Природни состојки за атопичен дерматитис кај бебињата


Во последниов период добив барања од многу мајки да направам една статија за природните состојки кои може да помогнат при атопичен дерматитис кај бебињата. Во нормални услови, според мене, што помалку производи за нега користите (оние есенциални секако) толку подобро, меѓутоа кога се појавува проблем од овој вид, во тој случај секако треба да се интервенира на време.

Најнапред да напоменам дека советите кои ќе ги прочитате во продолжение не се замена за лекарска консултација и секако, при поголеми проблеми консултирајте се со вашите педијатри. Исто така важно е да напоменам дека овие природни средства кои ќе ви ги предложам се веќе испробани, и кај голем број на бебиња а и дечиња дадоа одлични резултати во смирувањето или намалувањето на атопичниот дерматитис на природен начин.

Во едно интересно истражување имам прочитано дека на бебешката кожа потребни и се две години за адаптација од мајчината утроба до надворешната средина која не опкружува. Во текот на тие две години, можно е да се случат поголеми или помали промени на кожата, кои може да поминат сами од себе или да се претворат во нешто посериозно.

Атопичен дерматитис всушност претставува воспаление на кожата, кое може да биде доста непријатно и пропратено со чешање. Најчесто се појавува од вториот до шестиот месец и тоа најнапред во пределот на образите, а потоа и на други места како колена, лакти, нозе и раце. Оваа појава обично исчезнува кога детето ќе направи две или три години, меѓутоа доколку не е така тогаш педијатарот ќе ви препише соодветна терапија.

Причините за неговата појава најнапред се наследни, меѓутоа се појавуваат и како последица на преголема чувствителност на кожата.


Пред да преминам на природните состојки кои може да бидат од огромна помош при оваа проблематика, најнапред би сакала да дадам неколку навистина корисни совети кога станува збор за оваа појава.

1. Мијте ги бебињата најмногу двапати неделно и тоа со многу благи средства за миење за кои ќе говорам подолу во текстот. Бебешката кожа е толку нежна што сеуште нема потреба од премногу миење или обезмастување со агресивни производи.

2. Бебешките алишта перете ги одделно од алиштата на возрасните со многу благ детергент (по можност еколошки) и апсолутно без омекнувач. Наместо омекнувач за алишта ви препорачувам да користите малку бел оцет кој ќе направи дезинфекција на алиштата. Јас лично го користам овој метод наместо омекнувач со тоа што за мене додавам и етерични масла, иако во случајов  не би ви советувала никакви етерични масла. Направете обавезно две плакнења по перењето. Без грижа откако ќе се исушат алиштата мирисот на оцет комплетно ќе исчезне.


3. Секогаш бирајте памучни алишта за вашето бебе, со цел да и овозможите на бебешката кожа правилно да дише.

4. По секое бањање, нанесете добар производ за нега на бебешката кожа (и за ова ќе говорам подолу во текстот).

5. При високи температури (во лето) или ниски (во зима) дрматитисот се влошува како последица токму на температурата. Затоа се препорачува соодветна заштита во зависност од годишното време за кое станува збор.

Сега може да преминеме на природните состојки, но и на производите во продажба кои според мене се навистина нежни за бебешката кожа во присуство на атопичен дерматитис.

Во советот бр. 1 напоменав дека треба да се користат што понежни средства за миење на бебешката кожа. Бањањето на бебето, доколку е новороденче, може да го правите со нишесте или пак во една газа да ставите малку ориз, да ја заврзете и да ја ставите во водата. Ова е еден од најприродните и најблагите начини за измивање на бебешката кожа. Бебињата всушност и не може да бидат многу прљави, одат од една прегратка о друга, а и немаат потни жлезди поради кои треба да бидат бањати со средства кои премногу измиваат.


Во случај на атопичен дерматитис, мој совет ви е во никој случај бебето да не го миете со гелови кои содржат сурфактанти. Никаков вид на сурфактанти без разлика дали станува збор за сулфати или глукозиди. Она што јас ви го препорачувам се масни купки кои измиваат благодарение на маслата во нив, воопшто не се агресивни и ја оддржуваат хидратацијата на бебешката кожа.

