Есенска трпеза: рижото со тиква


Драги мои,

одамна не сме зготвиле нешто заедно нели?

Округла или долгнавеста, жолта или црвена, тиквата е дефинитивно една од моите омилени есенски намирници. Се смета за кралица на есента и тоа не е случајно. Таа е богата со витамините А и Ц кои се од неопходна важност за целокупниот наш организам, а и за убавината на кожата, ноктите и косата. Потоа, содржи бетакаротен и минерали како калциум, фосфор, цинк и потасиум. Богата со вода, а сиромашна со шеќери, оваа намирница содржи 15 калории на 100гр. и има навистина низок процент на масти помеѓу кои е присутен и најголемиот пријател на срцето: омега 3 масните коселини.

Еве ги најзначајните бенефиции на тиквата врз човековиот организам:

- го подобрува сонот;
- го намалува стресот и анксиозноста;
- ги зацврснува ноктите;
- ја подобрува структурата и убавината на кожата;
- го подобрува варењето на храната;
- го штити срцето;
- ја штити простатата;
- ја подобрува структурата на косата;

Мислам дека горенаведените податоци се доволна причина зошто тиквата треба да биде дел од нашата есенска исхрана. Токму затоа во оваа статија сакам да ви предложам како да направите превкусно рижото со тиква. Рецептот е навистина многу лесен и едноставен, а толку е вкусен што верувајте ми ќе стане основа на вашата есенска исхрана.

Потребни состојки се:


- ориз (бел или интегрален по ваш вкус)
- кромид
- тиква
- вегета (по можност домшна)

Количините зависат од тоа за колку лица правите. Најнапред во едно подлабоко тенџере ставете околу литар вода и додадете веѓета. Јас ја користам оваа природна и домашна вегета која сама ја правам. Оставете го тенџерето така 5 мин. на повисока температура па намалете ја температурата на ринглата за да ја чувате топла течноста. Во една подлабока тава пропржете го кромидот и оризот со малку маслиново масло. На овој начин самиот ориз ќе биде повкусен. За подобар мирис и вкус користете ориз басмати или јасмин. Потоа полека со помош на една кутлача (оние за супа големите) додавајте од водата (или подобро кажано супа бидејќи ќе има таков вкус) во оризот. Откако ќе ја впие водата додавајте нова и сѐ така додека да се свари оризот.

Е сега доколку користите интегрален ориз најнапред 10 мин. варете го само оризот, а дури потоа додадете ја тиквата сецкана на мали парченца. Во случај на бел ориз кој обично е готов за 10 мин. ставете ја тиквата веднаш откако ќе го пропржите малку оризот и кога ќе почнете да ја додавате водата.

Откако оризот е готов проверете дали е доволно солен (обично е затоа што вегетата содржи доста сол), додадете малку црн пипер по желба и вашето јадење е готово. По желба може да додадете малку пармезан или оној намаз сирење доколку сакате да добиете покремаста структура на самиот ориз. Јас најчесто ставам пармезан само малку заради вкус и поубава структура.

Драги мои, јас се надевам дека и овој рецепт ви се допадна и дека ќе се обидете да го направите. Тиквата може да ја приготвувате и на други начини на пример печена во рерна или да направите супа од тиква според рецептот во оваа статија,


Јас ве поздравувам и се читаме во некоја наредна статија.
Вики


Comments