Мали совети за постигнување и оддржување на идеалната тежина



Во денешно време и со денешниот ритам на живот, да се дојде до идеалната тежина (а и задржи) на природен начин е навистина голем луксуз. Научени да јадеме на брзина, честопати прескокнувајќи ги оброците поради обврски во канцеларија, или јадејќи несоодветна храна колку да ставиме нешто во желудникот, не само што не ги добиваме посакуваните резултати, туку му правиме и шок на организмот. 

Најнапред важно е да напоменам дека не сум нутриционист по професија и ова што ќе го прочитате во продолжение се само совети кои може да ви ги дадам, и кои доколку ви се допаѓаат може да ги вметнете во сопствениот животен стил без драстично да ја промените вашата секојдневна рутина. За било што, секако консултирајте се со вашите нутриционисти или матични лекари.

ПРИСТАП КОН ХРАНАТА И ФИЛОЗОФИЈА

Најнапред да кажам дека сѐ започнува во главата, преку мислата, нашиот став, страв или доверба ние го контролираме нашиот ум, а тој ги контролира сите останати работи во животот. Затоа најважно е внатре во себе да се помирите со одредени ставови, стравови и сфаќања, и да почнете работите да ги гледате со поинакви очи. Важно е да изградите убав однос со храната, да сфатите дека таа може да биде и вашиот најдобар пријател, дека сѐ е добро и потребно за организмот доколку се конзумира во умерени дози. 

Секако предност треба да се даде на свежата храна како зеленчукот и овошјето кои се од огромна важност за внесување на витамини и минерали во организмот, на житариците, мешунките и рибата, меѓутоа верувајте, ако изедете една пица еднаш во неделата ништо нема да се случи.  

ЧЕСТО ЈАДЕЊЕ


Многумина од нас кога се на диета, избегнуваат да јадат или прескокнуваат оброци (доручек или ручек) со цел да се заштеди на калории, меѓутоа потоа навечер стигнуваат толку гладни што одеднаш конзумираат трипати повеќе од она што нормално би го изеле. 

Кога јадеме премногу одеднаш организмот складира како резерва голем дел од храната, затоа што сфатил дека следниот ден ќе му го направиме истото, односно ќе прескокнуваме оброци, па за сигурност мора самиот тој да си создаде резерви и да се заштити од нашата агресија врз него. 

Кога јадеме често и во умерени количини, организмот постојано работи, не складира храна затоа што знае дека по три часа повторно ќе ја добие, а на тој начин се забрзува и самиот метаболизам.

ГЛАДНИ ИЛИ ЖЕДНИ?

Веќе добро знаеме дека конзумирањето на вода е од огромна важност за правилното функционирање на целиот организам, како и за оддржувањето на убавината и елстичноста на нашата кожа. 

Советот да се пијат најмалку два литри вода секако најнапред се однесува на ова што досега го кажав, меѓутоа и на фактот што честопати ги мешаме чувството на жед и глад. Ми се случило многупати и мене лично да почувствувам глад, а всушност сум била жедна. Затоа мој совет ви е, доколку не сте сигурни дали сте гладни или жедни, најнапред да испиете една голема чаша вода и да почекате околу 20 мин. 

Доколку чувството на глад исчезне значи сте биле жедни, во спротивно навистина сте гладни и време е да внесете нешто во организмот.

ГАЗИРАНИТЕ НАПИТОЦИ ЗАМЕНЕТЕ ГИ СО ВОДА

Во текот на денот навика на поголем број од нас е да пиеме газирани напитоци кои освен тоа што не ја згаснуваат жедта (или подобро речено моментално ја згаснуваат жедта) полни се со шеќер. Неместо нив пијте вода, чаеви (засладени со малку мед) и детокс вода која може самите да ја направите претходната вечер. 

Детокс водата е вода во која се додава разно овошје или зеленчук (по ваш избор), која одлично го прочистува организмот и го елиминира вишокот на течности. Овој напиток е одлична здрава алтернатива на купечките сокови кои, како што веќе кажавме, најчесто содржат шеќери и вештачки бои. 

