Детска кожа мека како свила со 2 прекрасни производи на Organique


Здраво драги мои,

за да преживееме во големиот пазар на производи за нега на бебешката и детската кожата, треба пред сѐ да ги познаваме вистинските потреби на истата. Кожата кај децата видно се разликува од кожата на возрасните поради тоа што од раѓањето па се до пубертетот, лојните жлезди се помалку активни и нивната кожа има тенденција да биде секогаш посува. Исто така, најгорниот слој на епидермот кај децата е многу потенок отколку кај возрасните, кој ја прави детската кожа многу почувствителна на надворешните влијанија. 

Голем број на производи кои се нудат на пазарот за нега на детската и бебешката кожа најчесто се на база на нафтени деривати  (минерални масла, течен парафин, парафин и.т.н.) или пак силикони. Овие две типологии на состојки воопшто не се компатиблни со кожата и со нејзината природна функција и апсолутно потребо е да се избегнуваат. Одредени производи како на пример шампони или купки (иако се на природна база) имаат поагресивни формули кои премногу ја измиваат детската кожа која нема потреба од производи со голема измивачка моќ.

Според мене за нега на детската кожа од огромна важност е да се употребуваат само неопходните производи кои за цел имаат да ја заштитат, хидрираат и нахранат детската кожа. Токму во оваа статија ќе ви предложам два неопходни детски производи за правилна нега на кожата на нашите најмали, односно шампон-купката и млекото за тело на полската марка Organique.


1. Купка-шампон за благо измивање на бебешката и детската кожа


Како што претходно напоменав, при изборот на едно средтсво за измивање на детската кожа потребно е да внимаваме на 2 основни работи: состојките во производот (да избегнуваме производи на база на нафтени деривати и силикони) и формулата на производот (да бираме убаво избалансирани производи кои не се агресивни за детската кожа). Првото е полесно бидејќи доволно е да ги научите имињата на силиконите и нафтените деривати и да ги избегнувате во производите (да не ги земате оние производи кои ги содржат). Кога станува збор за целокупната формула, малку ни се отежнува работата.

Голем број на производи кои се декларираат како природни најчесто како главен сурфактант го користат Содиум Лаурет Сулфат (Sodium Laureth Sulfate). За да не биде агресивен за кожата овој сулфат треба да биде избалансиран со бетаин кој и го згуснува на некој начин. Во продажба може да најдете производи со два вида на формули со овој сурфактант и тоа:

Acqua, Sodium Laureth Sulfate, Cocamidopropyl Betaine, Sodium Chloride = убаво избалансирана формула
Acqua, Sodium Laureth Sulfate, Sodium Chloride, Cocamidopropyl Betaine = агресивна формула 

Морав вака да ви ги пишам формулите за да знаете како да ги бирате производите. Во овој шампон за среќа нема Содиум Лаурет Сулфат, и можам да кажам дека се употребени многу благи сурфактанти кои се многу добро искомбинирани. Ајде подетално да ја разгледаме формулата на истиот:


Inci:AQUA, COCO GLUCOSIDE, SODIUM COCO-SULFATE, BETAINE, COCAMIDOPROPYL BETAINE, GLYCERIN, GLYCERYL OLEATE, GOSSYPIUM HERBACEUM SEED EXTRACT, CITRIC ACID, SODIUM BENZOATE, PARFUM, POTASSIUM SORBATE, TETRASODIUM GLUTAMATE DIACETATE  

Во формулата се користени 4 одлични сурфактанти и тоа: Коко глукозид, Содиум коко сулфат, Кокамидопропил бетаин и Глицерил олеат. Најголема измивачка моќ од сите овие има Содиум коко сулфат (кој е и примарен сурфактант) и се добива од кокосовото масло. Како што може да забележите не е прв во листата по водата туку пред него има Коко глукозид кој е многу нежен, не предизвикува иритации и е еден од најдобрите сурфактанти кога станува збор за детските производи за измивање. Потоа следи бетаинот кој го ублажува примарниот сурфактант, дава подобра пенливост на производот и е одличен за најчувствителната кожа која е склона на иритации. Последниот сурфактант Глицерил олеат, обично оди секогаш во пар со коко глукозидот и се додава за да се подобри толеранстноста на анјонскиот (примарниот) сурфактант, во случајов Содиум коко сулфат. 

Како што може да забележите формулата е прекрасно избалансирана и изедначена, специјално формулирана да одговара на потребите на детската кожа. Во формулата освен сурфактантите може да забележите и екстракт од памук, кој обично се става во формулите каде што целта е да се добие производ со хидратантен и омекнувачки ефект врз кожата.


