Сѐ што треба да знаете за хијалуронската киселина




Здраво драги мои,

ме немаше подолг период (бев надвор од Македонија и немав секогаш пристап до интернет), меѓутоа еве ме повторно да ја започнеме неделата со една интересна статија за хијалуронската киселина, која претставува една од најинтересните и интригантните состојки во козметиката. Мислам дека кога се појави направи вистински бум во формулите на козметичките производи и особено е ценета поради дејството кое го има врз самата кожа.

Во модерно време хијалуронската киселина (со различна молекуларна тежина) се користи како во козметиката така и во пластичната хирургија. Меѓутоа со оглед на тоа што ние тука сме сите натурал ќе се задржиме на козметичката употреба на хијалуронската киселина.

Хијалуронската киселина е една од најфасцинантните молекули која може кон себе да “врзе“ многу вода. Повеќе од јасно е дека станува збор за хидрофилна состојка (водена), иако во својот состав има и мал липофилен дел.

Во оваа статија сакам да ви разјаснам многу работи поврзани со хијалуронската киселина и да ги истакнам сите бенефиции и позитивни влијанија врз кожата.

Најнапред да кажам дека хијалуронската кислеина претставува една од основните состојки во конективното ткиво на нашата кожа и ја помага цврстината, еластичноста и мекоста на самата кожа. За жал со текот на годините нејзиното присуство и ефект се намалува.


Порано хијалуронската киселина можеше да се добие само од животинско потекло. Од пред извесно време има два начини за добивање на хијалуронската киселина: едниот е оној што го напоменав, односно од животинско потекло, додека другата е по пат на биотехнологија односно се добива со модификација на бактерии.

Во козметичките производи хијалуронската киселина може да се најде како hyaluronic acid или sodium hyaluronate, иако пожелно е да правиме разлика помеѓу овие два термина. Првото е хијалуронска киселина која е киселина и има и благо избелувачко дејство врз кожата со оглед на тоа што прави кисела реакција. Второто не е киселина туку нејзина сол (затоа и името содиум) која не предизвикува киселинска реакција, нема избелувачко дејство врз кожата, меѓутоа одлично ја хидрира самата кожа исто како и hyaluronic acid.


Во козметичките производи многу ретко се користи киселината како чиста (скоро и да ја нема) или доколку ја користеле, козметичките куќи мора претходно малку да ја неутрализираат во самата формула на производот за да ја доведат до повисока пх вредност. Доста е скапа како производ така да ретко ќе ја најдете во козметичките производи.

Хијалуронската сол (иако сите ја викаат хијалуронска киселина) е многу повеќе застапена во козметиката и постои со макро или микро димензии, односно висока и ниска молекуларна тежина. Она со висока молекуларна тежина во водените раствори дава убава густа гел структура и има неверојатно својство да ја задржува водата со што на кожата и дава одлична хидратација. Обично овој тип на хијалуронска киселина е најчесто употребуван во козметиката.

Онаа другата со ниска молекуларна тежина е помалку хидратантна и не дава густа гел структура туку малку потечна структура и доколку се користи во козметиката секогаш е во комбинација со онаа со висока молекуларна тежина. Хијалуронска киселина со ниска молекуларна вредност е исто така многу скапа што не е ни чудо дека многу помалку се користи во козметиката.

Прва работа која сакам да ја разјаснам е процентот кој е назначен на козметичките производи. Многу често може да видиме креми, гел, серуми и др. каде пишува 20%, 40%, 50% па дури и 70% хијалуронска киселина.


Јас лично ја правам хијалуронската киселина сама дома и можам да кажам дека за 100 мл. гел од хијалуронска киселина користам 1 гр. хијалуронска киселина во прав и 98,50 грама дестилирана вода и 20 капки еколошки конзерванс (количините варираат од типот на конзерванс кој се користи кај некои доволни се 16 до 18 капки).

