Домашни производи 2 во 1 за полесно и побрзо туширање



Здраво драги мои,


знаете дека секогаш ви велам да ја хидрирате и храните кожата и секогаш ве советувам да користите богати хранливи креми, путери или масла по туширањето. Меѓутоа понекогаш ни се случува на сите да брзаме па да заборавиме или да немаме време соодветно да ја нахраниме и негуваме кожата по туширањето.

Токму затоа за сите вас во оваа статија имам два прекрасни предлози за домашни производи кои може да ги користите во вашите бањи за време на туширањето кога сте во брзање или кога сте ограничени со време. Секако треба да преферираме комплетна нега со креми, меѓутоа во итни случаеви, секако, овие две рецепти ќе ни бидат од огромна помош.

Навистина се многу лесни за подготовка може сите да ги направите дома, а и состојките може лесно да ги набавите (иако повеќето сигурна сум дека ги имате дома). Знам дека сте нетрпеливи да прочитате за што станува збор, така да веднаш ќе започнам со рецептите.

2 во 1 гел-балзам за миење на кожата

Овој гел балзам за миење на кожата, ја остава кожата навистина мека и свиленкаста. Наменет е за сите типови на кожа во случаеви каде сме во брзање и немаме можност адеквано да ја негуваме нашата кожа. За неговата подготовка потребни ви се следниве состојки:

- две супени лажици путер за тело, крем за тело или раце (секако органски без силикони)
- две супени лажици алое вера гел
- две супени лажици благ гел за миење на кожата (без силикони и нафтени деривати)


Мислам дека ова е наједноставниот рецепт кој сум ви го предложила до сега со оглед на тоа што се прави за 2 минути. Најнапред во едно празно кутивче ставете две лажици убав крем или путер за тело или раце. Секако како што напоменав одберете некој поприроден без силикони и останати несакани состојки како минерални масла или парафин. Додајте две супени лажици алое вера гел и убаво промешајте. Додадете потоа две супени лажици благ гел за туширање (оној кој обично го користите, секако гледајте да биде што поприроден инаку џабе ни е сѐ) и убаво промешајте. Ете вашиот кремаст гел е готов.

Кога ќе влезете да се туширате земете дел од оваа смеса и нанесете го на влажна кожа на телото како што правите кога обично се туширате. Оставете околу минутка да делува и измијте убаво со млака вода. Самите ќе забележите дека вашата кожа е помека и посвиленкаста од обично.

Кремот или путерот има за цел да ја храни кожата, алое вера гелот видно ја омекнува, а гелот за измивање го користевме за да ја отастрани маснотијата и да ја измие самата кожа.

Секако напоменувам дека ефектот на мазна кожа не е ист како кога би се користел крем или масло по миењето кое повторувам е од огромна важност за убава кожа, меѓутое ете кога некогаш сме во брзање овој едноставен рецепт функционира.

2 во 1 скраб- балзам за тело


Овој втор производ го препорачувам за оние девојки кои имаат навистина сува кожа. Кога се во брзање, а сепак не сакаат да се одречат од мазна и свиленкаста кожа, овој рецепт е како создаден за нив. Потребно е малку повеќе труд за да се направи (во споредба со претходниот рецепт) иако според мене не е воопшто комплициран и тежок.

Се што ви е потребно за да го направите е:

- 30 гр. како путер
- 20 гр. шеа путер
- една супена лажица мелени бадеми, брашно од ориз или пченка или било какви други мелени семки (сусам, лен, сончиглед и.т.н.)
- 10 капки етерично масло од ллаванда, рузмарин или комбинација од двете

Најнпред на пареа стопете го какао путерот и во топлата стопена смеса додадете го шеа путерот и постојано мешајте додека да се стопи. Додадете ги етеричните масла (доколку ги користите) и на крај брашното или мелените семки. Убаво измешајте и ставете во еден калап за да се стврдне (може да го ставите и во фрижидер за побрзо да биде).

Откако ќе биде готов производот може слободно да го употребите на следниов начин:

најнапред истуширајте се со гел како што обично правите. Потоа на влажна кожа поминете со овој балзам скраб низ целото тело и малку размачкајте со рацете. Измијте со многу млака вода, исушете ја кожата тапкајќи ја со пешкир и слободно обечете се.

Кожата ќе ви биде неверојатно мека, а и благиот скраб од брашното или мелените бадеми ќе ви биде секако од корист на кожата. Мислам дека со овој производ навистина заштедувате на време, а сепак добивате многу убави резултати.

Се надевам дека и оваа статија ви се допадна и дека ќе се обидете да направите некој од овие производи. Доколку е тоа така, слободно пишете под самиот текст што сте пробале и колку сте задоволни.

Поздрав
Вики

Comments