Здрава детска кожа со кремот за заштита од сонцето spf 50 на Веледа


Здраво драги мои,

сонцето е извор на енергија, радост и живот. Сончевата светлина и топлина се од основно значење за животот и нашиот внатрешен баланс и хармонија: го подобруваат нашето расположение и важни се за здравјето на коските.

Меѓутоа, истото ова сонце кое не прави толку среќни и помага при многу состојби и патологии, може да доведе и до сериозни проблеми со кожата доколку се изложуваме неправилно и без соодветна заштита. Затоа тука на помош доаѓаат кремите за заштита од сонцето. Како што може да забележите, сеуште сме на тема правилна заштита на кожата од сончевите зраци, овојпат на детската кожа, со соодветен природен производи за таа намена.

Во последно време добив сѐ повеќе и повеќе барања за рецензија на кремот за заштита на детската кожа на Веледа спф 50, па еве драги мои сѐ за вас, во оваа статија ќе го разгледаме токму овој производ (започнувајќи од декларацијата), заштитните филтри и секако ефектот врз самата кожа на нашите најмили.


Знам дека имам многу говорено на оваа тема, меѓутоа не е на одмет да повториме. Што всушност претставуваат филтрите за заштита од сонцето и какви сѐ типови на филтри постојат? Кремите за заштита од сонцето, за да може да ја извршуваат својата функција и навистина да не штитат од сонцето, односно од UVA и UVB  зраците, во својот состав мора да содржат филтри за заштита од сонцето. Постојат два основни типа на филтри и тоа: физички филтри и хемиски филтри.


Физичките филтри функционираат на тој начин што ги одбиваат, односно рефлектираат сончевите зраци (имаат механизам на огледало) и не им дозволуваат на истите да навлезат во кожата. Овој вид на филтри се фотостабилни.

Хемиските филтри ги апсорбираат сончевите зраци и ги претвораат во еден друг вид на енергија, односно топлина, која ја ослободуваат во кожата (значи ја загреваат кожата) и подготвени се повторно да ја апсорбираат сончевата светлина. Постојат фотостабилни и фотонестабилни хемиски филтри, меѓутоа сѐ зависи од формулата на секој производ поединечно (одредени хемиски филтри кои се фотонестабилни, во една формула може да се стабилизираат со други хемиски филтри кои се стабилни).


Како поборник на природната и органска козметика јас ги препорачувам САМО физичките филтри односно: цинк оксид и титаниум диоксид. Кремот за заштита од сонцето на Веледа содржи само физички филтри и секако е на природна база. Ајде да ја разгледаме декларацијата на истиот и да сфатиме во каква форма се филтрите и на кој начин заштитуваат од сонцето.


Од декларацијата може да видиме дека како единствен филтер за заштита од сонцето е приутен Титаниум Диокид (на трета позиција во формулата после водата и маслото каприлик). Титаниум диокидот е претежно филтер за заштита од UVB зраците и делумно од UVА. Оваа состојка е во форма на прав. Природно има честички со поголема димензија, меѓутоа пред да се внесе во еден производ за заштита од сонцето потребно е честичките на некој начин да се намалат, бидејќи во спротивно производот ќе биде невозможен за размачкување. Намалувањето на честичките се прави на два начини: по пат на микронизирање (микро честички) и по пат на нанотехнологија (нано честички).

Во овој производ станува збор за микронизација на титаниум диоксидот...како знам дека е микронизиран???Од состојката Alumina која се наоѓа при крајот на декларацијата. Што всушност значи микронизиран титаниум диоксид и зошто во производот има алуминиум?

Кога се прави микронизација на титаниум диоксидот, доколку истиот не се обложи со ништо, постои опасност да кога ќе се внесе во една формула да исушти слободни радикали (виновни за предвремено стареење на кожата). На кој начин се прави обложување на овој филтер? Со помош на две состојки: едната е силикон (не е дозволен во природната и органска козметика), а другата е алуминиум оксид (во декларацијата ќе го најдете под името алумина). 

Многумина од вас кога ќе прочитаат алуминиум веднаш ќе се исплашат и ќе помислат на оној алуминиум присутен во деодорансите кој постојано ви велам да го избегнувате. Станува збор за иста состојка? Апсолуто НЕ. Алуминиумот со кој е обложен титаниум диоксидот е алуминиум оксид (наспроти алуминиум хлорохидрат присутен во деодорансите). Алуминиумот оксид е состојка која не навлегува во кожата и е комплетно биокомпатибилен со самата кожа (инаку не би бил дозволен од агенциите за сертификат на органска козметика). Се користи за обложување на титаниумот не само поради фактот од слободните радикали, туку и како дополнителна заштита од UVА зраците со оглед на тоа што во производов нема цинк оксид кој е претежно UVА филтер.


Според мене, ова беше од огромна важност да го разјаснам, со цел да ви дадам реална слика за производот. Секако освен заштитниот филтер, од огромна важност е правилната комбинација на истиот со маслата и екстрактите во еден производ. Во овој производ на втора позиција може да се види каприлик каприк кое е многу лесно масло и ставено е со цел да се направи производов полесен, во смисла да одговара за разни типови на кожа. Може да се забележат и потешки масла како на пример маслиново, средно тешки масла како на пример сончогледово и секако кокосово кое е неизбежна состојка во производите за заштита од сонцето. 

Откако темелно ја разгледавме декларацијата, ајде да преминеме на употребата и ефектот. Овој производ има средно густа структура која не ја масти кожата.



Откако ќе се нанесе на кожата, потребно е убаво да се размачка врз самата кожа. 


Мора да бидам искрена и да напоменам дека остава мала бела трага на самата кожа, како и повеќето средства за сончање на база на титаниум диоксид (секако не е премногу бела, туку малку се познава врз кожата). Еве го финалниот ефект на овој производ врз кожата.


Одлично заштитува, го испробав во неколку прилики врз кожата на лицето на моите внуки. Не содржи никакви етерични масла или мириси, со цел да се избегнат алергиски реакции врз детската кожа. Одличен е и како заштита на повозрасна кожа (јас лично го нанесов и ми се допадна), иако не сакам да им го користам на внуките, сепак за нив е :)

Ете драги мои, за сите оние мајки кои во последниов период ме замолија да го претставам и овој крем за заштита од сонцето, се надевам дека ќе останат задоволни од рецензијата. Мене лично производов ми се допаѓа како декларација и како финален ефект и заштита врз кожата.

Дали некој од вас го има пробано овој производ и како сте задоволни? Вашите коментари се добредојдени под статијата.

Поздрав
Вики

Comments