Со овој процент се добива навистина густ гел. Доколку се обидам да ставам 2% хијалуронска киселина во истиот процент на вода ќе добијам уште погуста структура која ќе биде потешка за да се извади од опаковката на производот. Доколку се направи со 20% хијалуронска киселина (немам никогаш пробано, меѓутоа имам гледано како се обидуваат) во тој случај се добива кристализирана структура и добар дел од хијалуронската киселина нема ни да се раствори во водата. Значи повеќе од 2% е фактички невозможно да се раствори и добие убава структура.

Во еден документ на FDA (Food and Drug Administration) прочитав дека од 835 производи кои содржат хијалуронска киселина процентот на застапеност варира од 0.000001%  до 1% или 2% (кај многу ретки случаи).

Според мене она што компаниите го истакнуваат кај своите производи можно е да се однесува на чистотата на хијалуронската киселина, а не на количината или нејзината застапеност. Да појаснам: доколку јас направам гел со хијалуронска киселина 1% и го користам чист на лицето (може слободно чист да се користи на самото лице) во тој случај мојот производ е 100% чист, меѓутоа не дека има 100% хијалуронска киселина, туку дека таа киселина е чиста без додаток на други состојки.

Доколку јас истиот овој гел го користам за да направам некој серум на пример и користам глицерин, вода хијалуронска и.т.н. во тој случај може да го разредам на 50% и да добијам гел кој не е чист, меѓутоа содржи сепак 1 гр. хијалуронска киселина.

Имам испробано еден производ на кој пишува 50% хијалуронска киселина, меѓутоа  во самата декларација освен вода и хијалуронска има и глицерин. На самиот производ пишува дека ова претставува раствор на 50 % концентрирана хијалуронска киселина со 16‰. кое е всушност 1,6% раствор. Значи од тој раствор (1,6%) имаат користено 50% во самиот производ, затоа што остатокот се други состојки како на пример глицеринот. Токму затоа на некој начин дојдов до овој заклучок за чистотата на хијалуронската киселина.


Ова е една моја претпоставка, не би можела да знам со сигурност што сака да каже одредена козметичка куќа. Маркетиншкиот ефект знае да излаже, токму и затоа ви ги давам овие информации.

Друго нешто што сакам да разјаснам е дека на интернет многу често може да се прочита дека хијалуронската киселина со висока молекуларна тежина не пенетрира во кожата. Ова апсолутно не е вистина. Доколку молекуларната тежина на хијалуронската кислеина е над 500 далтон пенетрира по малку и многу бавно во кожата. Меѓутоа со текот на времето пенетрира (иако многу полека).

Онаа со пониска молекуларна тежина полесно навлегува и продира и во подлабоките слоеви на кожата, меѓутоа како што напоменав погоре е помалку хидратантна. Идеално би било доколку се користи комбинациј од двата типа на хијалуронска киселина.

Последниов пат кога бев во Рим земав еден навистина прекрасен серум на една од моите најомилени италијански марки на коземтика  Фитокозе (Fitocose) која содржи токму комбинација на двата типа на хијалуронска киселина со што дел пенетрира полесно во кожата до подлабоките слоеви каде ја извршува својата улога, а дел останува на кожата (иако пенетрира бавно) и има за цел да ја задржи што повеќе влагата во самата кожа и да го подобри нејзиниот изглед.



Земав повеќе работи од оваа козметичка куќа за која ќе пишувам во некоја од наредните статии, меѓутоа доколку има читателки кои живеат во Италија и сакаат максимално да ја искористат моќта на хијалуронската кислеина во готов производ со фантастичен ефект, еве ова е производот кој ви го советувам.



Според некои последни истражувања, дојдено е до заклучок дека алое вера гелот има многу сличен ефект како хијалуронската киселина кога станува збор за хидратација и навлажнување на кожата и оддржување на еластичност и мекоста на самата кожа. Го забрзува производството на колаген и ја подобрува структурата на конективното ткиво. Така да сите оние кои не се во можност да користат производи на база на хијалуронска киселина поради разни причини како на пример цената на самите производи или тешко може да ги најдат чисти, може да се обидат и со чист алое вера гел (секако како сеум, а врз него може да нанесете крем за вашиот тип на кожа).

