Хидрирана кожа и изеднчен тен со новиот ББ крем на Натура Сиберика


Здраво драги мои,

Терминот ББ крем во оригинал значи Blemish Balm или пак како што некои го нарекуваат Beauty Balm, производ кој има за цел да ги прикрие и корегира малите неправилности на кожата и да ја истакне убавината на самата кожа. Како производ претставува еден вид комбинација помеѓу крем и пудра, односно претставува еден вид на обоен крем: овозможува убава хидратација на кожата и благо прикрива (не како пудрата, многу помалку). Токму затоа според мене ваквиот тип на производи се идеални во овој потопол период кога немаме потреба од голема покривност, туку полесен производ кој ќе хидрира и изедначува. Исто така го препорачувам и на сите оние девојки кои за секојдневниот изглед на кожата преферираат производи кои немаат голема прикривна моќ, туку даваат природен изглед, изедначен тен и сјај на кожата.

Доколку имате проблематична кожа со акни, лузни или поголеми неправилности, мој совет ви е да го нанесете овој тип на производ и одозгора со помош на коректор додатно да ги прикриете неправилностите. Сепак ББ кремот како производ овозможува кожата правилно да дише, а згора на тоа и ја негува.

Многу е тешко да се најде убав производ од овој вид, со оглед на тоа што поголемиот дел од производите имаат силикони, навтени деривати итн. Токму затоа, со огромна радост би сакала да ви го претставам новиот ББ крем од марката Натура Сиберика, кој е комплетно природен и сертифициран органски производ.

Ајде најнапред, како и за сите производи досега, да ја разгледаме декларацијата на овој производ и да проговориме за состојките и формулата.


Има многу лесна и хидратантна база: после водата може да забележиме екстракт од бела комукника, каприлик каприк кое е лесно масло, октидодеканол кој има омекнувачко дејство и е од растително потекло. Како состојка на допир дава сув ефект, идеален за намалување на масленоста на еден производ или пак во формулите на креми за комбинирана до масна кожа. Потоа има присуство на емулгатори и подобрувачи на структурата на кремот, а дури потоа може да забележиме една состојка магнезиум алуминиум силикат.

Сакам да ја објаснам токму оваа состојка пред некој од вас да помисли дека има алуминиум во производов. Станува збор за еден вид на глина која во производите се става од две причини и тоа: како еден вид на згуснувач на самиот производ ( со оглед на тоа што не е растворлив во вода) и како помош за правилно распоредување на минералните пигменти во производот. Како состојка е неизбежна во производите од овој тип, со оглед на тоа што се е ден вид на обоени креми.


Понатаму може да се забележат прекрасни ектсракти и хидролати со смирувачко, омекнувачко и хидратантно дејство како на пример: екстракт од невен, екстракт од сибирски бор, екстракт од аралија, екстракт од жалфија итн. Миксот на екстракти е потпомогнат од антиоксидантното дејство на витаминот Е и високо хидратантното дејство на хијалуронската киселина.

Има преубава лесна структура, кожата веднаш го впива и не остава масна трага. Не ја масти кожата и според мене одговара и за комбинирана до масна кожа (мојата кожа е комбинирана). Како боја ја има само во оваа нијанса, која одлично одговара за мојот тен, со оглед на тоа што нема премногу покривно дејство, туку како што напоменав на почетокот само го изедначува теот. Дава ефект на здрава, убава и сјајна кожа и на некој начин се соединува со самата кожа. Доколку имате потемен тен од мојот не би знаела да ви кажам како ќе одговара, иако мислам дека нема да прави голема разлика затоа што самата боја во производов не е многу изразита (како на пример пудрата), туку лесно се меша со природната боја на самата кожа. Меѓутоа ете, немам потемен тен, па не можам со сигурност да тврдам.

Еве го ефектот на мојата кожа на лицето


Доколку сте во потрага по еден производ кој не ја масти кожата, туку напротив ја хидрира, и е идеален за претстојниот летен период, во тој случај ви советувам да го пробате овој производ. Јас многу ретко користам пудра, само кога излегувам некаде навечер, или пак кога гостувам на телевизија. За секојдневна употреба многу повеќе ми се допаѓа еден ваков вид на производ. Ова е секако мое лично мислење.

Се надевам дека оваа статија ви се допадна и дека ви беше од корист. Ние се читаме наскоро со многу нови и интересни содржини.
Ве гушкам
Вики

Comments