Стрии за време на бременоста? Да ги спречиме со 4 домашни производи


Стриите се појавуваат како резултат на кинењето на еластичните влакна во дермисот, односно колагенот и еластинот, кое настанува како последица на драстични диети, нагли промени во телесната тежина, и за време на бременоста. Се формираат линии кои на почетокот се розеви, а со текот на времето стануваат бели и претставуваат еден вид на лузнички со оглед на тоа што веќе не може да се избришат од кожата. Токму поради тоа што стриите се појавуваат како резултат на губитокот на еластичноста на кожата, прво правило за да ги спречиме е да ја оддржуваме секогаш кожата еластична со употребата на вистинските препарати и природни состојки. Верувајте ми добро нахранета и хидрирана кожа е клучот за кожа без стрии.
 
Како што веќе ни е добро познато, стриите не може да направиме да исчезнат (особено ако се бели) меѓутоа може да ги ублажиме и што е најважно да ја спречиме појавата на нови. Во некои од претходните статии на мојот блог веќе имам говорено за оваа проблематика и ви имам кажано кои состојки се добри. Доколку сте ја пропуштиле статијата прочитајте овде http://biodevojka.blogspot.mk/2015/07/blog-post_11.html.


Денес, ќе направиме 4 домашни производи (две масла, еден путер и еден гел) во кои ќе споиме повеќе состојки заедно, со цел максимално да ги искористиме сите квалитети и бенефиции на веќе добро познатите состојки кои помагаат при оваа проблематика. Состојките на овие произоди ќе бидат специјално наменети за жените за време на бременоста и ќе бидат без етерични масла, со оглед на тоа што голем број од етеричните масла не се дозволени за време на бременоста.

Масло за нега на кожата 1 варијанта

3 кафени кажици маслиново масло
2 кафени лажици масло од невен
2 кафени лажици масло од авокадо
1 кафена лажица масло од сусам

Сите масла помешајте ги во едно празно шишенце (најдобро доколку е темно) и добиеното масло користете го двапати дневно на стомакот, бедрата и градите, на благо навлажнета кожа.


Масло за нега на кожата 2 варијанта

3 кафени лажици сончогледово масло
2 кафени лажици невеново масло
2 кафени лажици масло од јојоба
1 кафена лажица бадемово масло

Сите масла помешајте ги во едно празно шишенце (најдобро доколку е темно) и добиеното масло користете го двапати дневно на стомакот, бедрата и градите, на благо навлажнета кожа.

И двете варијанти на масла содржат масла кои се одлични за оваа проблематика и богати со витамин Е. Со редовна употреба, кожата ќе ја оддржите еластична и нахранета, и на тој начин ќе ја спречите појавата на стриите на критичните места.


Путер за нега на кожата

Овој путер кој ќе ви го предложам е навистина премногу лесен за подготовка, а премногу ефикасен со оглед на тоа што содржи висок процент на шеа путер кој е од огромна помош при стриите затоа што е богат со витамините А, Б, Е и Ф. 
Сѐ што ви е потребно за да го направите е:

50 грама шеа путер
2 супени лажици масло по ваш избор од следниве (невеново, авокадо, јојоба, маслиново, сусам или комбинации).

Во еден сад ставете го путерот и маслото/ата и со помош на еден рачен миксер почнете да ја матите смесата сѐ додека да добиете убав кремаст состав. Префрлете ја смесата во едно чисто празно кутивче и вашиот путер против стрии е готов. Се нанесува двапати дневно на благо навлажнета кожа, на местата кои се најкритични за оваа проблематика како стомакот и градите. Производов трае и до 6 месеци, важно е да не се зема со влажни раце за да не навлезе вода во него која ќе предизвика побрзо расипување.



Гел за нега на кожата со алое вера

Последниов рецепт е во форма на гел со оглед на тоа што алое вера гелот има одлично дејство врз кожата, ја омекнува, ја смирува и ја остава кожата мека и прекрасна. Сѐ што ви е потребно за да го направите овој гел е:

3 супени лажици алое вера гел
3 супени лажици масло по ваш избор (невеново, авокадо, јојоба, маслиново, сусам или комбинации).

Во едно празно шишенце од 100 мл. најнапред ставете го алое вера гелот, па потоа маслото/ата и убаво промешајте.  Оваа смеса нанесувајте ја на стомакот и градите двапати дневно, на убаво чиста кожа. Нема потреба кожата да биде благо навлажнета со оглед на тоа што самиот производ содржи и воден дел, односно алое вера. Производот трае до месец дена и сетете се убаво да го протресете пред секоја употреба за да ги споите маслениот и водениот дел.


Без разлика што и да одберете, клучот е во упорноста и константноста. Со редовна употреба вашата кожа од ден на ден ќе биде сѐ помека и поеластична со што, секако, ќе ги спречите стриите за време на бременоста.

Поздрав
Вики

Comments