Рецепти за домашна детокс вода ќе најдете http://biodevojka.blogspot.mk/2015/06/blog-post_25.html и http://biodevojka.blogspot.mk/2015/07/blog-post_13.html


ПРОНАЈДЕТЕ ЈА ВАШАТА ДИЕТА

Постојат многу видови на диети (иако зборот диета е всушност начин на исхрана а не изгладнување) и вие самите треба да го пронајдете она што вам ви одговара. Не она што пријателката ви го кажала, или она што функционира за комшиката. Сите сме различни и она што одговара за мене не мора да одговара и за вас. 

Некои луѓе се чувствуваат подобро кога конзумираат протеини, други кога внесуваат јаглени хидрати, кај некои одговара хроно диетата, кај други пак не. Затоа од огромна важност е да го запознаете вашето тело и потребите, да дознаете што е она што му одговара и што прави да функционира подобро. 

Мое мислење е дека е потребно да се конзумира сѐ, и никогаш не сум била фан на диетите каде се исфрла цела една група на храна (иако можеби во одредени случаеви е потребно за почеток), меѓутоа сепак сметам дека нашиот организам има потреба од сѐ, во умерени дози и во одредено време. На пример ако јадеме само овошје, доколку е претерано ќе има контра ефект иако станува збор за една здрава намирница.

ПОДГОТВУВАЈТЕ ЈА ХРАНАТА ОД ДОМА



Ова ќе ви изгледа смешно меѓутоа верувајте ми, спас е за вашата линија. Многумина од нас работат на места каде не секогаш има избор за јадење (или се продава нездрава храна како на пример брза храна), или пак поради многубројните обврски немаат време да излезат и купат нешто па го прескокнуваат оброкот. 

Доколку уште од вечерта подготвите храна од дома, утредента може да бидете сигурни дека ќе имате здрав оброк на работа и дека успешно ќе истраете во вашата намера. Во зависност од тоа колку часа поминувате на работното место, освен главниот оброк од дома може да понесете и овошје кое ќе го козумирате како ужина помеѓу оброците или јаткасти плодови.

Може ќе ви изгледа и малку комплицирано, меѓутоа верувајте ми организмот ќе ви биде благодарен, а вие ќе успеете да ја задржите виталноста во текот на целиот ден.

РЕАЛНИ РЕЗУЛТАТИ

Возможно е да се изгубат 5 кила за само една недела ??? НЕ!!! Или подобро кажано може, доколку се изгладнувате и го измачувате организмот, меѓутоа тоа не ни е цел. 

Од огромна важност е да бидете реални во очекувањата на ефектот на една диета, и да знаете дека губитокот на премногу килограми одеднаш не е секогаш добар знак. Таканаречените јо-јо диети не само што имаат краткотраен ефект туку се и штетни за организмот и предизвикуваат појава на стрии (со оглед на тоа што кожата се шири и стеснува). Подобро е да си одердите помали цели и чекор по чекор да ги остварувате. 

На пример ако сакате да ослабнете 5 кила, не велете од одма дека треба да ослабнете 5 кила, туку поставете си цел најнапред 2 кила, па потоа уште две и.т.н. На овој начин ќе бидете помирни и самите вие, а и секако ќе издржите во вашата намера.

ЧАСТЕТЕ СЕ СЕБЕ СИ


Еден од најдобрите совети кои можам да ви ги дадам е частете се себе си. Кога сте излезени надвор, дозволете си сѐ во умерени количини, меѓутоа дома внесувајте само здрава храна. Многу луѓе секогаш кога ќе излезат во град или кога ќе отидат на гости се устручаваат да јадат велејќи “не благодарам на диета сум“, а дома фрижидерот полн со нездрава храна. 