Овој производ прави блага и убава пена, не премногу, онолку колку е доволно да се измие детската кожа без да се иритира. Има прекрасен мирис кој не можам да го дефинирам точно, меѓутоа мириса на чисто, свежо и убаво. Ми се допаѓа што доаѓа во пакување од 250 мл. со пумпица кое не само што е хигиенско, туку и практично кога се бањаат деца кои не седат мирни додека ги бањаш :)

2. Млеко за нега на детската кожа 


Како што на почетокот напоменав, за правилна нега на детската и бебешката кожа потребни ни се најосновните нешта: купка-шампон за измивање и млеко или масло кое ќе го намачкаме на кожата по измивањето со цел да ја оддржиме правилната хидратација на кожата, да ја нахраниме и да ја направиме поеластична и позаштитена. Од оваа колекција има и масло и млеко, меѓутоа за деца мене ми е секогаш попрактично млекото со оглед на тоа што веднаш се апсорбира и се заштедува на време. 

Млекото кое ќе ви го претставам во продолжение особено ме воодушеви не само поради убавата формула (прекрасен микс на масла и путери), туку и поради ефектот врз кожата а и мирисот кој го има самиот производ. Ајде и за овој производ најнапред да ја разгледаме декларацијата.

Inci: AQUA, PRUNUS AMYGDALUS DULCIS (SWEET ALMOND) OIL, CRAMBE ABYSSINICA SEED OIL, CETEARYL ALCOHOL, GLYCERIN, GOSSYPIUM HERBACEUM (COTTON) SEED OIL, BETAINE, GLYCERYL STEARATE, GLYCERYL STEARATE CITRATE, HYDROGENATED VEGETABLE OIL, BUTYROSPERMUM PARKII BUTTER, ZEA MAYS OIL, HELIANTHUS ANNUUS SEED OIL, ROSA MOSCHATA SEED OIL, BUTYROSPERMUM PARKII BUTTER EXTRACT, GOSSYPIUM HERBACEUM SEED EXTRACT, ROSMARINUS OFFICINALIS LEAF EXTRACT, BENZYL ALCOHOL, TOCOPHEROL, XANTHAN GUM, GALACTOARABINAN, PARFUM, DEHYDROACETIC ACID, SODIUM PHYTATE. 


Мислам дека од аспект на декларација производов нема што нема...присутни се едни од најдобрите масла за нега на кожата, во одлични пропорции и одлично искомбинирани со шеа путерот. Во формулата како масла присутни се: 

- во најголем процент масло од бадем кое е фантастично особено за детската кожа поради големото омекнувачко и хранливо дејство;
- масло од абисинија кое е доста густо (скоро како она рицинусовото) дава еластичност на кожата меѓутоа не ја масти. Ова масло е одлично во производите за нега на кожата бидејќи видно ја омекнува самата кожа;
- масло од памук кое се добива од семките на растението памук. Ова масло е многу богато со витамин Е кој му дава големо антиоксидантно дејство. Многу е стабилно, така да на некој начин (во комбинација со чистиот витамин Е токоферол кој може да го забележите во претпоследниот ред на декларацијата) ги штити маслата од предвремено ужегнување, а со тоа и целокупниот производ;
- масло од роза едно од најубавите масла со одлично омекнувачко дејство врз кожата;
- масло од пченка има големо емолиентно (омекнувачко дејство) и одлично е во производите наменети за сува кожа (во комбинација со други масла) како што е случајот овде. Детската кожа сепак е посува од онаа на возрасните, така да е повеќе од добредојдено.

Како што кажав овие масла се одлично искомбинирани со шеа путерот кој не само што дава убава структура на производот, туку и големо заштитно и омекнувачко дејство врз самата кожа. Од екстракти присутни се екстрактот од памук и екстракт од рузмарин.

Мислам дека напишав цела поема околу млеково, меѓутоа како што може да забележите вреди, така да мора да ви образложам зошто еден производ вреди да се купи. Има преубава структура  ни многу густа ни многу течна и кожата веднаш го впива без многу мачкање. 


Внука ми кога ми позираше за сликава 50 пати се изнамачка со млеково колку и се допадна. Мислам дека уште 50 пати да и речев да ја сликам ќе прифатеше :)

Одлично е доколку сакате да заштедите време, а сепак сакате производ кој одлично ќе ја нахрани и заштити кожата на најмалите. И овој производ како и претходниот доаѓа во хигиенско пакување со пумпица од 250 мл. Многу е лесно и практично за употреба и не треба да се грижите дека за време на мачкањето и облекувањето на децата несакајќи ќе ви се истури производ. Ова е особено важно, бидејќи производот е затворен и можноста да се истури е навистина многу мала. Има преубав свеж мирис.


Драги мајки, а зошто да не и татковци секако, доколку сте пробале многу колекции и сепак не сте ја нашле онаа идеалната за вашето дете (знаеме дека сите сме различни секако) ви препорачувам да и дадете шанса на оваа. Се надевам дека ќе бидете пријатно изненадени и барем на своите деца ќе им понудите поприродна заштита и нега на кожата.

Производите може да се најдат онлакн на сајтот bellina.mk или во продажните места на продавниците на Космо.

Се надевам дека и оваа статија ви се допадна, а ние наскоро се читаме со нови интересни содржини.
Ве гушкам
Вики


Comments