Вкусна диетална руска салата без мајонез и јајца


Руската салата е една од омилените јадења на многумина и присутна на скоро сите родендени. Навистина е вкусна, за тоа нема збор, меѓутоа со оглед на големото присуство на мајонез не може да се конзумира многу често особено од страна на оние кои следат избалансирана диета, имаат проблем со мастите или холестеролот, или пак летно време кога нашиот организам има потреба од свежа и полесна храна.

Меѓутоа без грижа, во продолжение ќе ви го дадам мојот омилен рецепт за руска салата која, со сестра ми ја обожаваме и секогаш ја правиме. Навистина е многу вкусна, лесна за организмот има двапати помалку калории од обичната и одлична е и за време на летниот период. Може слободно да биде конзумирана и од страна на веганите со оглед на тоа што нема ниедна состојка од животинско потекло.

За подготовка на оваа салата потребни ви се:

1 тофу од 200 гр (сирење од соја);
500 гр. зеленчук по ваш избор (морков, компир, пченка, грашок);
3 до 4 супени лажици сенф;
1 до 2 супени лажици сок од свеж лимон
малку маслиново масло
сол и зачини по ваш вкус

Најнапред да го направиме здравиот мајонез за оваа салата.


Во еден блендер ставете го тофуто, лажиците сенф, малку маслиново масло и сокот од лимон, и блендирајте додека да добиете убава густа смеса.


Веганите сигурно знаат, меѓутоа еве за другите да напоменам дека тофу е всушност еден вид на сирење кој се добива од ферментирана соја.  Не содржи лактоза, има протеини од растително потекло, омега 3 и 6 масни киселини, железо и што е најважно низок процент на сол. Во Јапонија, оваа состојка ја сметаат за еликсир на младоста, со оглед на тоа што има огромни бенефиции врз човековото здравје.


Ви советувам да бирате секогаш органско тофу кое е сертифицирано, со оглед на тоа што сте сигурни дека сојата не е генетски модифицирана. За мојата руска салата најчесто користев обично тофу, меѓутоа еднаш немаше па пробав чадено и верувајте ми се заљубив во вкусот кој е многу подобар.

Во едно тенџерче динстирајте го зеленчукот кој го одбравте со малку сол, маслиново масло, еден прст вода и зачини по ваш избор. Во зависност од сезоната може да одберете свеж зеленчук (кога го има во продавниците и на пазарите) или замрзнат сецкан зеленчук за руска салата.


Откако зеленчукот ќе биде готов, додека е сеуште топол помешајте го со здравиот мајонез од тофу (од топлината мајонезот додатно ќе се стопи и ќе стане покремаст).


Cервирајте ја салатата во еден длабок тањир и украсете ја по ваш избор.


Секојпат кога ќе посакате да уживате во една здрава руска салата која освен тоа што е лесна варијанта на оригиналната, помага во намалување на лошиот холестерол и го подобрува варењето на храната. Оваа руска салата е сиромашна со масти, а богата со протеини.

Се надевам дека овој рецепт ви се допадна и дека ќе го пробате за да се уверите дека навистина е вкусен. Доколку е така, слободно оставете ваш коментар под самиот текст.

Вики

Comments