Домашен екстракт од гоџи бобинки и негова употреба


Гоџи бобинките или гоџи бери потекнуваат од Кина, каде жителите редовно со генерации ги конзумираат со оглед на тоа што веруваат дека ја подобруваат целокупната здравствена состојба и придонесува за подолг живот. Од тука го добива и епитетот намирница за долг живот. Го јакне имунитетот, помага во детоксификацијата на црниот дроб, ја подобрува мускулната издржливост, помага при периоди на стрес и ја оддржува еластичноста и убавината на кожата.

Во секое зрно од гоџи бери се наоѓаат сите основни состојки за добросостојба на нашиот организам како: витамини Ц и Е кои се од огромно значење во спречувањето на дејството на слободните радикали (антиоксидантно дејство), каротени како бета каротен, лутеин и ликопен. Од минерали присутни се железо, фосфор и манган кои го регулираат енергетскиот метаболизам, потасиум и магнезиум кои ја подобруваат издржливоста на мускулите (особено важно за спортистите), и секако цинк и хром.

За хранливото својство на гоџи бобинките пишував во оваа статија така да денес ќе се задржам на еден прекрасен рецепт за домашен екстракт од гоџи бобинки кој може да го користите во подготовката на креми, доколку секако сте љубители на домашните природни рецепти.

Најнапред се мислев како најдобро да ги искористам гоџи бобинките за домашни производи и прва замисла ми беше да направам домашно масло како на пример оние од лаванда или невен. Меѓутоа со оглед на тоа што гоџи во својот состав содржи екстракти кои се растворливи во вода а не во масло, правењето на масло од гоџи би било бескорисно со оглед на тоа што нема да може многу да извлечеме. Затоа и се одлучив за екстракт.

Овој екстракт може да го подготвите на два начина во зависност од состојките кои ги имате дома на располагање. Доколку може да нарачате или набавите природен конзерванс од типот на Еко конзерванс (eco prеservative) или Косгард (cosgard) во тој случај направете го првиот рецепт. Во спротивно направете го вториот рецепт.

Рецепт бр. 1


- 2 супени лажици гоџи бобинки
- 2 супени лажици глицерин
- 3 супени лажици деминерализирана вода
- конзерванс (доколку користите косгард 16 капки, доколку користите еко пресервативе 20 капки. Во случај на друг конзерванс прочитајте го упатството на самиот конзерванс).



Најнапред исецкајте ги ситно гоџи бобинките (што поситно можете).


Потоа ставете ги во една тегличка и додајте го најнапред глицеринот, па водата и убаво промешајте. Додадете го и конзервансот па промешајте и затворете ја тегличката. Чувајте го на темно и суво место (на пример во креденецот од кујната) 20 дена. Секојдневно протресете ја тегличката.


По истекот на времето исфилтрирајте ја течноста со помош на една газа и ставете ја во едно чисто темно шише. Вака подготвениот екстракт трае 3 месеци.

Рецепт бр. 2

- 2 супени лажици гоџи бобинки
- алкохол 60° (доколку не може да најдете може и оној 45°, меѓутоа 60 е подобар)
- 50 гр. вода
- 50 гр. глицерин

Најнапред исецкајте ги ситно гоџи бобинките и ставете ги во една тегличка. Ставете алкохол колку да ги покриете и сотавете така да стојат една недела со повремено протресување на теглата. По истекот на таа недела додадете ги глицеринот и водата и оставете да стојат уште три недели со секојдневно протресување на тегличката. По истекот на времето филтрирајте ја течноста. Вака подготвениот екстракт трае до 3 месеци.

Откако го подготвивме екстрактот, ајде да видиме како најдобро да го вметнеме во домашните производи. Во продолжение на оваа статија ќе ви предложам неколку домашни рецепти каде може да го вметнете екстрактот од гоџи бобинки.


Крем за лице со гоџи бобинки

4 гр.пчелин восок
2 супени лажици масло по ваш избор (или комбинација на масла)
една ипол кафена лажичка ружина вода (или дестилирана вода)
една ипол кафена лажичка екстракт од гоџи

Најнапред стопете го на пареа восокот со маслото или маслата. Оставете малку да се олади со постојано мешање или фрулање со мини миксер или машинка за нескафе. Потоа ставете го во едно тенџерче или сад со ладна вода и продолжете да фрулате полека додавајќи ги најнапред ружината вода (или деминерализирана вода) па екстрактот од гоџи бобинки.

Кога смесата ќе има убава кремаста структура префрлете го кремот во едно празно и чисто кутивче за крем.

Доколку имате комбинирана кожа користете масло од јојоба, лешник, макадамија или арган. За посува кожа ставете авокадо, маслимово масло, пченични никулци или арган. Секако може да направите и комбинација од две или повеќе масла:

за комбинирана кожа: една супена лажица масло од јојоба со половина супена лажица арганово масло и една кафена лажичка кокосово масло или масло од макадамија

за сува кожа: една супена лажица масло од авокадо со половина супена лажица арганово масло и една кафена лажичка маслиново масло.

Серум за лице со гоџи бобинки


Овој серум за лице е навистина премногу едноставен за да го направите, а сепак доста ефикасен. Сѐ што ви треба е гел од алое вера и секако екстрактот од гоџи бобинки кој веќе го направивме.

Во едно празно и чисто шишенце најнапред ставете една кафена лажичка екстракт од гоџи бобинки и додадете две супени лажици алое вера гел. Убаво промешајте или протресете и вашиот серум е готов.

Тоник за лице со гоџи бобинки

Во едно чисто спреј шише од 100 мл, најнапред ставете една супена лажица екстракт од гоџи бобинки, една кафена лажичка глицерин и додадете дестилирана вода колку да го наполните шишето (не скроз до крај оставете малку простор за да може убаво да го протресувате).

Овој тоник слободно користете го наутро и навечер на чисто лице.

Двофазен отстранувач на шминка со гоџи

Иако постои еден прекрасен отстранувач на шминка со екстракт од гоџи бобинки на Алверде, доколку сами си го направите екстрактот, може да се обидете и да го направите овој домашен отстранувач на шминка. Потребни состојки се:

3 супени лажици дестилирана вода
половина супена лажица екстракт од гоџи
една супена лажица маслиново масло (или некое друго по ваш избор)
половина супена лажица рицинусово масло

Најнапред помешајте ги маслата и ставете ги во едно празно и чисто шишенце. Додадете го екстрактот од гоџи и на крај водата. Убаво протресете пред секоја употреба затоа што водената и масната фаза се одвојуваат.

Драги мои, се надевам дека и оваа статија ви се допадна, а вие доколку се обидете да направите нешто од ова што ви предложив слободно пишете коментар или импресија од резултатот под самиот текст.

Поздрав и до следно читање.
Вики

Comments

  1. Прекрасна статија, прекрасни идеи 💋

    ReplyDelete
    Replies
    1. Благодарам драга Нермина. Поздрав.

      Delete

Post a Comment