Мојата моментална нега на лицето и кои производи ги користам



Здраво драги мои,

од време на време ви пишувам статии каде ви кажувам како јас лично ја негувам кожата во одредени периоди и кои производи најдобро функционираат за мене во тој одреден период. Како што многупати имам напоменато, јас имам комбинирана кожа и можеби на повеќето од вас кои го имаат истиот тип на кожа оваа статија ќе им биде од корист. Секако запомнете дека сите сме различни, така да еден ист производ може да даде различен ефект кај различни луѓе.

Утринска нега на кожата

Наутро кога ќе се разбудам кожата ја мијам со пената на Balea која неодамна ја купив. Кај мене се покажа навистина одлична со оглед на тоа што благо измива и ја освежува кожата (она што и ми е потребно). За оваа пена веќе имам говорено во друга статија, меѓутоа еве ќе повторам дека одговара за комбинирана до масна кожа и има блага формула која воопшто не ја суши кожата, а сепак убаво измива. По употребата кожата ја чувствувам мека и свежа.


По неа моментално го користам тоникот на Balea за сува кожа кој е без алкохол и мене премногу ми одговара. Ретко можам (барем кај нас) да најдам убав тоник за лице кој е без алкохол со оглед на тоа што поголемиот број на фирми користат алкохол. Лично кога станува збор за тоник преферирам секако без алкохол иако не е правило затоа што има разлика од декларација до декларација и функционалност на производите.


На Т зоната (особено челото каде и најмногу ми се масти кожата во текот на денот), ставам од кремот на Balea со матирачки ефект кој се покажа одличен. Навистина откако почнав да го користам кожата воопшто не светнува во текот на денот. Јас како што напоменав го нанесувам само на Т зоната и откако ќе се впие нанесувам од серумот со хијалуронкса киселина на Fitocose, па потоа кремот филер од истата марка Fitocose.


Оваа марка на производи ја има само во Италија и мене лично ми е омилена затоа што прават најдобри моќни формули и производи. Серумот е многу лесен и веднаш се впива. Наменет е за сите типови на кожа особено нормална накај комбинирана. Кремот олиго филер е малку погуст како крем, меѓутоа одличен е за превенција на брчките поради тоа што содржи комплекс на природни анти ејџ состојки потпомогнати од хијалуронската киселина секако.


Како крем околу очи моментално го користам кремот од роза на Fitocose кој го добив како подарок од нарачката на останатите производи. Навистина е многу убав, богат и масен крем кој ја заштитува нежната зона околу очите, интензивно ја храни и негува.

Можеби ќе ви се чинат премногу производи, меѓутоа, јас обожавам да испробувам разни креми и да ги мачкам на лицето.

Вечерна нега

Навечер најнапред ја вадам шминката од очите и лицето со млекото за чистење на лице на Fleurance. Со оглед на тоа што е доста густо како производ, најнапред мокрам едно памукче со малку вода и врз него ставам од млекото и го размачкувам. Шминката ја вади навистина лесно и воопшто не пече (барем мене ми е пријатен како производ).


Откако ќе ја извадам шминката, лицето го мијам со истиот гел од утринската нега и го нанесувам тоникот. Hа убаво исчистено лице ставам најнапред од серумот со хијалуронска киселина и чекам убаво да се впие.


Потоа лицето го прскам со тоникот на Bare Origin за да ја навлажнам кожата бидејќи навечер нанесувам масло на лицето и тоа моментално го користам она на Ему Дерм. Навистина ми се допаѓа како производ, а кожата наутро ми е ептен мазна и убава.



Како производ за заштита од сонцето моментално го користам кремот (односно липогел) со масло и екстракт од морков на Fitocose со висок заштитен фактор кој е всушнист безмасен производ наменет специјално за комбинирана до масна кожа. На почетокот кога ќе го нанесете на лицето ви се чини масен, меѓутоа со оглед на тоа што кожата веднаш го впива, потоа сфаќате дека не масти воопшто. Секако, доколку не се претерува со количината.

Овој гел за заштита од сонцето мене ми се покажа најдобар (барем до сега) и за недела дена што шетав низ Рим добив прекрасен благ тен на лицето (благодарение на маслото и екстрактот од морков).


Ете драги мои, ова се производите кои моментално ги користам и од кои сум задоволни. Вие доколку сакате да споделите каква е вашата моментална нега или што е она што за вас најдобро функционира, слободно сторете го тоа под самиот текст.

Поздрав и до следно читање.
Вики

Comments