Како до поубави и погусти веѓи


Веѓите се многу важен дел од лицето со оглед на тоа што на некој начин му даваат облик на самото лице и на шминката која ќе ја нанесеме. Убаво обликуваните веѓи дозволуваат да корстите помалку шминка а сепак да изгледате перфектно и многу природно. Од друга страна пак, лошо обликуваните веѓи даваат неприроден изглед на лицето и во некои случаи може да ве направат да изгледате постаро од она што сте.

Во текот на 90-те и првите неколку години од 2000-та во мода беа тенките веѓи. Што потенки тоа помодерни. Меѓутоа, густите веѓи изгледаат многу поприродно и даваат поголема длабочина на погледот.

И јас на времето имав навистина тенки веѓи, меѓутоа за среќа ги пораснав (со многу трпение), и токму затоа сакам да ви дадам корисни совети како побрзо да ги згуснете веѓите и правилно да ја изберете нивната форма.



Доколку вашите веѓи се природно тенки (не поради лошото обликување туку такви ви се од раѓање), во тој случај единствено решение е моливчето за веѓи со кое малку ќе ги обликувате.

СОВЕТ БР. 1 ИСТРАЈНОСТ

На сите ни се случило да при средувањето на веѓите отстраниме малку повеќе влакна и добиеме тенки веѓи. Многумина од нас продолжиле да ги обликуваат веѓите во таа насока со оглед на тоа што ако ги остават да растат ќе им изгледаат несредено.

Доколку сакате да го вратите вашиот поприроден изглед на веѓите престанете да ги истенчувате, туку оставете да пораснат. Знам на почеток ќе биде многу тешко и ќе ви се чини дека многу влакненца не се на свое место, меѓутоа истрајноста е клучот за убави и густи веѓи. Отстранувајте ги само оние влакненца кои се поблиску до окото (оние кои немаат врска со обликот на веѓата). Доколку веѓите навистина изгледаат лошо во смисла има делови кои не се покриени со влакненца, пополнете ги со моливче за веѓи. На тој начин ќе ги прикриете неправилностите, а сепак ќе им дозволите на веѓите да растат.


СОВЕТ БР. 2 КОРИСТЕТЕ ПРАВИЛНА ПИНЦЕТА

Има поголем број на пинцети меѓутоа не сите се погодни за секој вид на веѓи. Јас лично користам пинцета која на едниот крај оди малку накосо. Овој вид на пинцета одлично отстранува и поголеми и помали влакненца од веѓите со оглед на тоа што има две различни страни. Постојат повеќе видови на пинцети и треба да ја најдете идеалната за вашиот тип на веѓи. Доколку имате многу густи веѓи и долго влакно можеби повеќе ќе ви одговара рамна пинцета.


СОВЕТ БР. 3 ПРИРОДНА НЕГА СО МАСЛО

Во периодот кога ги пуштате веѓите да пораснат од огромна корист е да користите некое масло за нега на веѓите како на пример рицинусовото. Најдобро е да го нанесете навечер со помош на прстите или една чепкалка за уши (онаа со памукче). Ова секако може да го правите и доколку имате густи веѓи за да ја задржите нивната убавина.

Мене лично многу ми помогна рицинусовото масло, кое го нанесувам секоја вечер пред спиење. Вие секако може да одберете маслиново или кокосово како замена за рицинусовото.


СОВЕТ БР. 4 НЕ ГИ ПОВТОРУВАЈТЕ ГРЕШКИТЕ НА ДВЕТЕ ВЕЃИ

Многу често кога ги обликуваме веѓите, доколку на едната веѓа по грешка отстраниме неколку влакненца повеќе, истото го повторуваме и на другата за да изгледаат идентично. Доколку направите грешка на едната веѓа, не ја повторувајте и на другата туку прикријте ја со моливче за веѓи  се додека влакненцата кои по грешка сте ги отстраниле повторно пораснат. На овој начин нема да мора да прекривате две веѓи, а грешката полесно ќе ја камуфлирате на едната веѓа. Подобро е да направите една линија со моливчето и да покриете две три влакненца кои по грешка сте ги отстраниле, отколку да се обидете истата грешка да ја копирате на другата веѓа и да направите поголем проблем.

Како вие најчесто ги поправате грешките на веѓите и дали користите некој вид на масло како третман за истите?

Вики

Comments