Третман за сува и/или виткана коса во 2 чекори


Здраво драги мои,

летото е дефинитивно моето омилено годишно време. Обожавам море, сонце, плажа...толку многу сакам лето што ниту топлината не ми пречи. Меѓутоа, летото е и период кога на удар е токму нашата коса која во овој период има потреба од особена нега и заштита. Доколку сакате совети поврзани тому со косата ви советувам да ја прочитате статијата Како да ја заштитиме косата за време на летните одмори .

Во оваа статија ќе ви дадам предлог за еден комплетен третман за сува и оштетена коса (особено погоден за оние девојки кои имаат виткана коса) и тоа во 2 чекори: маска и исплакнувач за коса. Убавото е тоа што резултатите од овој третман се видливи веќе по првата апликација. Косата е помека, посјајна и има повеќе волумен, а локните се прекрасно обликувани. Со редовна употреба (еднаш неделно) за време на целиот летен период ќе забележите драстична разлика во квалитетот и сјајот на косата.

Секако во оваа статија ќе ве водам чекор по чекор како да ги направите овие два третмани и секако ќе ви покажам слики по апликацијата на истите.

1. Хранлива маска за коса


Мислам дека оваа е најлесната маска за коса која истовремено е многу ефикасна и може сами да ја направите доколку дома ги имате потребните состојки, односно:

- жолчка од едно јајце
- 1 супена лажица масло од ленено семе (доколку немате може и маслиново масло)
- 1 супена лажица мед
- 2 супени лажици пиво (најдобро е да користите безалкохолно)
- 2 кафени лажички алое вера гел (доколку имате)

Во еден сад се става најнапред жолчката, па се додава маслото, потоа медот, пивото и на крај алое вера гелот. Сето ова убаво се меша со лажичка или со машинка за нескафе додека да добиете убава хомогена смеса. Горе имам споменато дека најдобро е доколку пивото е безалкохолно, меѓутоа доколку не може да најдете такво, вечерта претходно ставете пиво во една чаша и оставете ја во текот на ноќта алкохолот малку да испари. Алое вера гелот додатно ја хидрира и омекнува косата, меѓутоа доколку немате на негово место може да користите една кафена лажичка глицерин.



Со оглед на тоа што маската содржи и водени и маслени состојки, се нанесува на сува коса (не е потребно косата да биде благо навлажнета). Доколку имате многу сува и виткана коса нанесете ја на цела коса па и на коренот. Во спортивно само по должината на косата, онаму каде е посува. Покријте со ќеса (онаа од супермаркет) и ставете одозгора пешкир. Оставете маската да делува најмалку саат време.

Оваа маска има голема хранлива и хидратантна моќ. Лецитинот кој го содржи жолчката од јајцето во склад со маслото од ленено семе длабински ја хранат косата и го спречуваат понатамошното сушење. Медот видно ја омекнува косата и и дава прекрасен сјај на самото влакно. Алое вера гелот, како што споменав погоре, додатно ја хидрира и омекнува косата и го зголемува сјајот на истата.

По истекот на времето измијте со млака вода и убав органски шампон без силикони и подготвени сме за следниот чекор.

2. Исплакнувач за коса со пиво

Овој исплакнувач е вториот чекор од овој третман кој го зголемува ефектот на самата маска и дава фантастичен волумен на косата. И не само тоа, доколку имате виткана коса, ќе направи локните да бидат поубаво дефинирани. Потребни состојки за да го направите се:

- половина чаша пиво;
- 1 супена лажица јаболков оцет;
- дестилирана вода;
- 10 капки етерично масло од лимон или лаванда

Во едно празно пластично шише од половина литар најнапред ставете го пивото, додадете го оцетот и наполнете со дестилирана вода (не скроз до горе за да може да го протресете). Додадете го етеричното масло, затворете го шишето и убаво протресете за да етеричното масло се спои (моментално) со течноста. Со оваа течност веднаш исплакнете ја косата.


Пивото е богато со Б витамин и протеини и придонесува за поголем волумен на косата. Оцетот има киселикаста пх вредност која и се допаѓа на косата и го затвора влакното, а со самото тоа ја прави косата помазна и посјајна. Дестилираната вода е особено важна бидејќи понекогаш водата која ја користие за туширање содржи премногу минерали или хлор (во зависност од местото на живеење). Со дестилираната вода како последно исплакнување на некој начин ја прочистуваме самата коса и спречуваме истата да биде отежната. Етеричното масло од лимон или лаванда не само што ќе направат вашата коса убаво да мириса и ќе го неутрализираат лошиот мирис на оцетот, туку и ќе го зголемат сјајот на косата.

Еве резултати од двата чекори врз мојата коса



Косата беше многу попослушна за обликување, локните беа многу поубави и без разлика на големата влага останаа убаво обликувани во текот на целиот ден иако бев надвор во трчање од едно на друго место. Верувајте ми, сликава ја направив после цел ден обврски откако се вратив дома. Како што може да забележите има прекрасен сјај кој се должи и на маската и на исплакнувачот.

Драги мои кадрави девојки и жени, се надевам дека и оваа статија ви се допадна. Последниот рецепт за исплакнувачот може да го најдете во мојата прва книга “Природно убави со Биодевојка“ во која има 175 природни домашни рецепти за лице, тело и коса, како и совети за разни проблематики поврзани со здравјето на кожата и косата.


Јас ве гушкам сите и се читаме во некоја наредна статија
Вики



Comments