Правилна интимна хигиена со пената на Натура Сиберика


Здраво драги мои,

оддржувањето на правилната интимна хигиена е од огромно значење не само поради свежината и мирисот, туку пред се и поради бактериските промени во тој дел од телото. Од огромна важност е и производот кој ќе го одбереме за нега и хигиена на интимните делови, затоа што погрешниот производ може да предизвика претерано сушење, бактериска промена и инфекции. Ајде најнапред да дознаеме што сѐ треба или не треба да содржи еден добар интимен гел за хигиена и како да го препознаеме добриот производ кој нежно и деликатно ќе ја оддржува хигиената на интимната зона од телото.

Прво нешто при изборот на еден добар производ е да неговата рh  вредност е во склад со природната рh вредност на интимната зона. Важно е да ја познаваме рh вредноста на интимните делови која не е иста за сите возрасти. Ph е индикатор кој го мери степенот на киселост во интимните делови, и може да биде неутро доколку е 7, кисел доколку е под 7 и алкален за вредностите над 7. Во здрави услови на интимната зона, за жените во плодните години идеалниот производ за интимна хигиена треба да биде со рh 4,5. Девојчињата пред пубертетот и жените во менопауза треба да користат производи со рh неутро, односно 7.


Понатаму при изборот на добар интимен гел дефинитивно мора да внимаваме на состојките кои ги содржи. Овој вид на производ апсолутно не треба да содржи агресивни сурфактанти (колку еден производ прави повеќе пена толку е поагресивен) или пак формули за измивање. Како што ви напоменав во една од претходните статии, сурфактантите се неопходен дел од скоро сите производи за хигиена и претставуваат измивачи кои за цел имаат да ја измијат нечистотијата или маснотиите. Оваа нежна зона со оглед на тоа што има и сопствен систем на самозаштита, нема потреба од агресивни и високоизмивачки формули, така да од огромна важност е да се внимава на деликатноста на една формула. Не е доволно да се напише на опаковката деликатен или нежен производ, а во декларацијата да видиме нешто друго. Верувајте агресивниот производ може да ги ослабне лактобацилите кои нема да можат да ја оддржат киселоста на интимната зона, и на тој начин да им ја олеснат работата на бактериите.

И како трето нешто, од огромна важност се состојките во самиот производ, кои треба да бидат што поприродни. Доколку редовно ме следите игурно сте забележале дека во сите овие 5 години ви имам предложено само 2 производи за интимна хигиена, меѓутоа не затоа што не постојат други, туку затоа што имам многу високи критериуми кога станува збор за нега на интимната зона. Голем број на производи без разлика на тоа што се природни имаат поагресивни формули и затоа она што ви го предлагам може да бидете сигурни дека најнапред е природно и органско, а потоа и нежно за пределот на интимата. Секогаш стојам зад она што ви го предлагам во статиите не само со мое лично мислење, туку и со факт од самата декларација. Еден таков производ кој буквално ме вооушеви е пената за интимна нега на Натура Сиберика.


Ајде најнапред да ја разгледаме декларацијата и да дознаеме зошто всушност овој производ го одбрав за рецензија.

СОСТОЈКИ (INCI): AQUA, GLYCERIN, COCAMIDOPROPYL BETAINE, ARALIA MANDSHURICA LEAF/STEM WATER*, OENOTHERA BIENNIS OIL*, HESPERIS SIBIRICA FLOWER/LEAF/STEM EXTRACTʷʰ*, CHAMOMILLA RECUTITA FLOWER EXTRACT*, SPIRAEA ULMARIA EXTRACTʷʰ, FLAVOCETRARIA NIVALIS EXTRACTʷʰ*, COCO-GLUCOSIDE, GLYCERYL OLEATE, LACTIC ACID, CITRIC ACID, BENZYL ALCOHOL, BENZOIC ACID, SORBIC ACID, SODIUM BENZOATE, POTASSIUM SORBATE.

Лично избегнувам производи за интимна нега каде има сулфати, меѓутоа не затоа што сулфатите се лоши (доколку се убаво избалансирани се е во ред), меѓутоа затоа што имаат поголема измивачка моќ, а на интимната зона не и треба премногу измивање. Од деларацијава може да се забележи дека после водата на прва позиција и глицеринот на втора, како главен сурфактант може да се види кокамидопропил бетаин и тоа во количина околу или под 5% со оглед на тоа што се наоѓа после глицеринот. Бетаинот има доста измивачка моќ и доколку беше единствен сурфактант производов ќе беше поагресивен, меѓутоа најнапред е ублажен со глицеринот, а потоа (што е уште поважно) не е сам во формулава туку додадени се коко глукозид и глицерил олеат, два сурфактанти кои секогаш се користат во пар во најмногу 2% од целокупната формула и имаат за цел да го ублажат примарниот сурфактант.

Многу едноставна формула со мудро одбрани екстракти кои имаат смирувачко дејство како на пример екстрактот од камилица кој во комбинација со маслото од ноќниче имаат смирувачко дејство и спречуваат иритации. Понатаму производов содржи и органски хидролат од манџурска аралија, потоа екстракт од спире која има антивоспалително дејство. 

Еве ја структурата на овој производ



Нешто што многу ми се допаѓа е токму оваа структура пена која личи на облаче.Толку мека што ќе ви биде мерак да се миете, верувајте ми. Воопшто не прави пена (навистина многу малку) што е најнапред знак за деликатен производ, што е одлично затоа што како што веќе напоменав оваа зона нема потреба од производи со преголема измивачка моќ. 

Има многу нежен мирис кој според мене се должи на екстрактите (со оглед на тоа што не гледам парфем во самата декларација). Многу е пријатна за користење и остава чувство на свежина. Воопшто не ја иритира кожата, ја остава, мека, чиста и хидрирана. Не предизвикува чувство на пецкање или сувост. Навистина одличен производ.


Се користи на тој начин што мала количина од пената најнапред се трие помеѓу дланките и потоа се нанесува на навлажнета кожа на интимниот дел. Нежно се мие и темелно се исплакнува со млака вода.

Драги мои се надевам дека оваа статија ви беше од корист и дека ви се допадна. Верувајте ми станува збор за еден фантастичен производ кој ќе ви овозможи правилна и здрава секојдневна интимна хигиена.

Ние се читаме наскоро, а јас ве поздравувам и ве гушкам.
Вики

Comments