Природни методи за подобар раст на косата и против прекумерно опаѓање


Здраво драги мои,

есента е годишно време со посебен шарм каде природата ги менува своите бои, деновите полека се намалуваат, листовите паѓаат од дрвата...Нашиот организам е создаден за да ги следи овие промени и да се прилагодува на нив, така да многумина се соочуваат со зголемено опаѓање на косата, токму при преодот од лето кон есен. Токму затоа во продолжение на оваа статија би сакала да ви предложам неколку функционални методи за подобрување на оваа проблематика. Секако доколку станува збор за хормонален проблем или пак за поголемо опаѓање на косата, консултирајте се со стручно лице.

1. Масло за подобар раст на косата



Ова масло е доста лесно за изработка, меѓутоа доста ефикасно. Сѐ што ви е потребно се само две состојки и тоа:

- 50 гр. масло од семки од тиква или јојоба (може и комбинацја од двете)
- 10 капки етерично масло од рузмарин

Во едно шишенце (по можност темно) ставете го најнапред маслото и потоа додадете 10 капки етерично масло од рузмарин. Затворете го шишенцето, убаво протресете и вашето масло е готово. Се нанесува на сув корен од косата (само на коренот) со блага масажа. Масажата е од основно значење, меѓутоа потребно е да бидете внимателни и благо да масирате со кружни движења (никако не притискајте премногу). Оставете да делува околу 20 мин (може и повеќе) и измијте ја косата со убав благ шампон без силикони. Се употребува пред секое миење на косата (пожелно е тоа да се прави двапати неделно не повеќе).

Со редовна употреба ќе забележите големо подобрување. Етеричното масло од рузмарин е одлично за оваа проблематика со оглед на тоа што ја подобрува циркулацијата на темето од главата и со самото тоа придонесува косата поздраво да расте.
 

2. Тоник за подобар раст на косата


Во една тегличка ставете свеж рузмарин (само игличките од рузмаринот). Најдобро е доколку со нож го исецкате рузмаринот на ситни парченца затоа што на тој начин ќе испушти повеќе својства од самата билка. Рузмаринот прелијте го со водка сѐ додека комплетно не го покриете. Оставете да делува така околу недела дена (чувајте го во креденец од кујната и секојдневно протресувајте го) и по истекот на времето прецедете го. Доколку сакате додадете 3 капки етерично масло од рузмарин за подобар ефект.

Се користи на тој начин што се нанесува многу малку (буквално 4-5 капки) на темето на косата со блага масажа. Пожелно е да го нанесувате со помош на пипета за да не ви истече повеќе производ несакајки. Многу е важно да се нанесува само на темето без да го зафатите остатокот на косата, бидејќи алкохолот ја суши косата.

Како метод користете го двапати неделно во рок од еден месец, не повеќе. Алкохолот е еден вид на солвент или разредувач и има способност да ја ослабне бариерата на кожата и да дозволи сите состојки подобро да навлезат. Затоа не е пожелно да се користи долг временски период. Доколку имате многу чувствително теме ви советувам да не го правите овој рецепт, туку оној претходниот со маслото.

3. Масло ЕМУ за подобар раст на косата


Можеби повеќето од вас веќе знаат, меѓутоа еве за оние кои не знаат, маслото од ЕМУ е одлично кога станува збор за прекумерно опаѓање на косата. Ова масло во својот состав претежно содржи незаситени масни киселини (70%) кои се неопходни за нас и кои нашиот организам не е во состојба сам да ги произведе. Содржи претежно олеинска киселина (која која е многу важна состојка и ја овозможува лесната пенетрација на ова масло во кожата) и линолеинска киселина, и има не фосфорна структура. Нашата кожа е “програмирана“ да не и дозволи на ниедна состојка која содржи фосфор да пенетрира во кожата. Ете зошто ова масло лесно се апсорбира и има голем ефект и влијание врз кожата и косата.

Се користи на тој начин што мала количина од маслото се нанесува врз сув корен на косата и се прави блага масажа со кружни движења. Оставете да делува најмалку 20 мин. (може и повеќе) и потоа измијте со убав шампон. Користете го како третман при секое миење на косата (најдобро е тоа да го правите двапати неделно не повеќе). Може да се користи подолг временски период со оглед на тоа што е чисто масло и што повеќе го употребувате подобро е. Ви препорачувам првите два месеци двапати неделно, а потоа само еднаш неделно за оддржување.

4. Домашно масло од лук за подобар раст на косата 


Лукот е одличен кога станува збор за здрава и убава коса и е од особена важност при прекумерно опаѓање на косата. За жал има само една маана: лошиот мирис, па затоа многумина нема никогаш да се одлучат да го пробаат овој метод. Постои и етерично масло од лук кое верувајте ми толку многу мириса што само ако го отворите шишенцето без воопшто да ставите од маслото, веќе цела куќа ќе замириса...Етеричното масло не може лесно да се најде, па затоа во продолжение ќе ве научам како сами да направите масло од лук (кое не е етерично секако, направено со маслиново масло).

Во едно блендерче ставете лук и маслиново масло во пропорција 1:1 (колку лук толку масло) и почнете убаво да блендирате сѐ додека да го претворите во кашичка. Оставете го така да отстои покриено 48 часа, филтрирајте го и вашето масло е готово. Ви советувам да правите мали количини на пример по 10 или 20 гр.

Се користи исто како и другите масла, односно се нанесува на сув корен со нежна масажа со кружни движења. Доколку имате многу чувствително теме земете дел од ова масло и помешајте го со некое друго масло (на пример кокосово) и направете масажа. Се остава да делува колу 15 до 20 мин. и се измива со убав шампон без силикони. За почеток правете го двапати неделно (првиот месец) потоа еднаш неделно (вториот месец) и направете пауза.

Ве предупредувам дека мирисот премногу се чувствува па затоа ви советувам да го правите за викенд доколку не планирате многу да се социјализирате :)

Ете драги мои, се надевам дека овие 4 рецепти ви се допаднаа и дека ќе се обидете да пробате нешто од нив. Многу вакви рецепти и совети за правилна нега на косата ќе најдете во мојата прва книга “Природно убави со Биодевојка“.


Ве гушкам сите и имајте убав ден.
Вики

Comments