Моите омилени масла за кожа и коса во лето


Здраво драги мои,

во повеќе статии имам потенцирано колку обожавам масла за нега на лицето, телото и косата и (особено летен период), а исто така имам доста говорено дека секој тип на кожа (вклучувајќи ја и најмасната) може да извлече бенефиции од маслата, доколку се одберат вистинските масла или се направи одлична комбинација од повеќе масла.

Во оваа статија ќе ви ги прикажам моите најомилени масла за овој период, ќе ви објаснам како најчесто јас ги користам и секако ќе ви кажам како да ги користите доколку вашиот тип на кожа и коса се поразлични од мојот. Ќе се обидам да дадам начин на употреба за сите видови на кожа и коса. Ајде да започнеме.


1. Масло од јојоба

Иако се нарекува масло, според својата структура претставува еден вид на течен восок кој се добива со ладно цедење на семките на јојобата. Да ви ја објаснам разликата помеѓу восок и масло: во маслото во составот има комбинација на молeкули на масни киселини и глицерин, додека во восокот не. Токму затоа ова масло најлесно продира во кожата поради тоа што во самата структура не содржи глицерински молекули. Составот на маслото на јојоба е навистина фантастичен и токму тоа го прави погодно за скоро сите типови на кожа и коса.


Богато е најнапред со витамин Е кој претставува природен антиоксиданс и го спречува дејството на слободните радикали, а со тоа и предвременото стареење. Има голем процент на несапунифицирана состојка. Да ви објаснам: маслото се состои од два дела од кои едниот во контакт со одредени состојки е во можност да формира состојка слична на сапунот, а другата не. Токму оваа втората која не се сапунифицира претставува вистинско богатсво во самото масло: има моќно антиоксидантно влијание и го спречува превременото стареење. Го стимулира производството на колаген и еластин кај кожата и го враќа тонусот на самата кожа. Маслото од јојоба е трето во класифика според количината на оваа состојка во самата структура која е присутна од 2 до 3%. На прво место е маслото од авокадо каде присуството е од 3,1 до 27%, и на второ е шеа путерот каде процентот се движи од 3,5 до 17%.

Маслото од јојоба го користам чисто на кожата и можам да кажам дека одговара за скоро секоја состојба на кожата. Без разлика на тоа дали имате масна, комбинирана, нормална или сува кожа, ова масло видно ќе ја подобри структурата и еластичноста на кожата, го регулира прекумерното лачење на себум и со оглед на тоа што како состав е најблиску до структурата на нашиот себум, кожата веднаш го препознава и лесно го впива.

Слободно користете го и за нега на косата, особено доколку имате масен корен. Во тој случај сѐ што треба да направите е да нанесете мала количина масло само на коренот, да направите нежна масажа околу минутка и да оставите да делува околу 15 мин. Потоа косата убаво измијте ја со благ органски шампон.

Повеќе за маслото од јојоба прочитајте на ови два линка
Масло од јојоба- вашата втора кожа
Масло од јојоба, вистински дар од природата

2. ЕМУ ДЕРМ масло


Ова масло е must have летно време затоа што е едно од најефикасните кога станува збор за спречување или ублажување на црвенила, алергии од сонцето или изгореници. Го имам тестирано лично на себе за црвенила и можам да ви кажам дека резултатите се видливи веќе по недела дена.

Ова масло во својот состав претежно содржи незаситени масни киселини (70%) кои се неопходни за нас, и кои нашиот организам не е во состојба сам да ги произведе. Содржи претежно олеинска киселина (која која е многу важна состојка и ја овозможува лесната пенетрација на ова масло во кожата) и линолеинска киселина, и има нефосфорна структура.

Нашата кожа е “програмирана“ да не и дозволи на ниедна состојка која содржи фосфор да пенетрира во кожата. Ете зошто ова масло лесно се апсорбира и успева да навлезе до најдлабоките слоеви на нашата кожа. Се смета дека е едно од најмоќните масла кога станува збор за брчки на кожата. Cе нарекува и масло на младоста.

