Комплетен третман за сува кожа на лицето


Здраво драги мои,


оваа статија ќе ја посветам на сите оние кои имаат проблем со сува, безживотна и дехидрирана кожа. Најнапред ќе ги разгледаме причините за оваа појава, односно зошто кожата од нормална наеднаш, или пак со текот на времето, станува сува, дехидрирана и безживотна, од кои фактори зависи и како правилно да ја негуваме со цел да го спречиме прекумерниот губиток на течности и да ја вратиме еластичноста на кожата. Ова е многу важно бидејќи, доколку ги сфатиме причините за една појава, многу лесно може да делуваме и да ја подобриме проблематиката.

Да започнеме од фактот дека многубројни истражувања покажале дека кај еден ист човек се забележува разлика во структурата и квалитетот на најгорниот слој stratum corneum во различни зони од телото. Некои од факторите кои се одговорни за оваа разлика се од биолошка природа, други зависат од културните разлики, местото на ќивеење и начинот на кој ние самите “третираме“ разни делови од телото: некои се повеќе изложени на УВ зраците, некои помалку, некои ги миеме со агресивни средства за измивање користејќи два, три четири чекори за детерзија, од козметиката која ја користиме, од шминката итн.

Од сето ова претходно напоменато ќе зависи и активноста на лојните жлезди, турноверот односно синтетизирањето на кератинот, дебелината на кожата, вредноста на TEWL (Transepidermal water loss) кој го озбначува губитокот на вода и хидратацијата во кожата итн. 

Според своите карактеристики, изложеноста врз атмосферските влијанија и неправилната нега, кожата на лицето е особено предиспонирана да стане сува и безживотна.  

Сувата кожа ќе ја препознаете по тоа што на допир е рапава, без сјај, делува сивкасто и овој тип на кожа е многу тежок за нега со оглед на тоа што токму поради својата рапава и сува структура (овде слоевите од кератин се таложат на површината (погледнете ја сликата подолу), има проблем да ги апсорбира сите убави состојки од кремите и останатите производи за нега.  овие слоеви од кератин добиваат ваков аспект токму поради фактот што има недостиг на лубрификација и на некој начин меѓусебно се “кршат“ односно пукаат. Добиваат аспект на кора и под дејство на ова кожата станува пречувствителна (покажува знаци на пречувствителност). Токму затоа сувата кожа доста често е и чувствителна кожа и треба да се внимава на двата аспекта со цел успешно да се подобри состојбата и структурата. 



Овде се забележува недостаток на работа на лојните жлезди (недоволно лачење на себум) и дефицит од способноста за задржување на вода (Water Holding Capacity), Недостатокот на водата во кожата, ја блокира работата на ензимите кои имаат потреба од пофлуидна средина. Ова влијае и врз намалување на флексибилноста на самата кожа, каде настанува промена во врските помеѓу кератинските влакна. Тие стануваат помалку еластични, помалку отпорни и ригидни.

Сето ова заедно не доведува до дефицит на функциналноста на заштитната бариера која се доведува до алтерација и не е во можност правилно да ја заштитува кожата.

Токму затоа во продолжение на оваа статија ќе видиме како правилно да се грижиме за кожата со цел да го избегнеме прекумерното сушење на истата и кои производи да ги избереме за истата намена.


Како и секогаш започнуваме од правилната детерзија на кожата. Ве молам заборавете ги агресивните детергенти на база на ретиноли и киселини, заборавете ги препораките за две, три, четири, дваесет чекори за измивање на лицето. Она што на кожата и е потребно (особено доколку истата дава знаци на сувост и хиперчувствителност) е средство кое во својата формула ќе содржи внимателно одбрани состојки кое истото ќе го направат благо за кожата на лицето без нессодвртно да измива и она што е потребмо и она што не е потребно. Едно такво средство е млекото за измивање (богат балсам) на марката Натура Сиберика.

Станува збор за производ кој е синергија на масла, путери, хидратантни состојки, флавоноиди и екстракти. Со цел еден производ да не измива премногу, потребно е да има соодветни маслени состојки во формулата. Оваа формула не се базира врз сурфактантни како многу останати производи (кои честопати не се ни правилно искомбинирани), туку врз емулзија на маслена и водена фаза. При измивањето со помош на овој производ, маслениот дел се врзува со нечистотијата на лицето а потоа со оглед што е емулзиран со водената фаза која ги измива вишокот на нечистотии, меѓутоа за среќа не прави алтерација на бариерата. Присутни се масла како сончогледово (кое е богато со витамин Е) и масло од сибирски бор, потоа токоферол (чиста форма на витамин Е), кои се искомбинирани со хидролат од аралија, глицерин, хијалуронска киселина. Погодно е како за отстранување на шминката, така и за благо  измивање на лицето со почит кон заштитната бариера.


Како втор чекор и тоа само еднаш месечно може да го користите пилингот кој е многу нежен и специјално наменет за почувствителна кожа. Сувата кожа нема потреба од многу пилинзи бидејќи како што можевме да прочитаме структурата е толку сува и самата кожа чувствителна, што прекумерно отстранување на кератинот на површината на кожата би имал спротивен ефект и би резултирал со уште позголемена чувствителност. Доколку немате направено пилинг по летниот период, сега е идеално време да направите еден вид на ремодулација на кератинот (значи не комплетно да се отстрани, туку да се израмни и изедначи на некој начин). 