Не е толку страшно ако кога излеземе се почастиме себе си со сладолед, изедеме парче пица или пак сендвич. На крајот на краиштата човечки суштества сме не роботи. Она што е важно е што внесуваме секојдневно во сопствените домови. Јас на пример фрижидерот и креденецот го полнам со здрава храна (житарици, јатксти плодови, овошје, зеленчук, природни засладувачи и.т.н.), значи не дозволувам дома да внесувам секојдневно нездрава храна па да паѓам во искушение, или да мора да ја конзумирам за да не се расипе. Меѓутоа кога излегувам надвор и тоа како ќе се почастам себе си со нешто од кое моето тело има потреба во моментот, и кое ми се јаде во одредена прилика. 

 Верувајте ми ова функционира, затоа што од голема важност е она што го конзумираме редовно на секојдневна база, а не она што еднаш неделно или месечно ќе се почастиме и засладиме. Секако частењето не треба да биде секој ден, умерено и со усул, што би се рекло.


ЛЕБ И ТЕСТЕНИНИ


Многумина од нас кога се на диета мислат дека треба комплетно да го исфрлат лебот и тестенините, меѓутоа јас не се согласувам со ова, освен ако не станува збор за некој посериозен проблем каде нутриционистот за почеток ќе ви советува вакво нешто. Постои леб и леб, тестенини и тестенини. Не се сите исти. 

Јас лично конзумирам исклучиво интегрални житарици (леб, тестенини, ориз и др.), кои содржат доста влакна кои се од огромна важност за правилно функционирање на метаболизмот. Лебот и тестенините, доколку се конзумираат умерено, може да бидат од голема корист. Она што дебелее е она што го ставаме врз нив.

На пример ако конзумираме интегрални шпагети со домашен сос од домати, секако нема да претставува трагедија и може да биде од корист во нашата исхрана, меѓутоа ако на шпагетите им додадеме тешки сосови направени на пример со мајонез, калориската вредност и те како се менува. Затоа она што прави разлика е она што го нанесуваме врз нив. 

КОКОСОВО МАСЛО

Секојдневно конзумирам една лажичка кокосово масло на ден. Најчесто тоа го правам наутро во чај, кој не само што дава одличен вкус на чајот, туку и дава неверојатна енергија во текот на денот. Кокосовото масло е добро затоа што ја регулира работата на метаболизмот и на некој начин помага во слабеењето. 

Внимавајте да не претерувате со количината, секое претерување дава контра ефект. Исто така е важно да не го користите ова масло како замена за маслиновото или сончогледовото (во зависност какво масло користите за готвење и зачинување), туку да биде дополнување во исхраната.
 


СПОРТ

Од огромно значење е да практикуваме некаков спорт или барем да пешачиме, со оглед на тоа што правилната исхрана може да даде фантастични резултати само доколку е во комбинација со некаква физичка активност. Во зависност од вашата физичка подготвеност и кондиција, може да одберете трчање, планинарење, пливање, па дури и секојдневно пешачење од половина час е подобро отколку ништо. 

Не мора веднаш да си поставувате високи цели кои не може да ги достигнете и да се откажете на половина пат. Подобро е постепено да почнете и полека да ја постигнете вашата цел. На пример доколку сакате да трчате а не сте во кондиција, најнапред започнете со прошетки, потоа со брзо одење и откако ќе се подобри вашата кондиција пробајте да трчате. 

Може да правите и комбинации на пример 15 мин. брзо одење со 5 мин. трчање и постепено да го зголемувате времето. На тој начин ќе бидете истрајни во она што го правите, нема да се откажете, а и резултатите (физички и психички) ќе ви дадат поголем елан да продолжите понатаму.

Запомнете, не постојат волшебни диети, третмани, апчиња или напитоци. Треба секојдневно да се чувствуваме добро сами со себе и на некој начин она што го правиме да не прави среќни. Ако се устручаваме од многу работи и држиме строги диети поради кои сме заборавиле да се смееме, не сме направиле ништо. Слушајте се себе си и она од кое имате потреба. Гледајте што е она што ви прави добро или лошо, и што е она што за вас лично функционира.



Comments