Јас го нанесувам чисто на лицето навечер за нега на кожата, за да може да делува убаво во текот на ноќта. Доклку имате проблематична кожа со бубуљички, слободно пробајте го ова масло како средство и против таа проблематика. Ќе бидете повеќе од задоволни.

Повеќе за бенефициите на ова масло прочитајте во статијата Масло од Ему тајна за младешка кожа

3. Масло од Макадамија


Маслото од макадамија е вистински концентрат на палмитолеинска киселина (содржи 26, 70%) која е еден од најмоќните антиоксиданси и помага во спречувањето на штетното влијание на слободните радикали кои се причина за предвременото стареење на кожата. Потоа содржи 60 % олеинска киселина која е од основно значење за регенерацијата на кожата, омега 3 и 6 масни киселини и два многу важни витамини од групата Б, односно нијацин (Б3) и тијамин (Б1). Благодарение на големата количина на олеинска киселина ова масло е многу издржливо и едно од поотпорните масла на ужегнување и оксидација.

Јас ова масло го обожавам и најчесто го корстам за нега на косата. Правам масни третмани или маски со ова масло. Некогаш го користам чисто, а некогаш додавам и други состојки како на пример жолчка од јајце, мед, алое и.т.н. Исто така го користам и по миењето на косата како замена за штетните силиконски капки. Ова масло дава навистина висок сјај на косата и самото влакно го прави поеластично.


Повеќе за маслото од макадамија прочитајте во статијата Масло од макадамија- еликсир кој комплетно ќе ја трансформира вашата кожа и коса

4. Масло од Морков

Ова е едно од најубавите масла, особено летно време со оглед на тоа што го интензифицира потемнетиот тен и го задржува подолго. Може многу лесно да го направите сами. Рецептот за подготовка на ова масло може да го најдете и во мојата книга “Природно убави со Биодевојка“.


Јас ова масло најчесто го користам како подлога пред да го нанесам кремот за сончање и по сончањето како масло за лице и тело. Со оглед на тоа што по изложувањето на сончевите зраци, особено на плажа, кожата е малку посува, ова масло одлично ја враќа еластичноста на кожата, меѓутоа и го задржува потемнетиот тен. Слободно користете го чисто на лицето и телото.

5. Масло од Арган


Маслото од арган е богат извор на витамините А, Е и Ф, како и омега 6 и 9 масни киселини. Токму поради овој свој состав маслото од арган е од голема важност за убавината на кожата: витаминот А е неопходен за убавината на нашата кожа, витаминот Е има антиоксидантно дејство и го забавува процесот на стареење на кожата, додека витаминот Ф е неопходен за задржување на еластичноста на кожата. Омега 6 и 9 масните киселини се неопходни за правилно функционирање на организмот, со оглед на тоа што нашиот организам не може да ги произведе сам по природен пат.

Може да го нанесете чисто на лицето, особено доколку сакате анти ејџ ефект  врз кожата или пак да го помешате со вашиот крем доколку истиот не е доволно масен. Земете мал дел од кремот во вашата рака и капнете неколку капки ерганово масло. На тој начин вашиот крем ќе биде побогат, Не го додавајте маслото внатре во кремот (во целото пакување) за да не го расипете со оглед на тоа што емулгаторите и конзервансот се додадени во процент кој е во склад со останатите состојки во кремот.

Маслото од арган е одлично и за косата особено доколку го користите пред фенирање на веќе измиена влажна коса. Верувејте ми, ова масло одлично ја негува косата и го зголемува сјајот.


Сетете се дека маслата секогаш се нанесуваат чисти на благо навлажнета кожа и коса. Исклучок е коренот кој доколку е масен или пак при проблем со првут, во тој случај маслото се нанесува на сув корен од косата, како што претходно напоменав.

Ете драги мои, ова беа моите омилени масла за нега на кожата и косата во лето. Кои се вашите масла без кои не можете овој летен период? Оставете ваш коментар под текстот.

Поздрав и до скоро читање.
Вики

Comments