Овој производ е навистина убав бидејќи во својот состав содржи нежни честички од мелени семки од кајсија. Базата е доста богата, по водата најнапред има глицерин (чие поголемо присуство го прави и самиот производ погуст како структура), а и додатно маслата и путерите допринесуваат за таа негова структура. Белата глина има нежно прочистувачко дејство а екстрактите од камилица и невен имаат смирувачко дејство врз кожата. Хијалуронската киселина ја збогатува формулата и допринесува за поубава и похидрирана кожа.


Овој производ се користи по миењето на чиста и благо навлажнета кожа. Се нанесува со помош на прстите и не се трие лицето, туку нежно се тапка, со цел да се направи ремодулација на кератинот на кожата.

Како трет чекор кој не е обврзен во една рутина е тоникот за лице. Не е обврзен бидејќи не е важен елемент од рутината (доколку сакате да ја нормализирате кожата доволни се богатиот балсам и кремот), иако сепак има допринос за здрава и убава кожа. Овој тоник најнапред ми се допадна поради прекрасниот мирис (всушност целава линија мириса прекрасно), а потоа и врз ефектот врз кожата. Како база содржи хидролат од аралија која има омекнувачко дејство врз кожата и која е потенцирана со еден вид на шеќер чие дејство е додатно да ја омекне самата кожа и да ја направи целокупната формула соодветна за сува кожа. И тука се присутни екстрактите со смирувачко дејство како оние од камилица и невен, потоа хијалуронска киселина за поголема хидратација и останати екстракти за сјај на кожата. 

Се користи по миењето на лицето на чиста кожа, се испрскува и со помош на прстите се тапка на кожата до комплетно впивање.


На ред доаѓа кралицата кај еден третман, односно оној производ кој заедно со млекото за миење претставуваат база на една рутина и никако не може да бидат заменети или прескокнати, а тоа е кремот за лице.

Овој крем од линијата со аралија е феноменален и идеален доколку имате сува, дехидрирана и чувствителна кожа, поради својата формула која во себе го имплементира концептот на хидратантен и заштитен третман на лицето. Најнапред базата е комплетно природна без силикони и навтени деривати (инаку не би ја ни рецензирала), која е знак дека сме на добар пат вистински да ја хидрираме кожата без лажна слика за т.н. “вештачка хидратација“ како што е тоа случај со силиконските креми. 

Происводите наменети за обнова и регенерација на сувата кожа имаат најтешка работа со оглед на тоа што имаат за цел да го повратат балансот и да ја подобрат физиолошката структура на заштитната бариера. Истовремено треба да направат регенерација и враќање на нормалната природна заштитна бариера, зголемување на капацитетот на задржување на вода во самата кожа, Ова го прават со самото тоа што најнапред целта на кремот е да ги зголеми масните компоненти во самата кожа (знаеме дека сувата кожа има недостаток од лачење на себум).


Во овој крем има присуство на прекрасни масла богати со линолеинска киселина која е од основна важност за враќање на елсатичноста на кожата. Во склад со цетил палмитатот (состојка која од една страна ја подобрува структурата на производот, меѓутоа од друга страна помага во подобрување на еластичноста на кожата) се добива производ кој е навистина многу соодветен за сува кожа. Како и остатокот од линијата и овој крем содржи хијалуронска киселина, и хидролат од аралија кои помагаат на целокупната формула во враќање на правилната хидратација.  Убавата вест е што овој крем може да се користи како наутро, така и навечер. 
                                            

Како последен чекор, во случај да имате премногу сува и дехидрирана кожа е маската од истата линија, која има слична формула како кремот, меѓутоа доста поконцентрирана, со оглед на тоа што треба да има инстант ефект и двојно дејство. Во зависност од состојбата на кожата, се користи од еднаш до двапати неделно, најдобро навечер пред нанесувањето на кремот на чисто лице. Се остава да делува околу 15 минути и потоа се мие со млака вода. 


Доколку досега сте користеле силиконски производи и сакате рутина која навистина ќе направи разлика кај вашата сува кожа, во тој случај топло ви ја препорачувам оваа линија. Според мене за секојдневна нега се доволни млекото и кремот (тоа се два производи кои се неизбежни) меѓутоа во зависност од вашите потреби слободно земете го и остатокот од линијата доколку сметате дека ви е неопходна. Сите овие производи заедно прават навистина голема разлика во квалитетот на кожата.

Цените на овие производи се следниве:

1. Богат балсам за миење на кожата 520 мкд.
2. Нежен пилинг за кожа 665 мкд.
3. Хидратантен тоник за кожа 605 мкд.
4. Регенеративен дневен и ноќен крем за сува кожа 700 мкд. 
5. Хранлива маска за сува кожа 740 мкд.

Овие производи може да ги најдете онлајна на https://bellina.mk или во некој од нивните Биошоп.

Драги мои, јас се надевам дека оваа статија ви се допадна и ви беше од корист. Ние се читаме многу наскоро со нови интересни содржини.

Ве гушкам
Вики

Comments