAM ЗА СВИЛЕНО МЕКИ СТАПАЛА

Овој вид на сold cream е навистина фантастичен кога станува збор за грубата кожа на петиците и онаа под прстите (како резултат на штиклите). Одлично ја омекнува кожата и веќе по недела дена употреба ќе забележите огромна разлика и кожа како свила. За подготовката потребно ви е:

30 мл. маслиново масло
20 мл. бадемово масло
10 мл. масло од невен
20 гр. пчелин восок
15 мл. деминерализирана вода

5 гр. растителен глицерин

Најнапред во еден сад стопете го восокот со бадемовото и маслиновото масло. Откако ќе се стопи оставете малку да се смлачи, меѓутоа не да се стврдне смесата, па додадете го маслото од невен и смесата од деминерализирана вода и глицерин малку стоплени. Додавањето на водата треба да биде постепено, малку по малку со постојано блендирање со рачен миксер (или она малечкото за нескафе). Со ладењето кремот ќе станува се погуст и покремаст и кога ќе се олади може да го префрлите во едно празно чисто кутивче. Користете го секоја вечер (пред да си легнете) за да има подобар ефект во текот на ноќта. 


COLD CREAM СО МИРИС НА ЛАВАНДА


Овој крем си го направив пред околу 10 дена и го користам како крем за тело. Ја остава кожата неверојатно мека и свиленкаста. Додадов етерично масло од лаванда затоа што го обожавам, меѓутоа вие може да ја направите по ваш вкус со некое друго етерично масло. Еве ја пропорцијата на состојките која ја користев

30 мл. деминерализирана вода
20 мл. маслиново масло
20 мл. масло од невен (домашно подготвено)
20 мл. масло од лаванда (домашно подготвено)
10 гр. пчелин восок
20 капки е.м. лаванда

Најнапред на пареа растопете го восокот со маслиновото масло. Откако малку ќе се олади додадете ги маслата од невен и лаванда (рецепт за домашни масла од невен и лаванда може да најдете овде). Потоа полека додавајте ја водата (малку стоплена) и постојано блендирајте. Мешајте со една дрвена шпатула додека убаво да се излади и згусне и на крај додадете го етеричното масло од лаванда, убаво промешајте и префрлете ја во едно празно чисто кутивче.

Као што ви реков претходно во текстот, доколку сакате да го чувате вашиот сold cream во фрижифер, во тој случај треба малку да ги промените дозите на маслото и восокот, односно вашиот сold cream треба да ги има следниве пропорции:

75% масла/путери
5% пчелин восок
20% вода

Доколку имате многу сува кожа на лицето или пак возрасна кожа на која и треба особена нега и сакате да направите едне убав ноќен крем за лице, пробајте го следниов рецепт на сold cream.


55 мл. сончогледово или кокосово масло
16 мл. маслиново масло
7 мл. масло од авокадо
11 мл. деминерализирана вода
11 гр. пчелин восок
10 капки е.м. лаванда

Процедурата е иста како досега, најнапред восокот со маслата стопете ги на пареа и откако ќе станат во течна состојба полека додадете ја загреаната вода малку по малку со постојано блендирање. Со дрвено стапче или шпатула мешајте додека смесата не се олади и потоа префрлете во празно чисто кутивче за крем.

Се надевам дека статијава ви се допадна и дека ќе се обидете да направите еден домашен сold cream. Не очајувајте доколку при првиот обид направите некоја грешка, колку повеќе експериментирате, толку подобри ќе станувате и секако вашите производи ќе бидат поуспешни.

Само да напоменам дека слободно може да додадете и витамин Е во смесата, со оглед на тоа што е антиоксиданс и помага во трајноста на овој производ, во смисла на оксидација на маслата. Пропорцијата која може да ја додадете е 2 гр.

Поздрав

Вики

Comments