Многу мајки ме прашале што да одберат за миење на децата од она што го има во продажба. Единствени препарати кои ги забележав без никаков вид на сурфактанти (станува збор секако само за органска козметика, неорганските марки не ги проверив) се масната купка на Alverde baby со екстракт од камилица

Glycine Soja Oil*,  Helianthus Annuus Hybrid Oil*, Olea Europea Fruit Oil*, Chamomilla Recuitata Flower Extract*, Polyglyceryl-3 Polyricinoleate, Butrospermum Parkii Butter, Tocopherol, Helianthus Annuus Seed Oil, Ascorbyl Palmitate, Parfum**, Citronellol**

како и маслената крем купка од Weleda baby со екстракт од невен.

Aqua, Prunus Amygdalus Dulcis Oil, Sesamum Indicum Seed Oil, Alcohol, Glycerin, Glyceryl Oleate, Calendula Officinalis Extract, Fragrance (parfum)*, Sodium Beeswax, Xanthan Gum, Limonene*, Linalool*.

Овие два препарати, како што може да забележите од самата декларација, воопшто не содржат сурфактанти, со оглед на тоа што сурфактантите во случај на атопичен дерматитис може додатно да ја исушат или ириртираат кожата. Благо измиваат, а она на Alverde може да се користи на два начина и како средство за бањање и како масло за тело.

Што се однесува до природните состојки кои помагаат во оваа проблематика мора да напоменам дека тука спаѓаат пред сѐ шеа путерот кој навистина е фантастична и многу ефикасна состојка, потоа маслиновото масло, маслото од невен и алое вера гелот.

Исто така од огромна корист е цинк оксидот кој има смирувачко, антивоспалително и антисептичко дејство. Кај нас тешко се наоѓа, меѓутоа го има во подобро снабдените аптеки и оние со галенска лабораторија. Доколку имате можност да го нарачате или некој да ви го донесе од надвор, сами може да направите многу убави природни креми особено погодни и за иритации на бебешкото газе.


Како наједноставна варијанта може да направите комбинација од шеа путер со алое вера гел. Земете многу мала количина од шеа путерот и стопете ја помеѓу прстите и исто толкава количина на алое вера гел. Убаво помешајте ги двете состојки во рацете и со таа смеса намачкајте го бебето таму каде има проблем со дерматитис.

Шеа путерот е одличен во случај на сува кожа со иритации, одлично храни и омекнува, а алое вера гелот смирува, хидрира и на некој начин го надополнува дејството на шеа путерот.

Истово може да го направие и со бадемово масло во комбинација со алое вера гел.

Доколку имате на располагање повеќе состојки и сте љубители на домашните производи може да направите еден од овие креми.

КРЕМ СО ШЕА ПУТЕР

30 гр. шеа путер
10 мл. маслиново масло
10 мл. масло од невен

Ви препорачувам домашно масло од невен, меѓутоа доколку не може да го најдете, купете готово, меѓутоа внимавајте да биде чисто без парафин или силикони. Исто така невеновото масло може да го замените со тоа што ќе ја зголемите количината на маслиновото масло (ставете 20 мл. чисто маслиново масло). Најнапред на пареа омекнете го шеа путерот и маслиновото масло, па (доколку користите невеново масло), додадете го на ладно маслото од невен и блендирајте со еден мини блендер (оној за нескафе). Доколку немате мал рачен блендер, мешајте постојано со една дрвена шпатула додека да добиете убава кремаста структура. Со овие дози добивате 50 гр. производ.

Овој крем трае околу година дена на собна температура.



КРЕМ СО ЦИНК ОКСИД

60 мл. маслиново масло
16 гр. пчелин восок
21 мл. масло од невен
3 гр. цинк оксид

Најнапред на пареа стопете го пчелиниот восок и маслиновото масло. Оставете малку да се излади (без да се стврне многу секако) и на ладно додадете го маслото од невен во кое претходно убаво сте го помешале цинк оксидот. Ова е одличен домашен производ особено погоден за пеленска регија (црвенило на газето при промена на пелена).

Овој крем јас лично го имам направено за себе и го користам како крем по депилација со оглед на тоа што одлично го намалува црвенилото.


Исто така може да направите и некој од рецептите во статијата за cold cream каде, секако, нема да ставате никакви етерични масла, а во вториот рецепт маслото од лаванда може да го замените со маслиново или невеново.


Се надевам дека овие природни вaријанти ќе ви помогнат, меѓутоа како што напоменав на почетокот, за поголеми проблеми сепак консултирајте се со стручно лице.

Поздрав

Вики

Comments