Фантастичен домашен колд крем за тело


Здраво драги мои,

ајде да направиме заедно еден навистина прекрасен крем за тело кој ја остава кожата мека, сјајна, мазна и неверојатно нахранета. Овој крем е одличен за оние кои имаат посува кожа на телото или пак за време на летните одмори кога од сонцето на плажа кожата на телото дополнително се суши. Може слободно да го користите и како крем за после сончање.

Со оглед на тоа што станува збор за колд крем (за подетални информации за овој вид на крем прочитајте ја статијата Направи сам домашен колд крем) нема да имаме потреба од конзерванси и истиов ќе трае околу 3 до 4 месеци на собна температура доколку се зема правилно и со чисти раце. Лесен е за подготовка, а верувајте ми кожата ќе ви се заблагодари по секое мачкање. Ајде да започнеме:


- 5 полни супени лажици кокосово масло
- 15 гр. пчелин восок
- 2 кафени лажички масло од јојоба
- 2 кафени лажички шеа путер
- 1 кафена лажичка какао путер
- 2 ипол супени лажици дестилирана вода
- 2 кафени лажички алое вера гел
- 1 кафена лажичка глицерин
- етерично масло по ваш избор (доколку имате)

Јас наместо масло од јојоба користев каприлис кое е многу лесно масло и кожата веднаш го прима, а наместо вода користев хидролат од камилица за да има поголем ленитивен ефект кремот. Меѓутоа и со дестилирана вода овој крем е одличен.

Процедурата е следна: најнапред на пареа се топи пчелиниот восок со какао путерот и маслата. Откако сѐ ќе биде скоро стопено се додава шеа путерот и се меша со лажичка додека и тој да се стопи. Во друг сад се загрева водата и глицеринот, и кога двете фази ќе имаат горе долу слична температура се додава водата во маслото, никако обратно, полека дел по дел со постепено блендирање со рачен миксер.



Најнапред ќе ви се чини дека смесата е премногу течна и нема никогаш да се стврдне, 


меѓутоа бидете упорни со бледнерот и ќе видите дека полека како што се лади смесата ќе се стврднува сѐ повеќе и ќе добие изглед на вистински крем за тело.


Откако смесата малку ќе се подизлади, се додава алое вера гелот и се продолжува со блендирање.


Многу важно е да напоменам дека треба да имате трпение овој крем да го оставите да се олади сам природно (никако не го ставајте во фрижидер со цел побргу да го оладите), со оглед на тоа што веќе утредента ќе ви се создадат мали капки вода и може фазите и да се одвојат. Убаво мешајте со лажичка додека сам природно да се излади. На крај доколку имате додадете околу 10 капки етерично масло од лаванда и убаво промешајте (или кратко изблендирајте).

Структурата на кремот веднаш по правењето е оваа



 Вечерта (по 6 часа од правењето стана ваква)


 Утредента беше ваква


Има голема хранлива и хидратантна моќ и ја остава кожата премногу мазна, сјајна и убава


  

 Се надевам дека оваа статија ви се допадна.
Дали и вие некогаш сте пробале да направите колд крем и дали ви се допаѓа оваа типологија на креми?

Поздрав и до следно читање.
Вики

Comments