Се надевам дека успеав да ви разјаснам неколку работи за хијалуронската киселина и дека оваа статија ви беше од корист.

Голем поздрав и се читаме наскоро.
Вики

Comments

  1. Здраво Вики,редовно те читам и многу ми се допаѓаат постовите што ги објавуваш.Навистина се корисни.Конкретно,за ова ме интересира дали во Македонија има хијалуронска киселина во чист облик или во прав,како што ја правиш ти,но во тој случај би ми требало и конзерванс...Се сомневам дека ова може да се набави во Македонија,ама за секој случај да си прашам :)) поздрав

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Рената, за жал во Мк не може да се најде (барем онаму каде барав јас, а барав навистина многу). Многу ретко кај нас може да се најдат сурови материи од овој тип за правење на козметички производи. Јас да знаеш колку рецепти правам и колку би сакала да споделам со вас овде на блогот, ама џабе да ви давам идеи кога основните суровини мора да се нарачаат од надвор. Јас хијалуронската киселина секогаш ја носам од Рим кога одам и тоа претходно ја нарачувам во една аптека оти секогаш ја немаат. Исто така и конзервансите ги носам од надвор. Има неколку добри сајтови ама за жал испорачуваат само во ЕУ. Доколку сакаш може да побарам неколку сајтови кои испорачуваат и до Македонија, ама не знам која им е таксата за испорака. Поздрав.

      Delete
  2. Дури и да има испорака многу е скапа. Вики, мислам дека дефинитивно можеш да си отвориш l'angolo di Lola во Македонија бидејки сигурна сум дека со твојата мисија позитивно делуваш на многу читателки, а верувам дека би биле мотивирани уште повеке доколку би можеле да набават суровини.Поздрав

    ReplyDelete
    Replies
    1. Да, драга Нермина, скапа е испораката. Затоа јас на секое одење во Рим веќе претходно нарачувам и после си ги носам во Скопје. Инаку фала ти за убавите зборови, Лола ми е идол. Фантастична е и од неа многу може да се научи. Поздрав и голем бакнеж.

      Delete
  3. Words of wisdom за овие серуми достапни кај нас? https://alfalab.mk/hyaluronic-acid-serum и http://www.docpharma.gr/en/products/doc-hyaluronic-acid

    ReplyDelete
  4. Многу сакам да си направам ваков гел,но најпрвин да си прашам стручно мислење.:)Дали може да ги користам овие капсулиhttp://www.zegin.com.mk/home/products/product-detail.html?uuid=1ecd32f9-084b-40c0-949b-f7fa5392f087 (внатре содржат прав,не течност)? Знам дека не се чист облик на хијалуронска киселина,имаат и други состојки...ама навистина во Македонија е невозможно да се најде.Е сега,најмногу ме мачи проблемот со конзервансот.Би те замолила да ми предложеш што би можела да искористам како конзерванс ,а да го има во Мк,(знам дека многу барам :)) или пак во најлош случај,мислење за тоа колку би траел гелот без конзерванс,ако го чувам во фрижидер.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Драга Рената, не може затоа што не знам за каков тип на хијалуронска киселина станува збор. Потоа има и комбинација на вит. Ц а овие две состојки потребно е добро да се внесат во формулата за да не си пречат меѓусебно. Потоа не знам во каква форма е вит. Ц ама 100% сум сигурна дека е аскорбик аксид кој е нестабилен и веднаш оксидира. Стабилната варијанта САП (содиум аскорбик фосфат) или МАП (магнезиум аскорбик фосфат) е само за козметичка употреба. Потоа без конзерванс нема ни 2 дена да ти трае производот, а згора на сѐ вит. Ц ќе оксидира. Мој совет ти е да не правиш ништо со овие таблетки. Поздрав.

      Delete
  5. Многу ти благодарам,драга.Поздрав

    ReplyDelete

Post a Comment